Корона чао, Чукни во дрво, Ќе мине сѐ: Пее естрадата од карантин и урива рекорди

Во оваа фаза на изолација, кога сме повеќе од месец и половина во неможност да твориме и да ги исполнуваме своите обрски, естрадата најде начин да се доближи до публиката, да ја охрабри, да ѝ даде поддршка, да се солидаризира, да ѝ помогне, да знае дека не е сама. Со помош на песна, зашто музиката е таа што лекува и поврзува. Во моментов кога светот е под клуч, се рушат границите со домашни и светски хитови или кавери и преработки. Под мотото #ОстаниДома, онлајн, од далечина, „музички се гушкаат“ и ги спојуваат позитивните енергии познати изведувачи од поп, фолк и од класичната музика, и по некој актер.
„Корона чао“, „Уште ми фалиш“, „Чукни во дрво“, „Што ми е мило“, „Чија си“, „Ќе мине сѐ“ се насловите од музичкиот репертоар чија објава на социјалните мрежи рушат рекорди со прегледи и слушаност во земјата и регионот.
Најангажиран на тоа поле е тенорот Благој Нацоски кој е во карантин во Џенова, каде живее и работи последните 8 години од 22 години колку е во Италија.
Во една од земјите најпогодени од Ковид-19 во светот, Нацоски, по предлог на Александар Митевски и Драган Спасов-Дац ја направи италијанската верзија на нивната ланска песна од „Макфест“ – „Уште ми фалиш“.
„Физички сме одвоени, но емотивно посплотени од кога било. Кога далечината нѐ спојува, се бориме против ова зло со заеднички сили. Никому не му е лесно, но на некои им е најтешко. Во мислите ни се сите оние што изгубија свој близок. Се гушкаме музички, бидејќи поинаку не е можно засега. Македонија и Италија, односно Александар, Дац и јас ви праќаме една музичка прегратка со оваа песна“, изјави тогаш Нацоски кој најави дека Италија полека излегува од критичниот период и дека од 4 мај ќе следува т. н. „Фаза 2“ .
После тоа се појави со нова видео снимка со народната „Што ми е мило“, а последната музичка прегратка беше со евергринот „Чија си“ на Славе Димитров.
„Пред некое време на мојот профил на Инстаграм направив анкета за најубава македонска песна на сите времиња. Најголем број на гласови доби ‘Чија си’ од Славе Димитров, но и мене ми е една од најомилените. Денес една музичка прегратка од мене токму со неа“, напиша Нацоски.
Под мотото #ОстаниДома, група од врвни македонски изведувачи од поп, фолк и од класичната музика и еден актер меѓу кои: Влатко Стефановски, Калиопи, Тамара, Весна Гиновска Илкова, Симон Трпчески, Андријана Јаневска, Ленче и Горан Кукиќ, Игор Џамбазов, Бени, Александар Митевски, Драган Спасов – Дац, Вера од Љубојна, Влатко Лозановски, Пере од Нокаут, Миле Кузмановски и Васил Зафирчев, ги соединија своите гласови и позитивни енергии во изведба на легендарната „Чукни во дрво“.
Покрај авторот на песната Влатко Стефановски, свој придонес во проектот дадоа Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во аранжаман и под диригентска палка на Ерхан Шукри, Иван Кукиќ на бас гитара и Јан Стефановски на тапани.
Секој од учесниците, самостојно од дома, испратија обединета, универзална порака за она што е сепак најважно – здравје, среќа и љубов!
Александар Митевски и Драган Спасов – Дац пак направија кавер на познатата „Bella Ciao“, во придружба на Брастет Скопје. „Верзијата е направена за еден ден, од идеја до реализација, со многу љубов“, велат тие за „Корона Чао“ која стана регионален хит со над милион и пол прегледи на социјалните мрежи. Песната ја бендиса и бугарскиот претседател Бојко Борисов кој на ФБ ги поздрави за нивната поддршка во борбата против коронавирусот.
Велешките музичари се обединија за да му испратат охрабрувачка порака на светот дека „ќе мине сѐ“. Шеснаесет пејачи и пејачки, вклучувајќи ги и членките на групата „Д Чикс“, снимија преработка на хитот од 1985 година „Ние сме светот“ (We Are the World), со симболичен наслов „Ќе мине сѐ“.
Автор на текстот е Огнен Неделковски, а аранжманот го направија Стојанче Иванов и Оливер Тевчев. Во изведувањето на песната учествуваат Дејан Попов, Стефани Алчева, Трајче Бондиќов, Катерина Брезева, Трајче Малинов, Мими Јовановска, Баже Натов, Стојанче Иванов, Симеон Иванов, Трајче Ристов, Оливер Тевчев, Борче Стојанов, Тихомир Тевчев и триото „The Chicks“.
Спотот е снимен со мобилни телефони, во домовите на учесниците во проектот „Од Велес за светот“.
И Сара Мејс во време на коронавирус издаде нова песна „Наше време“. Со неа и карантин видео – секој сниман во сосема домашни услови.
„Убав ден ќе биде, ќе нѐ грее сонце силно сите тогаш, некој ќе ни спомне, ќе ни раскаже како било некогаш“, вели Сара Мејс во песната.
Тимски создадена, музиката на „Наше време“ е на Сара Мејс, како и изведбата на харфа, вокали – Сара Мејс, Теона Јованоска и Матеј Додевски, Симеон Ангеловски – бас гитара, Драган Теодосиев – тапани, Зоран Јагоридовски – конги, додека за звукот се погрижи Ивица Јанкуловски. (Л.С.)