Компанијата што ќе го гради „Чебрен“ ја градела „Палмата“ во Дубаи


Грчката компанија „Архиродон“ , што треба да го гради проектот „Чебрен“ на Црна Река е градежен гигант што оставил печат на неколку континенти. Според она што го објавува самата компанија таа во моментов има проекти од 4 милијарди долари, а нејзините активности се протегаат на три континенти и во 30 земји.

„Архиродон“ започнала како изведувач на градби на море во 1959 година со изградба на пристаништето Бенгази во Либија и пристаништето Бејрут во Либан (1962 година) и оттогаш се гордее со своите дела од медитеранскиот брег, преку Блискиот Исток, Африка до Каспиското море.

Досега завршила 350 проекти и има околу 10.000 вработени специјализирани  за изградба на водени пристаништа, нафтни и гасни терминали, хидроцентрали, објекти за десалинизација на морето, објекти за менаџирање на отпад, аеродроми, мостови на вода, пумпни станици за вода, метро и железнички линии , а во поново време и плантажи на ветерници и за сончева енергија. 

„Архиродон“ гради и во земјите кои плаќаат најскапо и бараат највисок стандард за најиновативни проекти, па така во своето градежно портфолио ги има и вештачките острови „Палма“ во Дубаи, мостот на вода Шеик Зајед Абу Даби,  метрото во Доха и пристаништето во Абу Даби.