Конески е ороводецот од „Тешкото“: Интервју со проф. Весна Мојсова-Чепишевска

Напишаното од Конески треба постојано да го читаме. Неговиот тестамент за македонската култура е огромен и чудесен, вели Чепишевска во интервју за „Независен“


Фото: Б. Грданоски

 

„Има одредени мисли, како онаа на Блаже Конески дека ‘јазикот ни е единствената комплетна татковина’, која толку многу се употребува што доведува до степен да се злоупотребува. А голем број од нив да ги прашате што Конески подразбира под поимот ‘комплетна татковина’, кој е доведен во релација со македонскиот јазик, не ќе можат да ви одговорат зашто воопшто и не ја разбираат“, вели во интервјуто за „Независен“, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во однос на прашањето за македонскиот јазик кој од научната арена пред секои избори кај нас, се префрла во политичката арена. 

Не случајно, фотосесијата за инспиративното интервју со универзитетскиот професор,  критичар и есеист, за нејзиниот завиден опус, за јазикот како суштински елемент на македонскиот идентитет, за великаните на македонскиот пишан збор…, го правевме во МАНУ, покрај бронзената биста на Конески, со кого се занимава речиси цел работен век. Како научник-славист, тој ги направил најголемите чекори за македонскиот литературен јазик, но беше и првиот претседател на највисоката научна инситуција кај нас, и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. 

Фото: Б. Грданоски

Важите за водечки познавач на современата македонска книжевност, па оттаму често ве гледаме на промоции како промотор или како рецензент на одредени, исклучиво врвни дела. Тие случувања за книжевната публика се празник. Како успевате во тоа мноштво на различни книги, да се вклучите и исклучите, во однос на жанрот и пак да го задржите вашиот авторски потпис?

За мене читањето книги е како дишење, како вдишувањето и издишувањето на воздухот. А без воздух можете да преживеете нешто повеќе од 40-50 секунди, можеби можете и повеќе, ако имате добро развиени гради, ако сте со добра, спортска кондиција… Па, ете, за мене книгите се мојот воздух кои ми ги полнат белите дробови. Од друга страна, како што воздухот има различен квалитет и книгите се жанровски, тематски различни, некогаш се со вкус на чај од мајчина душичка, некогаш со мирис на јоргован, со возбуда на морски воздух, на планинско зеленило, на езерска синевина, на градска бучава и смрдеа. Некогаш читајќи, книгата ме прочистува, некогаш ме вознемирува и возбудува, почесто ме запрашува, па и заплашува… ама продолжувам да читам како што продолжувам да дишам… Ако престанам, ќе престанам и да живеам. Жанрот не ми е пречка, туку предизвик. Кондиција стекнувам и со тоа што сум дел од повеќе жири комисии. Посебен предизвик ми е учеството веќе неколку години во жирирањето на поетска збирка во ракопис што конкурира за наградата „Антево перо“. Или ова најпоследното читањето на ракописи кои конкурираа за нововостановената награда за најдобар роман за деца и млади „Оливера Николова“.

А авторскиот потпис, како што забележувате, сигурно сум го постигнала со години и години работа и работа. Со постојано пишување. Притоа секогаш се трудам и кога пишувам, рецензирам и кога презентирам т.е. промовирам да ги имам предвид покрај академската фела и обичните сладокусци на книги, обичните читатели. Сакам да покажам како она што мене ме возбудило во книгата може да го возбуди и секој еден на кој културата и литературата му се важен сегмент од сопствена егзистенција, од личниот идентитет. И да бидам искрена, ја сакам сцената. Таа ми е магија. Јас и училницата, амфитеатарот кога предавам ги доживувам како сцена. Можеби и тоа уживање при промовирање или модерирање ми е нешто што сум го понела од детството, од годините кога растев и се развива низ школата на Детската радио драма, подоцна позната како Детско драмско студио на Македонското радио под водство на Софија Гогова-Врчаковска. Тие мои незаборавни десет години членување (сѐ до факултет) ме направија да бидам толку самоуверена пред микрофон и толку артистична на македонската книжевна и културна сцена.

 

Вашето поле на книжевно истражување се протега од поезијата, романите, преводите, критиките, од втемелувачите и великаните на македонската книжевност, до литературата за деца. Не сакате да се фокусирате на еден жанр, или едноставно како креативен ум ви е потребна една таква прошетка?

