Концерт посветен на Џими Хендрикс и настап на бенд од Грција вечер на „Блуз и соул“
Блуз и соул фестивалот вечер од 21 часот во „Станица 26“ ќе почне со концерт на италијанско-американскиот четиричлен состав „Leon Hendrix & Fulvio Feliciano Band“ предводен од блуз и рок-гитаристот Фулвио Феличиано и Леон Хендрикс – брат на легендарниот гитарист Џими Хендрикс.
Во проектот посветен на музиката на Џими Хендрикс, покрај сопствен материјал и класични блуз-песни, вокалот и гитарист Феличиано вклучува и неколку добропознати песни на Џими Хендрикс, кои се одлично прифатени од фановите низ Европа.
-Репертоарот кој Феличиано може да го понуди на неговите настапи во живо е огромен и вклучува 40 песни кои ја опфаќаат дискографијата на Хендрикс, со цел да ја вратат, односно повторно да ја креираат таа атмосфера, тој звук, нудејќи психоделично шоу длабоко вкоренато во блузот и фанкот, кои ја карактеризираат музиката на Џими, оставајќи простор за инстинкт и импровизација, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, организатор на „Блуз и соул“.
Во неговиот бенд се и гитаристот Леон Хендрикс – брат на покојниот Џими, како и Марко Д’Анџело – бас и вокал, и Лука Мартини, тапани и вокал. Леон Хендрикс е уметник, текстописец и гитарист кој со музика почнал да се занимава малку подоцна во животот. Има издадено неколку албуми. Најдобро е познат по неговите оригинални илустрации. Во 2012 ја објавил својата книга насловена „A Brother’s Story“.
По нивниот настап, во „Станица 26“ на првата вечер од фестивалот „Блуз и соул“ ќе настапи и групата „Zippy Nappers” од Грција која постои неколку години под водство на Спирос Мисокефалос.
На нивниот репертоар претежно е американски блуз-рок, а на нивните настапи најчесто изведуваат композиции од ББ Кинг, Ета Џејмс, СРВ итн. Инспирирани од овие легендарни блуз-музичари, четворицата членови на „Zippy Nappers” свират и сопствени, авторски композиции.
Организаторот на фестивалот наведува дека концертите и настапите на овој грчки бенд се особено прифатени од публиката поради нивната енергија, моќ и акција.
Блуз и соул фестивалот ќе продолжи утревечер со уште два концерта – на унгарскиот состав „Török Fehér Duó” и на македонски блуз-рок бенд „The Mole Pack”.