Комунална хигиена се жали на тенденциозно исфрлање на отпад


Во текот на изминатиов викенд, ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно се
соочила со, како што велат, тенденциозно  загрозување на животната средина и јавното
здравје, преку масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини и
создавање диви депонии.

-Со цел – одржување на максималното ниво на хигиената и чистотата во
градот Скопје, екипите на претпријатието за време на викендот реализираа
вонредни активности за подигнување и транспорт на вкупно 150 кубни метри
непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.
Интервенирано е на улиците Лихнида, Лука Геров и Македонска војска во
општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Босна и Херцеговина во
општината Бутел. Во координација со ЈП Паркови и зеленило отстранети се
и неколку диви депонии на улиците Благоја Паровски, Џон Кенеди, Панче
Неделковски и Цветан Димов, како и на булеварот Македонско-косовска
бригада во скопската општина Чаир.

Од почетокот на месецот јули, еко-патролата при ЈП Комунална
хигиена-Скопје изготви пет записници за граѓани коишто се затекнати при
непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини на улиците
Лазар Поп Трајков и 16-та Македонска бригада во општината Гази Баба,
улиците Јуриј Гагарин и Веселин Маслеша во општината Карпош, како и на
улицата Аминта Трети во скопската општина Центар, соопштија од Комунална хигиена.