И професионалниот ангажман како професор по современа македонска книжевност, но и по книжевност за деца  не ми допушта да се задржам само на еден жанр. Професорувањето, подучувањето на идните македонисти и професори по македонски јазик и македонска книжевност и култура ме истренира да бидам подеднакво посветена во своите книжевни истражувања и пишувања книги и учебници без да правам компромиси и да подпаѓам под други влијанија. Некако чувствувам дека сум обврзана да следам многу работи од македонската култура. А литературата за деца е мојот еликсир. Јас низ своите години станувам сѐ постара, повозрасна, ама читајќи книги за деца јас сѐ посилно навлегувам во детството на овие денешни деца и така при тоа читање и пишување за најновите книги за деца јас се подмладувам да не речам и дека малку од малку и подетинувам хахаха…

 

Вие сте и автор  на првата книга за македонскиот роман во 21. век, во кој критички се опфатени романите на Оливера Николова, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Блаже Миневски, Венко Андоновски, Томислав Османли, Лидија Димковска, Калина Малеска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски и Дијана Петрова, а се осврнувате и на делото од Влада Урошевиќ. Не случајно насловена како „Час по незадолжителна лектира“. Зошто досега ја немавме?

Сериозни студии за македонскиот роман, но оној на 20. век оставија Христо Георгиевски („Македонскиот роман: 1952 – 2000“) и Венко Андоновски („Структурата на македонскиот реалистичен роман“). И оваа моја најнова книга е навистина прва која целосно му се посветува на романот на 21. век. И покрај тоа што постојано се нагласува дека 21. век не е век на големи нарации, зашто времето станува сѐ пофрагментирано, зашто не може да се изнајде вистинското време за читање, зашто сѐ е во некаква колажност и во страшна брзаница… ама ете романот си живее и особено си живее на македонската книжевна сцена, а сѐ повеќе добро котира преку преводите и на европската. Насловот е скокотлив, некому можеби му е и контрадикторен. Сакав да звучи нешто меѓу академско/строго и популарно. Затоа во спрега ги ставив часот и лектирата, ама таа лектира ја означив со незадолжителна… Впрочем, овие мои исчитувања се еден вид препорака и желба мојата лектира да стане сечија. „Час по незадолжителна лектира“ е дневнички записи за исчитани романи и таа не претставува класичен критички преглед, туку е книга што е вредносна вертикала на македонскиот роман во втората и третата деценија на 21. век. Мислам дека книгата е со иновативна структура, во духот на современите дневници на прочитани книги, а таквиот формат ми беше потребен за современиот македонски роман да го доближам до поширокиот читателски аудиториум. Дополнително, преку овој формат се обидов да ги популаризирам и вредности од другите форми на уметнички израз од современата македонска култура, вклучително и музиката и филмот. Како, на пример, читајќи го и пишувајќи за романот „Тромбот“ од Оливера Николова јас со својот осврт не само што го препорачувам како една незадолжителна лектира, туку препорачувам и песна и филм, како онаа „Море сокол пие“ (за која има QR-код и до која може лесно да се стигне преку мобилниот) од филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски. Секако го препорачувам и самиот филм. Или пак, романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски оди со песната „Кандилце“ (повторно преку QR-код се доаѓа до самата песна) од Влатко Стефановски и филмот „Превртено“ на Игор Иванов Изи. Или романот „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски, (кој, инаку, е роман за Блаже Конески) оди во пакет со песната „Везилка“ на Фолтин и документарниот филм „Јанѕа“ на Никола Т. Калајџиски. Така, книгата добива една додадена вредност за севкупната македонска култура, поттикнувајќи и интеракција со читателот. И да не заборавам и ова да го споменам. Сите овие дневнички записи пред да станат дел од оваа книга, беа објавени во некои книжевни печатени и електронски списанија и портали.

А зошто досега ја немавме, не можам да одговорам … За еден ваков тип книга и мене ми требаше сериозно авторско созревање …

Фото: Б. Грданоски

Бев возбудена дека ја напишавте и рецензијата за романот на Мира Фурлан „Сакај ме повеќе од сè на светот“, но и за жените во македонската книжевност за кои е пишувано повеќе како инспирација, како онаа Раца на Кочо, како Дениција што му била на Петре, отколку за нивниот личен успех на полето на македонската книжевност. Зошто и во 21.век е уште така?

