Комисиска расправа во Собранието за годишниот план за работата на ОТА


Во Собранието за денеска се закажани седници на комисиите за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, за здравство, и за транспорт, врски и екологија.

Годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2023 година е на дневен ред на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, а Комисијата за здравство треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка. 

Пред Комисијата за транспорт која ќе одржи две седници, се годишните програми за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2023 година и за 2024 година, Финансискиот план за изменување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2024 година, Предлог Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година, Предлог годишниот Финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година, Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2024 година, како и Предлог законот за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата, во прво читање.