Концерт на квартетот „Терем“ од Санкт Петербург на „Охридско лето“


Единаесеттиот ден на годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за концертот на рускиот „Терем“ квартет од Санкт Петербург, во состав Андреј Константинов-сопран домбра, Андреј Смирнов- бајан/ хармоника, Алексеј Барсчев –алт домбра и Владимир Кудрјавчев на контрабас.

Основан во 1986 година од страна на студенти од фолклорно-инструменталниот оддел на државниот конзерваториум „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, квартетот „Терем“ низ годините станува еден вид симбол на градот и амбасадор на руската култура во светот. Според руската новинарска фела- Квартетот „Терем“ заедно со музејот „Ермитаж“, театарот „Марински“ и Рускиот музеј се главни претставници на културниот живот на Санкт Петербург. Првиот концерт квартетот го реализирал на 26 ноември 1986 година, и овој датум неговите членови го сметаат за роденден на ансамблот.

Квартетот „Терем“ е своевиден руски феномен, уникатен ансамбл кој руската фолклорна музика ја издигнува до за неа непознати висини. Неверојатната виртуозност, исклучителна техничка подготвеност, неприкосновен стил на интерпретација и оригинални аранжмани го прават овој квартет единствен од ваков вид во Русија. Секој член на квартетот е истовремено композитор, аранжер, импровизатор, но музиката која ја свират произлегува од нивната заедничка креативност. Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 500 композиции, оригинални транскрипции, парадоксални фантазии инспирирани од популарни теми од класичната и современа музика, како и фолклор, џез и музика од филм. Креативноста ја црпат од руската уметност и од старите традиции, поради што честопати ја претставуваат Русија на значајни манифестации и пред светски лидери меѓу кои папата и Мајка Тереза во Ватикан, настапуваат во Палатата Ст. Џејмс на покана на принцот Чарлс, на Самитот на лидерите на Г8 во Санкт Петербург и др.

Нивното значење го покажува и годишниот „Терем Фестивал“ кој е еден од најважните музички случувања во културниот календар на Санкт Петербург на кој настапуваат светски познати имиња од светската и крос-овер музиката правејќи го овој настан современ и релевантен за денешното живеење.

Музиката на „Терем“ е страсна, жива и низ неа звучат акордите на руската душа. Музичарите на сцената честопати излегуваат од рамките на „стандардниот концерт“ правејќи го истиот поинакво, театарско доживување креирајќи дијалог со публиката. Нивните настапи го рефлектираат живеењето и музиката на 21 век- позитивно, енергично, полно со радост и љубов што говори за фундаменталните вредности на квартетот „Терем“ и нивната желба да го направат светот поубаво место.

Концертот е во редовниот фестивалски термин од 21 часот на сцената во катедралната црква „Света Софија“.