Е ајде де, ЗОШТО? Очигледно еманципацијата сѐ уште е само декларативна или народски кажано таа живее на хартија, како убава лекција. Во тој контекст ние сѐ уште мораме да докажуваме дека вредиме и дека не сме само кукли во излогот, туку личности со автентичен, моќен глас, со свој став…

А книга на Фурлан некако посебно ме допре! Тоа е и книга која да можев, би сакала токму јас да ја напишев. Истовремено ми требаше и спокој и страст за да ги исчитам 700-тините страници исповед, или подобро речено да ја ислушам оваа нејзина (моно)драма. Во „Сакај ме повеќе од сè на светот“ Мира Фурлан е најмногу Мира Фурлан. Целата! До коска! Ме трогна тоа нејзино разголување… И таа нејзина истовременост и на силна и нежна, и на моќна и кршлива жена. Она што ја прави Мира Фурлан посебна и своја, тоа е токму потребата да биде слободна и генерално што ја застапува идејата да се биде слободен (по секоја цена, во секоја смисла). Ма, таа е жена карпа! И ета токму книгата „Сакај ме повеќе од сè на светот“ ме (нè) учи како да ги сакаме другите дури и кога тие не ме (нè) сакаат!

 

Како извонреден познавач на опусите на Блаже Конески, Коста Рацин, Петре М. Андреевски, Венко Андоновски… зошто постојано и постојано треба да се препрочитува нивната поезија и проза?

Зашто се работи за добра книжевност! Зошто не се поставува прашањето зошто треба да се препрочитуваат Хемингвеј, Сартр, Достоевски… ? Така и со овие нашиве автори. Тие ни дадоа, ни оставија добри книги, јаки приказни, вечно провокативни теми … и зашто тие стануваат, тие веќе се нашата класика!

 

Важите за универзитетска професорка која што во нашата наука ја оствари согледбата за Конески како нулта точка на македонската култура. Ја објавивте книгата „Конески како тестамент“, за која ја добивте наградата „13 Ноември“, но и по ова значајно дело продолживте неуморно да истражувате за Конески. Каков тестамент ни истави Конески и зошто не смееме да го затвориме?

Севкупното дело на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и самата Македонија. Тестамент е нешто што се прифаќа. По тестамент се постапува. Тој не се менува, иако понекогаш може и да не ни се допаѓа. А факт е дека никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век, не го познава Конески целосно, туку познава само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува. И во тој контекст и мојата слика за Конески наспрема сите нас… Како кога ќе фрлите камче во вода и тоа создава концентрични кругови. Конески е нашето македонско камче, но концентричните кругови се шират до бескрај. Ние можеби сме во вториот или третиот концентричен круг. Мислам дека напишаното од Конески треба постојано да го читаме, зашто во него треба да го гледаме ороводецот на „Тешкото“ – оној што се качува на тапанот и ги поведува другите и им е пример… И во буквална, и во преносна смисла! Неговите едновремена простост и строгост во изразот се амблем на севкупната македонска поезија и на севкупната македонска култура. Затоа не смее да го затвориме.

 

Забележувате дека наспроти неговата големина, Конески во текот на неговиот живот бил скромен и повлечен, кроток и затворен во себе како во јатка оревче. Меѓутоа она што го оставил запрепастува. Првиот македонски правопис од 1945 година и Граматиката подготвена од него се основата за сè потоа. Затоа и се отвора едно големо прашање: дали има потреба од надградба на оваа негова Граматика, зашто јазикот е жива материја и постојано се збогатува?

По вокација не сум класичен лингвист, јазичар… За мене македонскиот јазик е најсилната алатка со која можам да ги искажам сите нијанси на моите идеи и ставови. На ниеден друг јазик не сум толку силна. Но, ако тргнеме од сознанието дека јазикот расте, се развива, дека овој македонски јазик, овој во 2025, е секако малку поразличен од тој од 1945, од времето кога се стандардизирал, исто онака како што тој македонски јазик од 1945 бил поразличен од оној на кој е пишувана книгата „За македонските работи“, тогаш треба малку похрабро да размислуваме и за надградба на неговата Граматика. Така што факт е дека јазикот на Конески се накалемил на јазикот на Мисирков. И факт е дека мојот јазик од детството е нешто повеќе поинаков од јазикот на Миладиновци, Прличев, Цепенков… тогаш е логички дека треба да се размислува и во тој правец. Но главното прашање, вистинската дилема е: ЌЕ СЕ ИЗНАЈДАТ ЛИ ЈУНАЦИ ЗА ЕДЕН ТАКОВ ПОДВИГ!?

