Колку нѐ сакаат Французите?


НАНО РУЖИН

Навикнавме „лошиот Балкан“, пардон „Западен Балкан“, да биде третиран како жртвено јагне за сите промашувања на ЕУ, па ние како граѓани имаме право да се сомневаме во сѐ, па дури и во „вистинските и чесни намери на Брисел“

 

Еден од славните цитати на генерал Де Гол за патриотизмот и национализмот беше дека „патриотизмот значи да се сака сопствената држава, а национализмот да се мрази друга држава или народ“. Дали евроскептицизмот е вид европски патриотизам или европски национализам? Евроскептицизмот ја загрози „големата љубов“ на народите помеѓу Атлантикот и Црното море. Исчезнаа утопиите, таа фантазмагорична  идеологија на идеалистите и сонувачите кои ја заговараа идејата за Европа помеѓу Атлантикот и Урал. Татковците на европската интеграција Шуман, Моне, Аденауер, се одамна заминати од нашиот свет, но веројатно по настаните од 1989 поинаку би гледале на проширувањето на Европа. Загрозена е и нивната утопија за заедничкиот европски дом на балканските народи, кои сѐ уште имаат доволно меморија за да се присетат на големите ветувања од Самитот во Солун во 2003. Тогаш луцидно се најави енергичното и брзо врамување на Западен Балкан во Европската унија.

За време на постоењето на југословенската федерација, никој не го споменуваше изразот Балкан, а уште помалку регионот на Западен Балкан како посебна геополитичка категорија. Југославија претставуваше персонификација на успешна и функционална заедница на „јужните Словени“ која со Маршал Тито доживеа голем просперитет и стабилност. По имплозијата на АВНОЈ-ската конструкција, Европејците зачестено почнаа да го употребуваат изразот Балкан, кој асоцираше на вековните крвави трагедии, геноцид, раселувања и протерувања по етничка припадност, кои повторно заживееа во текот на деведесеттите години од минатиот век од страна на антагоностичките нациоанализми. Подоцна еврократите нѐ научија дека во суштина постоел еден „добар Балкан“ и еден „лош Балкан“, оној кого го нарекоа Западен Балкан. „Добриот Балкан“, кој е дел од ЕУ, во последно време се обидува да му „помогне“ на „лошиот Балкан“ преку разни „нон-пејпери“ и „менувањето на границите“ за да го придвижи кон европските интеграции.

Токму проширувањето на ЕУ кон „лошиот Балкан“ повлече значајни дебати во политичките кругови помеѓу евроскептицистите и еврооптимистите. Противниците на проширувањето сметаат дека новите проширувања носат опасност од негативни економски последици, млитав економски раст, пораст на невработеноста, поголем притисок врз социјалните и пензиските фондови на ЕУ. Денес дури близу 70 отсто од испитаниците во ЕУ сметаат дека новите проширувања ќе влијаат врз порастот на невработеноста во ЕУ. Конечно и „капацитетот на апсорпцијата“ на ЕУ е надминат, со оглед дека сегашните институции не би биле во можност ефикасно да функционираат со постојаното примање на нови членки. Според мислењето на францускиот политиколог Стефан Арабе „сегашната иституционална структура на ЕУ има потреба од реформирање и модернизација, бидејќи била создадена во времето кога ЕУ имала три пати помалку членки“. Во последните години не престана да се пишува за кризата и потребите од реформите на Европската унија, кризата на лидерството, а најевидентно се манифестира за време на пандемијата со корона вирусот.

Во целиот  европски галиматијас, каде индивидуата е целосно маргинализирана,   познатиот француски аналитичар Пјер Московици се прашува „каде е граѓанинот и неговото влијание врз политиката на ЕУ?“ Имено, механизмот на проширувањето никогаш не ги земал предвид мислењата на граѓаните кои одбиваат да ја прифатат машината за проширувањето со која секогаш управувале елитите.

Но дали просечниот Европеец знае нешто позитивно за Северна Македонија, БиХ или Албанија и кои би биле позитивните ефекти од членството на овие држави во ЕУ?  Во државите членки воопшто или многу малку се направи за да се истакнат бенефитетите од проширувањето на ЕУ. Тоа слободно може да се констатира и за нашите источни соседи, кои најгласно го оспоруваат почетокот на преговорите на Скопје со Брисел. Бугарија и Романија се провлекоа низ иглени уши, но таквата пракса во ЕУ повеќе никој не ја посакува.

Германската аналитичарка Катинка Бариш смета дека „времето на пребрзиот прием на нови членки, како што беше случајот со Романија и Бугарија, заврши“. Во иднина ЕУ нема да преземе значителни политички промени, да покрива нови домени или да прифаќа проширување без да ги праша граѓаните. Во Германија, државата која прифаќа најголем број емигранти од Источна Европа, во 2004 година 56 отсто од јавното мислење сметаше дека увозот на работната сила ќе ја зголеми невработенсота. Кон 2018 тој процент ќе достигне до 80. Слични се и показателите на јавното мислење во Франција.

Според податоците на „Ееруактив-Франс“ (февруари 2021), изнесени во Извештајот на Фондацијата Отворено општество – Париз, секој втор Французин се спротивставува на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, независно што преговорите се наоѓаат на самиот почетокот или не се отпочнати.  

Анализирано по држави, за членството на Црна Гора и Северна Македонија во ЕУ се изјасниле 27% и 25%, а против членството 49% од француските испитаници. Најмала е подршката за Турција со 12 отсто, а против нејзиното членство во ЕУ се изјасниле 76 проценти од испитаниците. Во однос на останатите аспиранти, членството на Србија го поддржуваат 22% од испитаниците, на БиХ и Албанија 20%, и на Косово 15%. Против членството  на БиХ се изјасниле 58%, на Србија и Албанија 60%, а против членството на Косово дури 65%. Останатиот дел на испитаниците немале став по овие прашања. Изразено во  проценти, просечно 59% од Французите се против приемот на државите на Западен Балкан во ЕУ. Евидентно е дека и покрај желбите да не се размислува низ категориите на верската припадност, француското јавно мислење покажува извесни резерви кон државите со исламската вероисповед.  Дали Французите кои се потврдени космополити со републикански и лаички карактер на Уставот, сепак ги третираат Косоварите, Албанците и Бошњаците со некој верски предзнак? Дотолку повеќе што од 67 милиони Французи 7,5 отсто се изјасниле како муслимани.

Евидентно е дека терористичките напади во Франција и војната со ИСИС оставија извесен впечаток врз француското јавно мислење, иако интеграцијата на муслиманите во Франција е релативно добра. Според аналитичарот Себастијан Грику, „ставот на Французите кон проширувањето е идентичен со критичниот став кон институциите на ЕУ“. Французите се народ кои имаат најмалку доверба кон ЕУ. Студијата покажува дека 62% од оние што се за проширување на ЕУ кон Западен Балкан имаат позитивна слика за ЕУ. Тоа значи  дека митот за непријателствата и резервите на Французите не се фројдовски насочени кон Западен Балкан, туку кон ЕУ и нејзините слабости. Интересно е да се напомене дека според студијата на „Еурактив“ „кога на Французите ќе им ја покажете мапата на Европа и ќе им објасните дека Западниот Балкан не е дел од ЕУ, тие се изненадени“.

Како и да е, навикнавме „лошиот Балкан“, пардон „Западен Балкан“, да биде третиран како жртвено јагне за сите промашувања на ЕУ.

Северна Македонија и Албанија направија голем прогрес, но претседателот Макрон во 2018 во Софија го одложи почетокот на преговорите под изговор дека „прво треба да ја модернизираме ЕУ и евро-зоната а потоа да размислуваме за проширувањето“. Потоа следеше „новата методологија на проширување“ со цел уште повеќе да ги релативизира почетоците на преговорите. Кога го претрпевме и тој шок проширувањето почна да се политизира. Најнапред за време на европските парламентарни избори од 12 кандидати единствено Гликсман и Лагард се изјаснија за приемот на Србија во ЕУ. Потоа следуваше политичкиот шок од Бугарија. Министрите во владата на Борисов се натпреваруваа со fake news стратегијата, ирационалните барања околу „бугарските корени на македонскиот јазик и идентитет“ и вистински мобинг со кои го условија почетокот на преговорите на Скопје и Брисел. Разбирливо е ние како граѓани имаме право да се сомневаме во сѐ, па дури и во „вистинските и чесни намери на Брисел“, но и во фриволноста на поплочаната европска патека која ни ја сервираат комшиите и еврократите.       

(Нано Ружин е универзитетски професор)