Кошта и Фон дер Лајен во посета на Јапонија и Кина


Гоелми маки за Урсула фон дер Лајен

Брисел – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, придружувани од високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, од денеска до четврток ќе престојуваат во посета на Јапонија и Кина, во чии рамки ќе учествуваат на самитите меѓу ЕУ и двете земји. 

Денеска на првиот ден од посетата на Јапонија, европската делегација ќе престојува во Осака каде ќе го посетат саемот ЕКСО, на кој свој штанд има и Европската Унија, насловен „Негување на утрешнината“. Штандот ги презентира европските активности поврзани со одржливоста, поврзаноста, инклузивноста и безбедноста.  

Утре, Кошта и Фон дер Лајен во Токио ќе ги посетат компанијата која развива напредна индустриска опрема и прецизна машинерија „Хитачи“ и Токискиот центар за спречување на катастрофи. 

Во попладневните часови по локално време, Кошта и Фон дер Лајен ќе се сретнат со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, по што заедно ќе учествуваат на Самитот ЕУ-Јапонија. Самитот ќе биде фокусиран на понатамошно зајакнување на односите меѓу ЕУ и Јапонија, пред се во областите на безбедноста, одбраната, трговијата и економската отпорност, како и за поддршката на мултилатерализмот и меѓународниот поредок базиран на правила. 

Лидерите ќе разговараат за резултатите од Договорот за економско партнерство и поблиска соработка во развојот на робусни синџири на снабдување и на иновациите и во зелената и дигиталната транзиција. 

Тие ќе говорат и за унапредување на односите во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Јапонија, вклучително и во справувањето со манипулациите и ширењето на дезинформации, зголемувањето на поморската безбедност и соработката во одбранбената индустрија. 

– Јапонија е наш најблизок стратешки партнер во Индо-пацифичкиот регион. Во денешната нестабилна меѓународна средина, ова партнерство е поважно од кога било. Овој самит е уште понатамошно продлабочување на нашата соработка на различни полиња, порача Кошта во пресрет на заминувањето за Јапонија. 

В четврток Кошта и Фон дер Лајен во Пекинг ќе присуствуваат на самитот ЕУ-Кина, со кој ќе биде одбележана и 50-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи.  

– Овој Самит е можност да се ангажираме со Кина на највисоко ниво и да имаме искрени, конструктивни дискусии за прашања што се важни за двете страни. Сакаме дијалог, вистински ангажман и конкретен напредок. Се стремиме кон фер, избалансиран однос што им носи резултати на двете страни, порача Кошта. 

Покрај учеството на Самитот, европските лидери ќе имаат и билатерални средби со кинескиот претседател Си Џинпинг и со премиерот Ли Чијанг. Според најавите, европските лидери со Си ќе разговараат за односите ЕУ-Кина и за актуелните геополитички предизвици, вклучително и за војната во Украина. Со Ли, пак, Кошта и Фон дер Лајен ќе разговараат за трговските и економските аспекти на односите меѓу ЕУ и Кина.