 

Која е Вашата оцена – колку во нашата средина до крај е исчитано напластеното во слоевитиот опус на Конески? И морам да Ве прашам, директно – колку според Вас, вистински го познаваме Конески?

Ние мислиме дека го познаваме. И јас не го познавам докрај! Можеби го познавам нешто повеќе од некои други, ама … Кога излезе мојата книга „Конески како тестамент“, имаше некои закачки упатени на моја адреса од типот: Зошто Конески како тестамент? Или: Што пишува во тестаментот на Конески? Некои од колегите дури и негодуваа на поврзувањето на Конески со терминот „тестамент“. Затоа што тој немал напишано или барем не знаеме дека напишал тестамент во кој го „распределува“ наследството. На тоа секако следеше мојата реакција со зачуденост дали од „патријархот на македонското слово“, како што го нарече грчкиот поет Костас Валетас – од човекот со тестаментално дело за севкупната македонска култура треба да се очекува својот тестамент да го запише во некаков правен акт, а не во своите поетски, есеистички и научни текстови.

И да се навратам на моето признание дека и јас сѐ уште не сум го доисчиталa, не сум го прочитала докрај тестаментот на Конески. Иако можеби многу сум читала од стручните текстови на Конески посветени на македонската книжевност, на македонска култура, на македонските преродбеници, на македонските учебникари, секогаш кога одново ќе им се навратам, имам чувство дека нешто сум прескокнала во претходното читање. И секогаш сум запрепастена како тоа не сум го прочитала претходниот пат. Со секое ново навраќање кон текст на Конески откривам нешто друго, ново. Секогаш поврзано со нашиот бит и нашиот културен код. Такво ми беше чувството и сега кога требаше да пишувам предговор за фототипното издание на „Тријазичникот“ на Ѓорѓи Пулевски. Требаше одново да исчитам сѐ што Конески напишал и за Пулевски, но и за останатите современици на Пулевски за да го расветлам, за да си го осветлам тој комплексен македонски 19. век.

Фото: Б. Грданоски

Имате изјавено или напишано дека другите, поголеми културни средини, и во однос на лингвистиката, и во однос на книжевноста и во однос на науката воопшто, чувствуваат извесна завист што ние Македонците го имаме Конески. Затоа што тие немаат личност од форматот на Конески. Затоа надвор од нашата културна средина се гледа со толкав пиетет кон Конески и неговото дело.

Зашто едноставно кажано – Конески е пет во едно – лингвист, книжевен историчар, книжевен теоретичар, преведувач/препејувач и автор/писател. Тој е врвен лингвист, врвен книжевен историчар, голем книжевен теоретичар, суптилен преведувач и велик поет!

 

Зошто тогаш го оспоруваме дома и го навредуваме како „џуџето од Небрегово“ или како „Коњевиќ“?

Овие квалификативи не го навредуваат само лично Конески, туку ме навредуваат и мене, ја навредуваат и македонската интелигенција, македонската наука, македонската универзитетска фела…

И Конески напоменува дека не еднаш го чул мислењето, и од свои пријатели од странство, дека е „погрешно пласиран човек“. „Тоа значи дека не требало да се родам каде што сум роден или, во најмала рака, требало со време да се иставам оттука и да си ја барам среќата на друго место. Познато е дека некои поети, и кога почнале да пишуваат на својот ‘мал’ јазик, подоцна со успех се потврдиле и стекнале дури меѓународна репутација, преминувајќи на некој светски јазик. За таа појава се наоѓа објаснение во една целосна општествена и лична ситуација“, вели Конески. Но дециден е дека тоа, во „неговиот случај“, едноставно не било „можно“. Тој ниту можел, а ниту сакал да ги „изневери идеалите на својата генерација“. А познат е и неговиот став дека не постојат мали и големи јазици, како и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. Токму такви некои мали (ситни) души (ако може и да се именуваат со души) фрлаат вакви отрови. Нам ни останува да ја почитуваме една од повеќето пораки што Конески ни ги остави како тестамент, а тоа е и понатаму да пишуваме на овој „мал јазик“.

