Кошта до лидерите од Западен Балкан: Ајде да работиме да влезете во ЕУ


Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и треба да се работи тоа да се постигне, порача вчера новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта на вечерата со лидерите на Западен Балкан, а на која присуствувале и новата висока претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и комесарката за проширување Марта Кос.

„Иднината на Западен Балкан е во ЕУ. Ајде да работиме за да го оствариме тоа. Ова е пораката што ја испратив, заедно со Каја Калас и Марта Кос на денешната вечера со лидерите на Западен Балкан“, пишува Кошта во објава на Икс.

На вечерата со Кошта беа македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговите колеги од Албанија и од Косово, Еди Рама и Албин Курти, членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ и претседателите на Црна Гора и на Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.

Според извори од Советот, Кошта и лидерите од Западен Балкан разговарале за најновите случувања во регионот, како и за тоа како најдобро да се поддржат тие земји да се доближат до ЕУ и да напредуваат во пристапните преговори.

Целта на вечерата била Кошта на почетокот на својот мандат да се сретне со лидерите од Западен Балкан и да ја потврди својата посветеност да даде нов поттик на односите на ЕУ со тој регион.

Вечерата со лидерите од регионот е подготовка за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18 декември во Брисел и со кој Кошта првпат ќе претседава.

За вчерашната средба премиерот Христијан Мицкоски информираше преку видеообраќање од Брисел. Тој вели дека остварил две билатерални средби, од кои едната со Марта Кос, новата комесарка за проширување, а втората со Антонио Кошта, новиот претседател на Европскиот совет.Пораката што им ја пратил  е дека сме подготвени да разговараме, но не прифаќаме ултиматуми. 

Двете средби, како што вели Мицкоски, поминале во исклучително пријателска атмосфера, во која ги реафирмирал ставовите дека ултиматуми нема да се прифаќаат, но оти земјата е подготвена да разговара. Мицкоски посочи дека на средбите е испратена порака дека македонската влада останува фокусирана на реформи и на обезбедување подобри услови за живот на граѓаните, како и дека главната цел останува да биде полноправно членство на земјата во Европската Унија.