Корупцијата и санкциите го подјадуваат Иран


Американската влада продолжува да ги заострува санкциите врз Иран. Претседателот Доналд Трамп вели дека цел е владејачката елита. Сепак, санкциите го погодуваат и просечниот човек во земјата.

Економскиот тешкотии од санкциите сè повеќе ги чувствуваат 80 милиони жители на Иран. Тоа може да се види насекаде.

Многумина го обвинуваат американскиот претседател Доналд Трамп, односно неговата политика против Иран, откако се повлече од нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили.

Многумина, меѓу кои и Трамп, ја обвинуваат иранската влада, која минува од една економска катастрофа до друга од нејзината исламска револуција пред 40 години.

Шива Кешаварц, 22-годишна сметководителка која наскоро ќе се мажи вели:

„Економската војна е реалност и луѓето се под екстремен притисок. Тие постојано ни кажуваат да бидеме силни и да ги издржиме притисоците, но веќе можеме да го слушнеме звукот на нашите коски кои се кршат под овој притисок“.

Под притисок од американските санкции вредноста на иранската валута падна за околу 60 отсто во минатата година. За време на нуклеарниот договор, за еден американски долар се добиваа 32.000 риали. Денес тоа е за 130.000 ријали.

Инфлацијата, според владините статистики, е зголемена за 37 отсто. Повеќе од три милиони луѓе се невработени.

Амортизацијата и инфлацијата ги зголемуваат цените на овошјето, зеленчукот, гумите, нафтата, мобилните телефони. Едноставен мобилен телефон чини околу две месечни плати на просечен владин работник, додека еден „ајфон“ чини колку 10 месечни плати.

Пуриа Хасани, продавач на мобилни телефони во Техеран вели:

„Нашиот пазар е погоден од санкциите. Кога приливот на мобилни телефони во земјата е блокиран, дилерите ги шверцуваат во земјата на црниот пазар и ги продаваат поскапо“.

„Санкциите предизвикуваат проблеми“, вели Џафар Мусави, кој раководи со продавница во Техеран. Меѓутоа, Мусави, како и многу други Иранци, велат дека економската криза, не е само поради санкциите, туку и поради корупција во земјата.

„Економската војна не е надвор од нашите граници, туку внатре во земјата. Ако има интегритет меѓу нашата влада, производители и народот, би можеле да ги надминеме притисоците“, додава Мусави.

Хосеин Ростами, 33-годишен таксист исто така ја обвинува владата за проблемите во земјата.

„Причината за нашите проблеми е некомпетентноста на службениците. Нашата земја е полна со богатство и има доволно ресурси за дури 30 европски земји“, вели Ростами.

Иран е четврта земја во светот според резервите на сурова нафта и втора според резервите на природен гас.

Но, под кампањата на Трамп за максимален притисок, САД ја прекинаа способноста на Иран да продава сурова нафта на глобалниот пазар заканувајќи ѝ се со санкции на секоја земја која купува иранска нафта.

Во меѓувреме, Иранците добиваат се помали плати а цените растат секојдневно. (Радио слободна Европа)