Па затоа во овој контекст да ја употребиме поговорката: „Кучињата лаат, караванот си врви.“ Очигледно само тоа им останува: да лаат…

 

За да не нѐ доживува останатиот свет, како што велите вие, како книжевност која постојано преџвакува една иста локална приказна, мора да се изнајде пат на кој ќе останеме свои на своето и во чии рамки ќе говориме за една универзална тема со цел да нѐ разберат и другите/останатите. За бесмртноста, верноста, суетата, гревот, зависта… Можеме ли?

Како не! Мислам дека тоа веќе и го покажуваме, особено преку новите теми во македонскиот роман, во македонската книжевност за деца. Сосема поинаква е македонската книжевност на 21. од таа од минатиот век. Иако, морам да бидам докрај искрена, сѐ уште не се појавила некоја македонска книга што ме треснала, што ме оставила без збор… И покрај тоа, што македонските книги стануваат сѐ попривлечни за превод. А тоа е така, можеби зашто почнуваат да зборуваат токму за универзални теми, за темите кои ги споменавте. Ова отворање на нашата книжевност е можеби заради тоа што се случуваат и размена на искуства, квалитетни разговори на исклучително добро организираните книжевни фестивали („Букстар“, „Прозарт“). Во овој контекст треба да се споменат и гостувањата на големи европски книжевни имиња во Македонија, но и учествата на нашите автори на разни резиденции, нивните престои надвор од Македонија… Иако понекогаш имам чувство дека во еден ден има и премногу настани, промоции, проекции… Па човек од што не знае кај попрво да оди, ќе си реши да си остане дома хахаха… И да си чита тоа што сака или да си гледа филм, серија…

Фото: Б. Грданоски

Прашањето за македонскиот јазик од научната арена пред секои избори кај нас, се префрла во политичката арена. Како една популистичка мантра која задира во идентитетот на секој граѓанин, во смисла го имаме, го губиме, и која ветува сигурна победа на изборите. Што е за вас идентитет како книжевен научник?

Сосема сте во право. Има одредени мисли, како онаа на Конески дека „јазикот ни е единствената комплетна татковина“, која толку многу се употребува што доведува до степен да се злоупотребува. А голем број од нив да ги прашате што Конески подразбира под поимот „комплетна татковина“ кој е доведен во релација со македонскиот јазик, не ќе можат да ви одговорат зашто воопшто и не ја разбираат.

Инаку, својот идентитет освен што сум го изградила во мојот дом (и тој од детството и овој сегашниов), освен што во мојот ген се измешале тетовските приказни на баба ми Милица, егејските кажувања на баба ми Дилба и дедо ми Ристо, кривопаланечките раскажувања на дедо ми Гроздан, скопските новомаалски живеења на мајка ми Љубица и фудбалските доживувања на татко ми Сократ, тој мој ген се хранел и со сите книги кои ме научија да ги читам моите учителки, моите наставнички по македонски јазик и литература и во основното училиште некогаш „Браќа Рибар“, а сега „Димитар Миладинов“ и гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во тој контекст идентитетот не се дефинира со кажување мудри изреки од големите македонски мајстори на речта притоа извадени од контекст и контаминирани со силна квазипатриотска реторика. Идентитетот е она што ми тупка додека ја читам Рациновата „Ленка“ или Петревата „Дениција“, она што ме разгорува додека предавам за тврдоглавите на Јаневски, додека ја слушам „Везилка“ на „Фолтин“, додека го гледам „Црно семе“ на Кирил Ценевски, додека пливам во Охридското Езеро, додека го гледам целото Мавровско Езеро како на дланка од балконот на нашата куќа… додека пишувам за македонската книжевност и додека ги презентирам сознанијата, читањата за таа македонска книжевност на разни конференции, симпозиум, конгреси и дома и во странство, додека ја ставам во дијалог мојата книжевност со онаа на другиот, македонската книжевност и култура со европската и светската книжевност и култура. Како кога на 12. Македонско-северноамериканска конференција што се одржа од 11 до 13 септември оваа година во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид понудив една книжевна средба меѓу Славко Јаневски и Едгар Алан По. Или кога пред нешто повеќе од десет години на една голема иберо-словенска конференција што се одржа на Универзитетот во Лисабон зборував за допирните точки меѓу простата и строга македонска песна и португалското фадо, низ примери од поезиите на Петре М. Андреевски и Васко Граса Моура, кој е преведен на македонски (како добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата). Некој може и да си помисли од каде оваа дрскост за една ваква споредба. Но само кратко во името на оправданоста за ваквата споредба. Имено, во македонската поезија владее специфична атмосфера која може да се подведе под одредницата блага меланхолија/елегичност и таа провејува многу повеќе отколку самата радост. Токму по однос на таа атмосфера македонската песна е блиска до португалското фадо, олицетворение на тагата и склоноста кон страдањето. Двете опстојуваат долго и стануваат препознатливо обележје на силното национално чувство. Или оној труд кој го изнесов на Универзитетот во Перм, во кој ги ставив во спрега драмските писма на Дејан Дуковски и Василиј Сигарев (со посебен акцент на „Буре барут“ и „Пластелин“), зашто и двајцата се дел од драмската литература на балканските но и европските простори, која го сврте вниманието на себе со својата експлицитна грубост/суровост и профитабилност, зашто и двајцата ја практикуваат т.н. драматика на бруталноста, зашто и двајцата пишуваат драми за машкоста која е во криза.

 

Во секоја политичка кампања, имам чувство дека се (зло)употребува прашањето на македонскиот јазик и литература, идентитет, се меша со патриотизам и предавство. Што ние како држава правиме за промовирање на нашата „македонштина“, што правиме за зачувување на македонскиот јазик дома, во однос на студиите, нашите лектори во светот се жалат на бедни плати. Дали нашата „борба“ е само „мртва буква на хартија“? Вие како лектор и како како долгогодишен директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик најдобро го знаете тоа.

Пред сѐ многу сакам да знам  што тоа јас сум направила. Поточно на кој начин јас сум придонела за македонштината и дома и надвор. Не треба некој да ми ја дава, да ми ги дефинира границите во кои треба да ја манифестирам, на кој начин да ја искажувам… Секој еден од нас треба да тргне од личниот влог. Затоа се трудам да бидам посветена на секој еден студент. И во тој контекст со гордост можам да си ги кажам некогашните студенти кои поминале низ моите предавања, кои дипломирале или магистрирале, па и докторирале под мое менторство… како Јулијана Величковска (сѐ помоќно поетско име кое годинава ја освои наградата „Браќа Миладиновци), Татјана Б. Ефтимоска (врвен лектор и професор), Ѓоко Здравески (поет, преведувач и до скоро лектор по македонски јазик на Иналко во Париз, а сега на Универзитетот во Ниш), Душко Крстевски (поет, преведувач, еден од оние што со своите преводи од бугарски на македонски постојано прави да се доближат и двете книжевности и култури, но и двата народи), Иван Антоновски (автор, колега, сѐ повеќе популарен како писател за деца и во тој контекст оваа година ја доби и наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за најдобра книга за деца), Дијана Петрова (авторка на неколку книги меѓу кои нејзината последна се најде и како дел од мојата „незадолжителна лектира“), Станка Бајлозова-Барламова (која пред неполн месец ја отпечати својата втора книга раскази „Облогот“), Марија Костадиновска (авторка на книги за деца), Елена Ѓеорѓиевска (која е моментално лектор по македонски јазик на Универзитетот во Букурешт и која со своите заложби направи извонредна програма со што се одбележа пола век Лекторат по македонски јазик, литература и култура во Романија), Моника Илкова и Ирина Тумбовска (кои се дел од книжевната сцена со своите извонредни книги-студии, едната со „Книжевната мапа на Скопје“, а другата со „Македонската книжевна жена“) … Сите тие, како и некои други, се огледалото во кое се одрзува мојата македонштина! Сите тие се и моето убаво лице. Мојата насмевка …

