Колку нашата држава е толерантна на различностите

Стереотипите и предрасудите се последица на стравот од непознатото, потребна е поголема толеранција кон различниот


Стереотипите и предрасудите се дел од нашиот културен хабитус. Тие најтешко се надминуваат, а посебно ако не се работи на превенирање и надминување на проблемите кои подразбираат нетолеранција, но и непочитување на различностите и негување на негативни емоции кон истите. Причина за стереотипите најчесто е и страв од непознатото, и токму поради тоа потребна е национална стратегија за прифаќање на етнички, религиски, културни различности.

Колку нашата држава е толерантна на различностите? Постои ли ксенофобија во општеството или само претпазливост од опасност? Ова се дел од прашањата кои деновиве беа тема на дискусија, откако од неодамна во државата престојуваат членови на еврејската религиозна група „Лев Тахор“. Оваа група најпрвин беше сместена во изнајмена куќа во Куманово, по што се појавија низа инциденти, лавина реакции и говор на омраза од страна на дел од жителите, а дел дури се закануваа дека ќе ја преземат работата во свои раце доколку надлежните институции не ги протераат.

Поради големиот притисок од јавноста, оваа група сега е во Скопје, но претходно голем дел од хотелите ги одбиваа за престој.

Припадниците на „Лев Тахор“ преку медиумите обвинуваат за притисок од сите страни, најмногу од полицијата, и како што велат, не им е дозволено излегување од хотелот, освен на жените. Од МВР пак, реагираат дека се грижат за безбедноста на оваа група.

Нема простор за паника, велат надлежните, и повикуваат на толеранција

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во изјава за МИА објаснува дека групата престојува легално во државата, односно сите членови се влезени со легални патни исправи.

Токму поради тоа, апелираше до граѓаните на толеранција и на солидарност.

-Министерството за внатрешни работи постапува согласно своите надлежности, она што сакам да го кажам е дека оваа група престојува легално во државата, влезени се со легални патни исправи и токму поради тоа апелирам до граѓаните на толеранција и на солидарност, односно да избегнуваме каков било проблем односно она што се случуваше во Куманово, додада Ангеловски.

Досега во Скопје, како што вели Ангеловски, МВР нема регистрирано проблеми поврзани со групата „Лев Тахор“.

-Групата не претставува никаква опасност за граѓаните ниту имаме каква било пријава од кој било граѓанин дека имало каков било проблем со оваа група, затоа и апелирам до граѓаните за толерантност кон оваа група, додаде портпаролот на МВР.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски исто така е на ставот дека членовите на оваа група не повредиле ниту слобода ниту права на другите граѓани, и затоа апелира да бидеме потолерантни и подобро информирани.

-За нашата држава и за нашите институции ова е пред сè група на странски државјани, а после тоа согласно нивните неприкосновени човечки права и слободи се идентификуваат верски да припаѓаат на одредена група, којашто е секта на еврејската религија и оттаму мислам дека акцентот треба да го ставиме дека тоа се странски државјани. Јавноста може на интернет што е достапно да си најде информации во што веруваат овие граѓани. Јас не сум аналитичар, не сум теоретичар и не би коментирал тоа, само би кажал дека и во нашата држава која е демократска и се стреми да биде дел од државите коишто имаат демократско устројство мора да ги гарантира нивните неприкосновени човечки права, да веруваат во она што самите одлучиле да веруваат, изјави Сотировски за МИА.

Тој додава дека во нашата држава од нивното влегување до овој момент имаат мирен престој, не повредиле ниту слобода и права на други граѓани, ниту одредена законска одредба.

Социологот Татјана Стојаноска Иванова смета дека треба да бидеме многу претпазливи во однос на давање јавни искази кога станува збор за мала верска заедница, секта, без притоа подетално да се запознаеме со задачите, целите и делувањето на малата верска заедница или секта.

-Во случајот со „Лев Тахор“, како социолог на религија, истражував уште пред некој месец и морам да кажам дека има доста двојби околу самата религиска организација. Имено, има ставови на дел од научната елита која се занимава со оваа проблематика дека во припадниците на таа организација на сила регрутирале девојчиња, за злоупотреба на млади девојчиња, психолози и социјални работници истражувале и зборуваат за трауматско искуство на некои млади девојчиња. Симптоматично е што нивните членови не посетуваат формално образование, немаат здрваствено и социјално осигурување, вели Стојаноска Иванова за МИА.

Страв од непознатото и недостиг на факти причина за бурната реакција кај граѓаните

Според Стојаноска Иванова, недоволно големиот број на информации, страв од непознатото но и недостигот на факти за нивната мисија и цели е причина поради која граѓаните реагираат на бурен начин.

-Секако дека тоа не го оправдува и вербалното насилство што го искажаа одредени граѓани врз групата, но велам дека целата морална паника што се крена околу „Лев Тахор“ и непознаниците поврзани со нив придонесоа за несоодветна реакција на дел од граѓаните, додава Стојаноска Иванова.

Сепак, посочува, не можеме да генерализираме дека кај нас не постои прифаќање на другиот, а самиот факт што во земјава егзистираат голем број на религии и верски заедници, ни говори дека имаме толерантен Закон за верски заедници и сме толерантни религиски еден кон друг.

