Концерт на Благој Нацоски во Рим


Во салата „Балдини“ во Рим денеска реномираниот тенор Благој Нацоски ќе одржи концерт во рамките на чествување на манифестацијата „Денот на свети Кирил“. На концертот, Нацоски ќе настапи заедно со пијанистот Алесандро Д‘Агостини.

На програмата се дела од Страдела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев… Ќе бидат читани стихови од Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.

Како што е најавено, пред почетокот на концертот ќе се обрати министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Исто така, во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано“ утре ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија (АЦДМАЕ).

Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска како дел од државно-црковната делегација ќе присуствува на аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франциск, а ќе положи и венец на спомен-плочата на македонски јазик. Државно-црковната делегација ќе ја посети базиликата „Сан Клементе“, каде што ќе се одржи молебен во чест на св. Кирил, со кој ќе чиноначалствуваат митрополитите г. Пимен и г.Јосиф.