А Семинарот ми даде уште една силна, но малку поинаква визура за македонштината. На летните школи бев повеќе од 20 години лектор по македонска книжевност и во тој контекст, колку и да звучи нескромно, можам да кажам дека сум имала можност да соработувам со бардовите на странската македонистика како Виктор Фридман, Иван Доровски, Кристина Крамер, Рина Усикова, Волф Ошлис, Ала Шешкен, Мачеј Кафка, но и со оние помладите како Намита Субиото, Ивица Баковиќ… Така, неизмерно се израдував кога на 12. Македонско-северноамериканска конференција се сретнавме и со Фридман и со Крамер. Тие како учесници од амерканската страна дојдоа на оваа меѓународна конференција во Охрид. А на 15 октомври се одржа и конференцијата во чест на еден голем јубилеј – половина век македонистика на Ломоносов во Москва, онаа македонистика што започна со Рина Усикова, која го работеше својот докторски труд под менторство на Блаже Конески,  македонистика која продолжува со Ала Шешкен и Елена Верижникова. Не сме ни свесни колку за нас значат овие странски македонисти, ама не смее да ги заборавиме и нашите, македонските лектори кои ги бранат боите на македонскиот јазик, литература и култура на странските универзитети. Како круна на мојата посветеност на Семинарот беше и можноста што ја добив кога станав директор (2019-2023). И мислам дека во овој период многу работи покренав, како организирањето на зимската школа во онлајн форма во годината на Конески (2012), отворањето на нови лекторати како оној во Пекинг и во Анкара и подготвувањето терен за оној во Тирана што се отвори кон крајот на 2023 година. Одбележавме заедено со тамошните лектори неколку битни јубилеи, 35 години Лекторат по македонски јазик, литература и култура во Истанбул и Москва (2021), 50 години Лекоторат на Иналко во Париз, 35 година во Сосновјец и 15 години во Риека (сите во 2023). Денес читам за можности за отворање на некои нови лекторати (Неапол, Нитра …). Сепак, не знам до каде се и како стојат работите. Но, покрај отворањето на нови треба да се води сметка и за тоа колку постојните лекторати ни се во добра кондиција, дали на некои од тие им се заканува нефункционалност која може да доведе и до затворање … а слушам дека дуваат ветришта и во тој правец!

И секако искуството стекнато низ летните и зимските школи на Семинарот ми даде можност да им оставам на странските македонсти и два учебника под наслов „Везилка“ (2019 и 2022).

Затоа сакам да зборувам за тоа што јас сум направила и што правам и што уште треба да направам во духот на онаа статија на Мисирков „Што направивме и што треба да направиме за однапред“ од неговата „За македонските работи“.

 

Лани бевте дел од Научната конференција на Универзитетот Македонија во Солун, каде за прв пат, официјално и на толку високо ниво, научници и истражувачи од двете земји говореа на македонистички теми. Вие одржавте предавања за македонскиот книжевен XX век, за Рацин и 85-годишнината од „Бели мугри“, за зборот на Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ. Тоа беше револуционерен чекор, за македонистиката да се зборува во Солун, до неодамна изгледаше незамисливо. Дали имате чуство дека мразот се топи?

Мислам дека ДА! И сакам да се топи! Иако, мора постојано да се работи на тоа поле. Некако многу брзо по таа прва конференција во Солун на крајот на минатата година, веќе оваа година на 11 и 12 април на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се одржа и втората ваква конференција на која покрај македонските колеги, учество зедоа и колеги од Солун. И истиот принцип беше запазен. Ние зборуваме на македонски, тие на грчки, а паралелно на видео-бим одеше соодветниот превод на другиот јазик. Овој пат мојот интерес беше за книгата од исклучително значење, за култниот „Абецедар“ како прв буквар и прва книга за деца на македонски народен јазик. А во оваа 2025 се навршуваат точно 100 години од неговата првообјава. Факт е дека сѐ до појавата на овој „Абецедар“, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик. И ова  за мене беше возбуда – да зборувам за некоја објава на македонски што се случила во Грција. А Филолошкиот факултет се обврза да направи и Зборник од оваа втора конференција, зборник во кој сите трудови ќе бидат двојазично отпечатени и на македонски и на грчки. Така што, го чекаме Зборникот … Неговата промоција треба да биде голем настан. Ама факт е дека на ова треба постојано да се работи… За да не се затвори кругот само со овој Зборник.

