Компаниите или вработените – кој имаше поголема корист од работењето на ТИРЗ во изминатите 10 години


Анализа на ефекти од инвестиции во ТИРЗ: Компаниите во ТИРЗ растат, има потенцијал за поголема добивка за граѓаните и државата

Сите компании кои се активни во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат. Раст има и на бројот на работни места, платите и уплатите во Буџетот на државата, покажува анализата која денес ја презентира првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

„Првичните бројки од анализата покажуваат дека вкупните приходи на компаниите во ТИРЗ во изминатата декада достигнуваат 875 милијарди денари и бележат просечен годишен пораст од 16 отсто“, рече Деспотовски.

Анализата го става фокусот на ефектите од странските вложувања во технолошко индустриските развојни зони во изминатите 10 години. Анализата што се прави за првпат, опфаќа повеќе параметри, како вкупни приходи, број на вработени, продуктивност, плати, уплати во буџетот, нето приходи, и поврат на инвестиции.

„За првпат имаме реални бројки кои ни покажуваат какви се ефектите од странските вложувања за земјата врз база на кои може да градиме реални политики. За првпат изготвена ваква анализа треба да ни покаже каде сме, што е постигнато до сега и да биде основа за идната развојна македонска економија,“ изјави Деспотовски.

Тој објасни дека се регистрира и континуиран раст на бројот на вработени и на платата, особено по 2017 година. Во периодот 2010 – 2016 година просечната плата во ТИРЗ изнесува 21.700 денари, додека во периодот 2017 – 2020 година нето платите во просек достигнуваат 28.686 денари. Дополнително, просечниот број на вработени во ТИРЗ во 2020 е 106 отсто повисок од просечниот број на вработени во 2016.

Анализата покажува и континуиран пораст на продуктивноста на трудот со просечна годишна стапка од 55 отсто. Во периодот до 2016 година, динамиката на пораст на продуктивноста е значително над растот на платите, додека во периодот по 2017 година трендовите се менуваат со подинамичен раст на платите.

Според анализата, Буџетот на државата во досегашниот период остварил близу 11 милијарди денари приходи по различни основи од компаниите во ТИРЗ. Најголем годишен пораст на приходите во Буџетот е регистриран во 2017 година, и тоа за 327 отсто во однос на предходната.

Во 2020, компаниите во ТИРЗ уплатиле над 2,4 милијарди денари во државната каса на име придонеси од задолжително социјално осигурување, трошоци за даноци на плати и надоместоци на плата и данок на добивка. Тоа е речиси четирикратно зголемување во однос на 2016 година, рече Деспотовски.

Тој додаде дека целта на анализата е да се поттикне дискусија со академската и деловната заедница, од која натаму ќе произлезат и конкретни заеднички заклучоци и насоки за креирање на новите политики во делот на поттикнување на инвестициите. Дирекцијата за ТИРЗ, заедно со други ресори во Владата ќе иницира и изготвување на нова методологија на доделување на државната помош, во која ќе се опфати и новиот концепт на работење што веќе се пилотира во тековните разговори за нови инвестиции.

„Дирекцијата за ТИРЗ започнува нов концепт на комуникација со потенцијалните инвеститори, во кој централно место има пораката Растеме заедно, базирана на бројките што денес ги презентираме. На сите инвеститори им нудиме можности, но и минато искуство на раст и развој. Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила“, изјави Деспотовски на денешната презентација.

Тој додаде дека дел од тоа веќе се пилотира со новите инвеститори, но смета дека може да се оди чекор понатаму и да се изготви методологија која ќе биде јасна, прецизна и дефинирана за сите – и за домашните и за странските инвеститори.

„Доколку се покаже потреба во наредните шест до седум месеци целосно да се промени системот на поттикнување на инвестиции врз база на искуствата кои ги имаме и врз база на позитивните податоци кои ги имаме во делот на странските инвестиции моделот еднакво да го примениме кај домашните компании“, рече Деспотовски.

Според него, растот на продуктивноста на компаниите во ТИРЗ покажува дека има значителен потенцијал да се коригираат платите и дополнително да растат.

„Наш приоритет и понатаму ќе остане да ја поттикнуваме продуктивноста на трудот пред се преку вложување во нови технологии. Постојано инсистираме дека сакаме да видиме инвеститори со повисока додадена вредност, а тоа значи дека сакаме да видиме инвеститори кои вложуваат во нови технологии, бидејќи новите технологии го поттикнуваат растот на продуктивноста. Компаниите може да користат поддршка од државата до 50 проценти за програмите за развој на вештини. Таа мерка во минатото многу малку е користена и сега подинамично ја комуницираме за компаниите да станат свесни дека постои таа можност и дека државата стои како поддршка за развој на вештините и за поттикнување на продуктивноста“, рече Деспотовски.

Внимателно ќе го следиме растот на платите, додаде, и нема да дозволам, ниту јас ниту било која од институциите, растот на продуктивноста и добивката и бенефитот од тоа да биде исклучиво на конто на компаниите.

„Тој бенефит мора да се подели еднакво со работниците. Наш приоритет во сите разговори што ги имаме со постојните инвеститори кои прошируваат капацитети и со новите инвеститори е да ги гледаме структурите и на вработените и нивоата на платите кои ги даваат. Не интересираат реалните плати кои им ги даваат на оние со пониско платени работни места и не не интересира колку зема менаџерот. Не се врзуваме со тоа која им е почетната плата, туку која е просечната плата и како ќе се движи во наредните години, дали ќе расте со стапка на инфлација што не е доволно или со засилена динамика што е нешто што може дополнително да го поттикнеме, потенцира Деспотовски и додаде дека веќе не се даваат грантови само за отворање на работни места, туку за поттикнување на дополнителен раст на платите.

Според податоците од анализата, посочи, има стабилен раст на платите и растот е најголем кај најниско платените работни места.

„Лани бруто платата е порасната за 5,5 проценти во споредба со 2019 година, а за годинава верувам дека просечната плата во зоните ќе биде повисока од просечната плата во националната економија. Со новите компании со кои преговараме акцентот покрај другите параметри е ставен и на платите. Од договорите кои ги заклучивме годинава или кои се веќе во фаза на одобрување во Владата, во кои станува збор за некаде околу 3.500 до 4.000 работни места и инвестиции од над 200 милиони евра, почетните плати за неквалификуван работник никаде не се под 20.000 до 21.000 денари во нето износ, рече Деспотовски.

Во анализата се опфатени 32 компании кои во изминатите 10 година имаат вкупен приход од 875,68 милијарди денари, со годишен растат на приходите во просек за 16 проценти и 83 отстотен годишен раст на бројот на вработени. Од нивното работење државата има значителен бенефит. Во компаниите во ТИРЗ моментно работат околу 14.000 вработени со просечна плата во рамките на државниот просек.