Од друга страна, како што вели, низа случаи, како и овој со „Лев Тахор“, ни даваат за право да заклучиме дека се уште како нација сме обременети со стереотипи и предрасуди кон различностите.

И според Сотировски, постои страв од непознатото, но постојат и најпримитивни облици на дискриминација по надворешен изглед и облекување, што според него, е за осуда.

-Тука бевме сведоци дека имаше и одредени негативни појави, негативни тенденции. Мислам дека стравот од непознатото во одредена мера си го прави своето, но во поголема мера мислам дека имаме најпримитивни облици на дискриминација по надворешен изглед и облекување, што е за осуда. Мислам дека тоа е еден исклучок од правилото кое говори дека македонското општество е толерантно. Ние имаме традиција, сме развиле една традиционална толеранција. Овие негативни појави што се случуваат говорат нешто лошо за нас, спротивно од ова, но ги оквалификувам како исклучок, додава тој.

Медиумите ги поткопуваат и така кревките односи меѓу различните

Стојаноска Иванова смета дека медиумите кај нас прикажуваат содржини кои ги поткопуваат и така кревките односи меѓу етнички, религиски, културно, сексуално поинаквиот.

-Дополнително, денес живееме во ерата на масовните медиуми, кои наместо да прикажуваат содржини во кои ќе се покажат различностите со сите свои доблести и позитивни особини, кај нас прикажуваат содржини кои ги поткопуваат и така кревките односи меѓу етнички, религиски, културно, сексуално поинаквиот. Еден факт што во мултиетнички средини учат во различна смена припадници на различни етнички заедници ви го потврдува фактот дека предрасудите не се надминати и дека во многу случаи сме декларативно толерантни, но во праксата таа толеранција не ја покажуваме и практицираме еден вид на морална хипокризија, додава социологот.

Според Сотировски, се создаде преголема реакција за нешто што реално не претставува проблем.

-Мислам дека пред сè медиумски се создаде тоа, оние снимки на надзорни камери како поминуваат луѓето навечер, без доволно да се објасни дека се со легален престој тука, дека имаат право на 90 дена да престојуваат. Од друга страна дека нашите безбедносни служби никогаш нема да дозволат да ја загрозат безбедноста и правата и слободите на нашите граѓани. Мислам си го направија своето. Мене ми е јасно дека медиумите сакаат да испраќаат вести што имаат публика. Така што, мислам дека беше веројатно интересно за публиката, затоа медиумите покажаа толку голем интерес за ова прашање иако во моментов има десетици илјади странци во државава што се со легален престој којшто веруваат во различни религии, тоа никој не го акцентира. Затоа сметам дека малку е направено преголема реакција за нешто што реално не претставува проблем, додава Сотировски.

Апел за поголема толеранција и прифаќање на различниот

Според Стојаноска Иванова, поентата е да се интегрираме, да го прифатиме секој оној кој е етнички, религиски, културно, сексуално различен, да ги прифатиме и лицата со попречености како еднакви, бидејќи во суштина сите сме луѓе и сите треба да ги имаме подеднакво исто човековите права и слободи.

Како што вели, дефинитивно постојат начини да ги надминеме предрасудите и стереотипите и тоа почнувајќи од семејствата каде треба родителите да бидат модели за идентификација и имитација и тие со свој пример да укажат и покажат толеранција кон поинаквиот.

Потоа, потенцира, во рамките на образованието, во образовните курикулуми треба да се стави акцент на надминување на предрасудите и стереотипите и запознавање и прифаќање на поинаквите од нас, масовните медиуми да придонесат кон тоа со емитување на содржини кои ќе значат рушење на табуата, предрасудите и стереотипите и водење на континуирана кампања за еднакви шанси и можности на секој поединец и прифаќање на секој различен.

И Сотировски смета дека е важно да бидеме потолерантни и подобро информирани, да ги проверуваме информациите кои доаѓаат до нас, но и да веруваме во институциите дека навремено прават сè што е потребно.

Испрати порака и до институциите да продолжат со сите превентивни активности да ги заштитат безбедноста и правата на сите странски државјани кои престојуваат во нашата држава, затоа што, посочува, така покажуваме едно поголемо ниво на подготвеност како држава да одговориме на потребите и не само на нашите државјани, туку и на туѓи.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права деновиве излезе со реакција во врска со овој случај, потенцирајќи го ниското ниво на толеранција кон различните и високиот степен на ксенофобија во општеството.

Хелсиншкиот комитет за човекови права оцени дека е загрижувачки што омразата кон луѓе од други култури и религиозни групи веќе одамна не е инцидентна појава во нашето општество

Во петокот Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поведе постапка за заштита од дискриминација на верската групата „Лев Тахор“. Предметот се води по основ на потекло, религиско и верско уверување во областа на пристапот до добра и услуги.

Од КСЗД соопштија дека ги следеле и известувањата на медиумите, како и излагањата на невладините организации по повод настаните во Куманово, а по извршениот увид, констатирано е дека првенствено немало физички напад од граѓаните кон групата, туку лажна информација била проширена од страна на медиумите.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе продолжи да го следи случајот и ќе ја информира јавноста за исходот од постапката.