Фото: Б. Грданоски

Среде книжевните обврски дома, често патувате. Сега се вративте од Мадрид каде учествувавте на симпозиумот „Виртуелниот Андриќ“ каде со м-р Иван Антоновски го презентиравте заедничкиот труд „Андриќевиот разговор со Гоја: Од факт до фикција“. Како успевате да ја менаџирате кариерата со приватниот живот?

Мене вакви „егзотични“ конференции ми се предизвик и научно и лично, и професионално и приватно. Навистина, скоро се вратив од Мадрид, ама кон крајот на август бев и во Париз каде земав учество на 17. Меѓународен славистички конгрес. Таму бев дел од македонската делегација. Иако Париз сум го посетила неколку пати, повторно беше возбудлив и заради учеството на еден вака голем (гломазен со над 800 учесници од целиот свет) научен настан и заради тоа што при секоја посета на Париз откривам нови места. А Мадрид беше возбуда зашто самата релација на Андриќ со Гоја ми беше поттик за истражување, за пишување на трудот (секако, заедно со колегата Антоновски). Релацијата Андриќ – Гоја воопшто не била предмет во македонската книжевно-научна мисла. Главната дилема ни беше дали младиот Андриќ, кој во 1928-29 престојувал во Мадрид како дипломат на Кралството Југославија, сакал да се огледа во Гоја? И зошто сакал? Затоа што Андриќ бил фасциниран од онаа галерија на ликови која излегува од сликите на Гоја и посебно бил возбуден од онаа т.н. црна фаза во неговото сликарство, од која и јас се треснав во Прадо. Двата текста на Иво Андриќ за Франциско Гоја („Гоја“ и „Разговор со Гоја“) не се преведени на македонски. Првиот есеистички текст (пишуван 1929) се исчитува како подготовка за замислениот разговор со големиот сликар (објавен во 1935). Неговото карактеризирање на Гојините уметнички (ликовни) ликови како да ни дадоа можност тие да ги ставиме во дијалог со Андриќевите книжевни ликови. Секако, овие текстови се пишувани во годините кога Андриќ сè уште не е големиот автор на „Мостот на Дрина“, „Госпоѓица“, „Травничка хроника“,„Проклета авлија“ … Но, факт е, проследувајќи ги и Андриќ и Гоја од денешна перспектива, од позиција на 21. век, дека како што Гоја израснува во најмаркантната фигура на шпанската ликовна уметност и култура, така и Андриќ станува великото име на онаа книжевно-историска Босна која добива една посебна книжевна слика преку сите негови приказни исполнети со бои и нијански на народи, религии, страсти … Затоа слободно може да се рече дека Андриќ пишувајќи за Гоја, всушност пишува за себе како проекција во една претпоставена иднина, како дел од една идна (босанска, српска, југословенска) книжевна сцена.

Оваа возбуда што ми ја донесе истражувањето на оваа тема ми се дозачини со возбудата од прошетките по Мадрид, во Прадо, Кралската палата, Кралската галерија, Пуерта дел Сол, Плаза Де Еспања, Толедо…, па „пиев кафе“ со Хемингвеј во кафулето каде тој го пишувал својот роман „За кого бијат камбаните“, со Лорка на неговиот плоштад, се шегував со Дон Кихот и Санчо Панса …

А успешното менаџирање на приватното со професионалното се должи на мојот исклучителен сенс за организација сѐ на време. Факт е дека по враќањето од некое патување секогаш имам повеќе работа наредната недела, ама имам сили зашто ме држи убавото од успешната конференција, од дружбата со колегите, од стекнувањата на нови знаења…

 

Како ги полните батериите?

Со и во семејството … Ми се зголемува… Имам веќе три внуци (десетгодишната Илина, осумгодишната Дарија и најмалиот Оливер кој веќе има цели шест месеци) … Со навивање на натпревар (и ракометен и фудбалски, и клубски и национален), во живо, во сала, на стадион. Со семејни ручечиња, со кафиња со пријатели и колеги, со студенти, сегашни и некогашни, со добра серија, филм, со успесите лични и со успесите на другите…

Со тоа ШТО ГИ САКАМ ДРУГИТЕ дури и кога ТИЕ НЕ МЕ САКААТ!

 

Кои се вашите идни планови на книжевен план?

Работам на најновата книга посветена на книжевноста за деца од книжевно-теориски и поетолошки аспект со посебен акцент на најновото во македонската книжевност за деца…