Конект ги додели наградите за одржлив развој
Здружението Конект ги додели наградите на предводниците на Целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDGs) на компании, поединци и млади бизнис лидери од компании.
Наградите им се врачени на ЕВН Македонија АД Скопје, Македонски Телеком, Грин ИТ ДОО Скопје, Алкалоид АД Скопје, Пакомак ДОО Скопје, како и на Борче Стаменов од Бидат Информатика, Ивица Поцков и Никола Глигоров од Луксико ДООЕЛ Свети Николе и Горјан Јовановски од Моја Фирма ДООЕЛ Скопје.
Признанија за придонес кон остварувањето на Целите за одржлив развој им е доделено на Ван Хоол Македонија ДООЕЛ, Кам Маркети, Макпетрол АД Скопје, Макпрогрес ДОО, Меѓународни училишта „НОВА“, Пивара Скопје АД, СунСмарт Соларни системи Скопје, Цементарница УСЈЕ АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје, како и на Ана Дангова Хуг од Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје, Ѓорѓи Трајковски од Македонски Телеком, Јасна Величков од Арел Невромаркетинг, Марија Георгиевска од Наша ТВ и Момир Поленаковиќ од PricewaterhouseCoopers North Macedonia (PwC).

На вчерашното доделување на наградите беа присутни вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со постојаната координааторка на ОН агенциите во Северна Македонија, Росана Дуџак.
Вицепремиерот Битиќи ја поздрави иницијативата на здружението „Конект“ и изрази задоволство што целокупното општество се повеќе ја разбира важноста и ја подигнува свеста за значајноста на постигнувањето на седумнаесетте цели за одржлив развој, дефинирани со Агендата 2030 на ООН.
-Несомнено е дека токму ваквите иницијативи го мотивираат приватниот секторот се повеќе да се ориентираат кон работа која позитивно влијае на општество и допринесува за остварување на овие цели. Искоренување на сиромаштијата и гладот, квалитетното образование, родовата еднаквост, чистата вода и околина и чистата енергија, намалената нееднаквост, достоинственото вработување и економскиот раст, иновацијата и одржливата заедница, борбата за справување со климатските промени, подобриот живот на копно и под вода, одговорната потрошувачка и производство, мирот и правдата како и партнерствата за постигнување на целите, се наше заедничко мото и база, според која мораме да ги ориентираме нашите приоритети, нашиот систем и начинот на којшто го градиме нашето општество“, посочи вицепремиерот.
Тој нагласи дека Владата е посветена на менување на општество кон подобро со залагањето за зелена иднина, кое се гледа преку константното инвестирање во енергетика и обновливи извори на енергија, како еден од главните државни приоритети.
-Донесени се стратегии за енергија, енергетска ефикасност и обезбедување стабилност во снабдувањето со енергија за сите. Минатиот месец го преставивме и Интервентиот план за инвестиции 2021-2027 кој предвидува инвестиции од 8,175 милијарди евра, и вклучува јавни и приватни инвестиции, во кохезија со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Планирани се инвестиции во повеќе сектори, но најголеми инвестиции или 3,144 милијарди евра се инвестиции во секторот енергетика – или речиси 40 отсто од целокупната вредност на интервентниот план, што само ја потврдува нашата заложба. Со овој обем на инвестиции нашата држава ќе биде во чекор или можеби и понапред од европските земји во адаптацијата кон Just transition“, посочи Битиќи.
Тој се осврна и на Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, кој во 2021 година е со рекорден буџет од 25 милиони евра и ќе опфати над 10 илјади лица. Вицепремиерот информираше и дека е започната првата фаза на креирање на Националната развојна стратегија 2021-2041 која ќе отслика долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел обезбедување на инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе.
![]()
Конект ги доделува наградите за одржлив развој по втор пат, во партнерство со Мрежата на Глобалниот договор во Република Северна Македонија. Годишниот план за работа на Конект е поддржан од Цивика Мобилитас. Наградените беа пријавени на отворен повик во текот на мај 2021 година.
Целите за одржлив развој се прифатени од сите земји членки на ОН и потребно е да се исполнат до 2030 год. Тие се акцискиот план на светот за фер глобализација и подобра иднина за сите.