Комерцијална банка го објави дивидендниот календар, еве кога акционерите ќе ги добијат парите

Комерцијална банка ќе почне да ја исплаќа дивидендата на акционерите на банката почнувајќи од 24 август, соопшти банката преку Македонската берза. Ова доаѓа по одлуката на Советот на Народната банка од 3 овој месец со која Централната банка даде зелено светло за исплата на дивидендата на акционерите на банките, со што престана да важи привременото ограничување кое беше донесено во почетокот на годинава.
Комерцијална банка беше една од банките која што беше засегната со ограничувањето од НБ бидејќи веќе имаше донесено одлука за исплата на дел од ланската добивка во вид на дивиденда за акционерите, но мораше привремено да ја одложи.
Според соопштението до Берзата, Комерцијална банка ги утврди точните датуми на исплата на дивиденда за 2020 година, односно дивидендниот календар за датумите на исплата на дивиденда за 2020 година.
Така, последен ден на тргување со право на дивиденда за 2020 година е 09.08.2021 година.
Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2020 година е 10.08.2021 година.
Датумот на евиденција, според кој се определува листата на акционери кои имаат право да добијат дивиденда за 2020 година, е 11.08.2021 година.
Исплатата на дивиденда за 2020 година ќе започне на 24.08.2021 година.
Во известувањето до Берзата исто така се вели дека исплатата на дивиденда на правните лица ќе се врши со пренос на средствата на нивните сметки во Комерцијална или во друга банка.
Согласно Законот за данокот на личен доход, Комерцијална банка, како исплатувач на доход по основ на дивиденда, пресметката и плаќањето на данокот на доход и исплатата на дивидендата на физички лица ќе ги врши со поднесување електронска пресметка за бруто-доходот и за данокот по одбивка (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку системот еПерсонален данок.
Со оглед што Е-ППД системот не прифаќа неточни и непотполни податоци, од банката нагласуваат дека сите акционери – физички лица кои не се запишани во евиденцијата на УЈП како даночни обврзници, да преземат соодветни мерки за нивно запишување согласно процедурите на УЈП. Ова особено се однесува на малолетните лица и/или други лица кои досега не биле приматели на оданочив доход од кој било вид во Република Северна Македонија.
Од Комерцијална банка исто така соопштија дека првиот човек на банката, генералниот директор Хари Костов купил 3.500 обични акции од банката.
„Согласно Глава 6 од Правилата за котација, известуваме за следната ценовно чувствителна информација: Комерцијална банка АД Скопје известува дека Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор, се стекна со 3.500 обични акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје“, се вели во известувањето до Берзата.
На почетокот на годинава акционерите донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.911,9 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 60 отсто од номиналната вредност на акцијата, односно по 600 денари на една акција.
Најголем акционер во Комерцијална банка е градежната компанија „Адора инженеринг“ на бизнисменот Ванчо Чифлиганец кој заедно со поврзаните лица поседува 14,99 отсто од основната главнина на Комерцијална банка.