Комисии во Собранието не работат со месеци, ВМРО-ДПМНЕ не гледа кај себе вина
СДСМ тврди дека токму ВМРО-ДПМНЕ е таа што ја блокира работата на парламентот и неа да го поддржат законското решение на опозицијата за платите на наставниците
Седум комисии во Собранието на Македонија со месеци не одржуваат седници и практично се нефункционални бидејќи има недоразбирање помеѓу СДСМ и коалициските партнери и од другата страна ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денес негираше дека опозицијата сноси одговорност за тоа.
„ВМРО-ДПМНЕ во ниту еден случај не ја блокира работата на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се што работи во Собранието, работи во насока на добробит на граѓаните. Она што не може да се договорат сами коалицијата СДСМ и ДУИ,тоа е нивен проблем. Ќе ја земам за пример Законодавно правната комисија, можат уште утре да ја свикаат, но нив не им одговара составот затоа што ВМРО-ДПМНЕ не планира да дозволи номинирање од страна на двоецот СДСМ/ДУИ на разноразни кадри за уставни судии или било какви, кои доаѓаат со препорака од местните организации и штабови на СДСМ и ДУИ. Така да тоа не смее да биде дозволено, не смее да се партизира државата. ВМРО-ДПМНЕ јасно потенцира дека не блокираме, уште утре може да свикаат. Конкретно за законот за образование, во однос на покачување на платите на наставниците, ВМРО-ДПМНЕ практично го има препишано законот на СДСМ каде што додава дека треба да се покачат за одредена сума платите на наставниците. Доколку сакаат можат најбрзо во среда или кога и да е, тоа повеќе го знаат собраниските служби да се свика и да се стави таа точка односно тој закон на дневен ред на седницата и да биде изгласан. Но, повторно на СДСМ верувам дека не им одговара, бидејќи нив не им е намерата да им ги покачат платите на наставниците, нив им е намерата единствено да трансформираат работен однос на нивните партиски војници кои што ги имаат вработено по институциите“, рече Арсовски.
Запрашан дали Собранието ќе работи во периодот што следи имајќи в предвид дека досега имаше една седница во два месеци, а некои комисии не одржале седница со месеци, Арсивски одговори: „Во во едно парламентарно општество жално е толку ретко да функционира, но тоа не е можеби одраз на работата на Собранието, иако тука сепак е виновна повторно власта, односно двоецот СДСМ – ДУИ. Тоа е одраз на целиот неквалитет, немање визија, немање план и неработа на оваа влада. Така да доколку некој мисли дека не е поврзана законодавната власт во Парламентот со Владата се лаже, сепак тие се надополнуваат во работата“, изјави Арсовски.
Од СДСМ имаат сосем спротивен став – дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието.
Пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева денеска изјави дека е „срамно ВМРО-ДПМНЕ сега да поднесува Закон во скратена постапка којшто се однесува на зголемување на платите кое во еден дел се поклопува со законското решение коешто една година е заглавено во Собранието. Тој Закон којшто е поднесен пред една година ВМРО-ДПМНЕ не дозволува да го види светлото на денот односно не дозволуваат покрај изгласан дневен ред да се отпочне со точката. И вие сте сведоци и знаете дека завршува секој обид со безбројни процедурални. Се работи за околу 4.700 луѓе, па која е оправданоста за блокирање на овој закон и недозволување на трансформација на нивниот работен однос, да бидат во редовен работен однос и да можат да ги имаат сите права како секој вработен?“
Таа додаде дека нема да го поддржат законот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тоа не е целосно решение коешто трајно ќе го реши статусот на преку 4.700 луѓе професионалци. (Н.В.)