Корона вирусот може да ја чини глобалната економија 2,7 илјади милијарди долари. Еве зошто


Ширењето на КОВИД 19 на глобално ниво може да предизвика застој на светската економија, пишува „Блумберг“

 

Епидемијата што почна во кинеската провинција Хубеи рапидно се шири. Покрај Кина, епидемијата зема замав во Јужна Кореја, Италија и Иран, а првите смртни случаи се пријавени и во САД. Економска последица може да биде рецесија во САД, во евро-зоната и во Јапонија, најмал забележан раст во Кина и вкупно 2,7 билиони американски долари изгубено производство – што е еквивалентно на целиот БДП на САД.

Ова е најекстремно од четирите сценарија што ги анализира „Блумберг економикс“, врз основа на искуството во Кина, дистрибуцијата на случаи во други земји, процените за ризиците кај глобалните синџири на снабдување и моделот на глобалната економија.

Поради големиот број непознати за траекторијата на епидемијата и реакциите на владите и на бизнисите, прогнозите не можат да се стремат да бидат прецизни, пишува „Блумберг“. Притоа презентира четири сценарија кои ги покажуваат потенцијалните ефекти кај одредени земји и индустрии, како и процена за големина на штетите и нивниот редослед.

Појдовна точка за анализата се случувањата во Кина, каде што продажбата на автомобили се намали за 80 отсто, патничкиот сообраќај е намален за 85 отсто, а деловните анкети покажуваат рекордно ниски нивоа. Со други зборови, економијата практично запре.

„Блумберг економикс“ проценува дека растот на БДП во првиот квартал на 2020 година се намалил на 1,2 проценти на годишно ниво, најслабо до сега. Ако Кина не застане брзо на нозе во март, дури и таа прогноза може да се покаже оптимистичка.

Сценарио 1: Голем удар врз Кина и прелевање во остатокот од светот

Промена на стапката на раст на БДП во 2020 година во однос на почетокот на епидемијата

За другиот дел од светот Кина е важна како извор на побарувачка, но и на понуда и е во фокусот на загриженоста на финансиските пазари:

► Во 2019 година, кинескиот увоз достигна 2,1 билиони долари. Од кафињата на „Старбакс“ до пржено пилешко „Јум“, продажбата во Кина е главен приход за мултинационалните компании. И кинеските туристи кои останаа дома ги погодија сите, од ресортите во Јужна Азија до бутиците во Париз.

► Кина е најголемиот светски производител на компоненти за одделни производи. Кога кинеските фабрики се затвораат, деловите што се вградуваат во сè, од „ајфон“ на „Епл“ до градежните машини, сè потешко се наоѓаат.

► Влијание има и врз малите бизниси. Во Хонг Конг, дизајнер на накит открил дека неговите дигитализирани кинески добавувачи не биле повеќе достапни онлајн. Тие би можеле да произведат 1.000 прстени дневно. Но, неговите работници поминале цела недела правејќи само еден. „Се враќаме како во предисториското изработување накит“, се жалеше тој.

► Шоковите од Кина и претходно се раширија низ глобалните финансиски пазари, вклучувајќи ја и ненадејната девалвација на јуанот во 2015 година. Корона вирусот го повтори моделот во поголеми размери и ги потопи акциите во целиот свет со сите последици врз богатството на домаќинствата и врз довербата на бизнисот.

Доколку успее Кина брзо да воспостави контрола врз епидемијата, и ако светската фабрика се врати во живот во второто тримесечје, тогаш влијанието врз глобалната економија може да биде умерено.

Ова е реална можност. Истражувањето на Made-in-China.com – една од главните платформи што ги поврзува кинеските добавувачи и глобалните купувачи – откри дека до крајот на февруари 80 отсто од производствените фирми почнале со работа. До крајот на април, производствените капацитети треба да се вратат во нормала, вели генералниот директор Ли Леи.

Во таков случај, по сериозниот шок во првото полугодие ќе следува закрепнување во второто, така што за светот во целина, но и за водечките економии како САД, тешко ќе може да се согледа влијанието врз годишните податоци за БДП.

Пред еден месец, кога епидемијата беше ограничена претежно во Кина, а другите економии страдаа од странични ефекти, но не и од нивни сопствени појави, ова се чинеше како веродостојно основно сценарио. Во почетокот на март, со повеќе од 6.000 случаи во Јужна Кореја, речиси 4.000 во Италија, стотици во Јапонија, во Германија и во Франција и растечката загриженост во САД, таквото сценарио делува оптимистичко.

Навистина, ниту една друга земја не е ниту приближно до Кина со пријавените 80.000 заболени. Исто така, демократските земји може да се спротивстават на чекорите за ограничување што ги презема Кина, која ја блокираше провинцијата од 60 милиони жители. Помалку драконскиот пристап би можел потенцијално да ги зголеми крајните трошоци за јавното здравство, но исто така може да резултира со помало краткорочно влијание врз економијата.

Сепак, примерот со компанија за осветлување со седиште во кинеската провинција Зеџијанг покажува како проблемот ја менува околината. Фирмата повеќе или помалку го надмина домашниот шок: сите работници се вратија во фабриката. Но, сега тие се подготвуваат да се соочат со друг проблем: помалку нарачки од странство.

Сценарио 2: Епидемијата предизвикува локализирани нарушувања

Вредностите укажуваат промена на стапката на раст на БДП во 2020 година во однос на периодот пред епидемијата

Што ќе се случи ако проблемот се влоши? Во второто сценарио, претпоставуваме дека на Кина ќе и биде потребно подолго време да се врати во нормала – закрепнување во облик на буквата „U“ на латиница наместо „V“.

„Дури и кога фабриките повторно ќе почнат да работат, сите проблеми нема да бидат решени“, вели Ли, менаџерот на Made-in-China.com. „Многу фабрики ќе се соочат со пречки во синџирот на снабдување“.

Во ова сценарио, исто така, се претпоставува дека Јужна Кореја, Италија, Јапонија, Франција и Германија – најголемите економии покрај Кина, каде што има најмногу регистрирани случаи на заразени со вирусот – покажуваат успех. Според овие пресметки, глобален раст за 2020 година го позиционира до 2,3 отсто – што е под прогнозата од 3,1 отсто за што постоеше консензус пред појавата на вирусот.

Сценарио 3: Заразата се шири

Вредностите укажуваат на промена на растот на БДП во 2020 година во однос на почетната епидемија

Полошо од тоа?

Во третото сценарио, шокот кон Јужна Кореја, Италија, Јапонија, Франција и Германија е уште посериозен, а малку помал за другите држави кои од почетокот на март пријавиле заразени лица. Ова ги вклучува САД, Индија, Велика Британија, Канада и Бразил – што значи дека сите 10 најголеми светски економии се соочуваат со забавување.

Во ова сценарио, глобалниот раст за 2020 година изнесува 1,2 проценти. Еврозоната и Јапонија влегуваат во рецесија, а растот на САД се спушта на 0,5 отсто – доволно да се зголеми невработеноста во изборната година.

Сценарио 4: Глобална пандемија

Вредностите покажуваат промена на стапката на раст БДП во 2020 година во однос на периодот пред епидемија со корона вирусот

Уште полошо?

За да се претстави економското влијание од глобалната пандемија, претпоставката е дека сите земји во моделот се соочуваат со сериозен шок – еквивалентен на падот кој Кина го имаше во првиот квартал.

Ако се случи тоа, глобалниот раст за оваа година ќе се спушти на нула отсто. Соединетите држави би им се придружиле на земјите од еврозоната и на Јапонија во контракцијата – потенцијално менувајќи ја динамиката на претседателските избори. Економијата на Кина, според ова сценарио би имала раст од само 3,5 проценти –  најмала стапка уште од 1980 година, кога штотуку почнуваа реформите на Денг Ксијаопинг. Во светски рамки, загубеното производство достигнува 2,7 билиони долари.

Другите прогнозери исто така го вклучуваат алармот

ОЕЦД ги намали очекувањата за глобалниот раст на 2,4 отсто од 2,9 проценти и предупреди дека може да падне дури и до 1,5 отсто. „Голдман Сакс“ очекува глобална контракција во првата половина од годината. Неодамнешните предвидувања за раст на БДП во првиот квартал во Кина се движат од 5,8 проценти до -0,5 отсто, што го потенцира високиот степен на неизвесност.

Истражувањата на политиките пред појавата на епидемијата со корона вирусот сугерираа дека ризикот е поголем дури и од ваквите најпесимистички предвидувања. Еден документ од 2006 година на Светската банка ја процени потенцијалната цена од тешка пандемија на грип на 4,8 отсто од глобалниот БДП – што би можело да му конкурира на она што беше видено во 2009 г. по финансиската криза.

Можностите на монетарната политика се ограничени

Сето ова налага итни мерки како намалување на основната каматна стапка, зголемување на јавните расходи или двете заедно. На итниот состанок на 3 март, Федералните резерви ги намалија стапките за 50 базични поени, а пазарите очекуваат да следат уште вакви мерки. На состанокот на Г-7 шефовите за финансии на најразвиените економии ветија дека „ќе ги искористат сите алатки што им се на располагање за да постигнат силен, одржлив раст и да се заштитат од надолните ризици“.

Во епицентарот на кризата, Народната банка на Кина досега повеќе одмеруваше, намалувајќи ги стапките за само 10 основни поени и наложувајќи им на кредиторите да го олеснат долгот на должниците. Во соседна Кореја, централната банка беше исто така претпазлива – свика итен состанок, но не успеа испорача намалување на стапките како што очекуваа пазарите. Според гувернерот на корејската централна банка можностите на монетарната политика за да се спротивстави на вирусот се ограничени.

Ваквото гледиште можеби нема да помине кај инвеститорите, но во учебниците за економија има цврста основа.

Во најмала рака вирусот беше шок на страната на понудата – затворајќи фабрики и принудувајќи ги работниците да останат дома. Тука креаторите на политиките не можат да направат многу. Намалувањето на стапките и зголеменото трошење ќе им помогне на кревките финансиски пазари и ќе ја оживее побарувачката откако ќе заврши кризата. Во екот на епидемијата, стимулативните мерки ризикуваат да ја поттикнат инфлацијата без да се забрза растот – што го прави проблемот полош, а не подобар.

Ако на ова се додаде историски најниското ниво на каматните стапки во светот и високото ниво на долг – што го ограничува просторот за маневрирање – станува јасно зошто креаторите на економската политика, како и сите други во светот, се надеваат дека епидемијата ќе може брзо да се стави под контрола. Нивната сопствена алатка не е соодветна за задачата, пишува „Блумберг“.