Констракта на чекор до Евросонг, слушнете ја песната со која оди на српскиот избор (видео)


Српската пејачка Ана Ѓуриќ, попозната по уметничкото име Констрактa, повторно ќе се обиде да избори место на Евровизија, која годинава се одржува во Малме, Шведска од 7 до 11 мај. Откако пред две години со песната „In corpore sano“ предизвика огромен интерес и го освои високото петто место на Евровизија во Торино, овојпат се надева на успех со песната „Ново, боље“ со која се натпреварува на српската Евровизија.

Песната „Ново, боље“ е, што се однесува до темата, можеби и малку помрачна од песната „Ин корпоре сано“. Инаку, тие потекнуваат од истата музичка работилница, а фокусот е на теми на владејачките идеологии и вознемиреноста што тие ја носат.

„Оваа тема е изџвакана повеќе од милион пати, но сепак актуелна“, изјави 45-годишната Констракта за српскиот портал Danas.rs.

Пејачката го коментираше и учеството на овогодинешниот Евросонг.

„Натпреварот има добра видливост и лесно можете да допрете до пошироката публика со вашата работа. Бев на Евровизија, па моја лична амбиција не е да бидам на Евровизија“, објаснува пејачката.

Српскиот избор за Евросонг ќе се одржи од 27 февруари до 2 март. На изборот се пријавиле 235 композиции, а жирито на Радио телевизија на Србија (РТС) ги избра 28-те најдобри кои ќе се натпреваруваат во директните преноси. Од нив 14 настапуваат во првата полуфинална вечер (27.02), како и во второто полуфинале (29.02), а потоа најдобрите 16 одат во големото финале  на 2. март.