Конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените, мајките и децата од руралните населени места и од ромските средини во пристапот до здравствена заштита“


 Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ денеска во хотелот „Мериот“ во Скопје ќе одржи прес-конференција на тема „Предизвици со кои се соочуваат жените, мајките и децата од руралните населени места и од ромските средини во пристапот до здравствена заштита“.

Наодите од истражувањето, кое го спроведе ЕСЕ ги детектираа клучните проблеми со кои се соочуваат жените од руралните средини во пристапот до услугите за женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата.

– Иако мнозинството од жените од рурални средини имаат избрано матичен гинеколог, сепак постои значителна незадоволена потреба од гинеколошка здравствена заштита. Имено 32 отсто од жените од рурални средини не посетуваат гинеколог дури ни кога имаат потреба од тоа. Оддалеченоста на ординациите на матичните гинеколози од руралните средини, недоволниот број на матични гинеколози во регионите, проследено со финансиските трошоци за пат, како и наплаќањата од страна на матичните гинеколози се клучните причини за оваа состојба, наведоа од ЕСЕ.

Од Здружението додадоа дека жените од руралните средини се несоодветно опфатени со програмата за скрининг на рак на грлото на матката, бидејќи за период од четири години само 26 проценти од овие жени биле опфатени со оваа програма.

– Воедно се бележат бариери и во пристапот до здравствена заштита за време на бременоста кај жените од руралните средини, па така  осум отсто од бременостите поминуваат без ниту една здравствена контрола, додека жените кои одат на преглед прават пет до шест здравствени контроли за време на бременоста, наместо потребните осум до 10 прегледи. Опфатот со патронажни посети за време на бременоста и по породувањето исто така е недоволен во руралните средини. Здравствените контроли на доенчињата родителите од одредени рурални средини не можат да ги вршат кај педијатар, пред се поради недостиг од матични педијатри во регионите каде живеат, наведоа од ЕСЕ.

Наодите од истражувањето на ЕСЕ укажуваат и на клучните проблеми со кои се соочуваат жените Ромки во пристапот до услугите за женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата.

– Имено само нешто повеќе од половина од жените Ромки имаат избрано матичен гинеколог, пред се поради тоа што немаат матичен гинеколог во својата општина, како и поради наплаќањето на услугите од страна на матичните гинеколози. Поради овие причини и 35 отсто од жените Ромки не одат на гинеколошки преглед дури и кога имаат потреба од истиот. Особено се истакнува проблемот дека 40 проценти од жените Ромки не можат финансиски да си ги дозволат гинеколошките прегледи. Сите овие причини влијаат на тоа да помалку од 20 отсто од жените Ромки биле на редовен превентивен гинеколошки преглед во последните 12 месеци. Само 12 проценти од жените Ромки се опфатени со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката на Министерството за здравство во периодот од 2018 до 2021 година, истакнаа од Здружението.

Оттаму посочија дека во однос на здравствената заштита за време на бременоста, нотирано е дека 8,3 отсто од бременостите кај жените Ромки поминуваат без ниту една здравствена контрола. Од Здружението додадоа дека само околу една третина од жените Ромки се посетени од патронажна сестра по породувањето, при што состојбата е најкритична во општината Шуто Оризари.

– Сите горенаведени состојби можат да имаат значително негативно влијание врз здравјето и животот на жените, мајките и децата од руралните средини и од ромските заедници. За сите овие теми, подетално излагање на конференцијата ќе имаат наши претставници, наведоа од Здружението ЕСЕ.