Коморски инвестициски форум: Економските случувањата во Европа ќе се одразат и кај нас


Никој со сигурност не може да предвиди што ќе се случува со глобалната економија, Европа се соочува со предизвици и тоа, секако, ќе се одрази врз регионот. Но, засега, сепак, и покрај ситуацијата, посебно онаа во Германија, нема најави за отпуштања на работници, дури има и потреба од работна сила, велат претставниците на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

Тие денеска, пред состанокот во Скопје, порачаа дека е неопходно земјите од Западен Балкан целосно економски да се интегрираат и да ги елиминираат пречките за стопанска соработка. Нагласија и дека е добро тоа што инфлацијата на глобално ниво се движи околу три отсто, а во развиените држави 2,1 – 2,2 процента, како и дека не се очекува нејзино среднорочно или долгорочно покачување, што значи дека се пониски и каматните стапки, а тоа му оди во прилог на бизнисот.

Според КИФ, во Европа моментно не се дисктуира за покачување на цената на струјата и на гасот, но надворешните фактори не можат да се предвидат, особено додека не стапи во сила новата администрација на САД и додека не завршат изборите во Германија.

Токму промената на власта во САД и воспоставувањето нова политика, како и војната во Украина, се само некои од причините за економската неизвесност, оценува КИФ.

-Бараме стабилност и висока одговорност за состојбата во која се наоѓаме. Претстои нагло заострување на економската состојба во Европа која е последица на некои подолги процеси на кои ние не можеме да влијаеме. Бизнисот е пред неизвесност, а последици сигурно ќе има, посебно ако се земе предвид ситуацијата во Германија која е наш најголем трговски партнер. Ние правиме се за да ги убедиме структурите дома и во регионот, дека економиите на Западен Балкан мора да ја зголемат меѓусебната соработка зашто се мали. Треба да се обединиме и да им порачаме на политичките лидери смело да се влезе во инвестиција која ќе овозможи некаков напредок, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Се наоѓаме, рече Азески, пред светско преструктуирање кое очигледно е врзано со енергенсите.

-Тие се клучот, но тоа ќе го отвори прашањето на високите трошоци кои одредени земји како САД ги плаќаат на меѓународните организации. Тоа не може да остане без последица. Ние сме поранлви зашто се бориме за егзистенција, но мора да се подготвиме за вакви случувања, рече претседателот на Комората.

Претседателот на КИФ Лулзим Рафуна за 2025 година најави нов план.

-Во 2025 година влегуваме со нов план. Ќе се фокусираме на укинување на сите административни бариери, на што поголема промоција на Западен Балкан како пријателски настроено деловно опкружување, на обезбедување помош за нашите компании да излезат на пазарот, но и на изнаоѓање нови пазари, надвор од ЕУ, зависно од барањата на бизнисот, изјави Рафуна.

КИФ, нагласи, е многу значаен механизам за сите држави-членки, креиран е од приватниот сектор и брои 375 000 претпријатија кои вработуваат околу седум милиони млади луѓе.

-Ние сме партнери во реализација на развојниот план што ќе ни овозможи да побараме повеќе работа од нашите влади за да имаме што посилна меѓусебна економска соработка. На форумот ги дисктуриаме административните пречки и ќе бараме од политичките чинители тие пречки да се елминираат. Ќе направиме се што е во наша моќ да ги олесниме процедурите и условите за креирање бизнис, истакна Рафуна.

Во фокусот на денешниот, 33. состанок на Управниот одбор на КИФ се приоритетните активности, имајќи го предвид почнувањето на примената на новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар.