Колкава поддршка ќе има во парламентот подновената влада?
Најмалку по 65 пратеници се очекува да ја поддржат реконструкцијата на владиниот кабинет што ја предложи премиерот Зоран Заев, за чии предлози за разрешувања и избор на министри би требало да се гласа поединечно бидејќи со промените не е надмината една третина од актуелниот состав на „Илинденска“.
Очекувањата се дека сите пратеници од мнозинството ќе присуствуваат на седницата што почнува денеска претпладне и ќе се вклучат во гласањето. Неизвесен е само 68. „глас“, колку што брои моментно парламентарното мнозинство. Станува збор за потпретседателот на парламентот Весел Мемеди од НДП, која го изгуби ресорот за локална самоуправа. И покрај најавите, премиерот не предложи досега нов кадар од ова партија за министер без ресор на местото на либерал-демократот Зоран Шапуриќ, кој се најде на листата за разрешување, за сметка на предлогот претседателот на ЛДП, Горан Милевски, да биде министер за локална самоуправа.
Во неделата НДП реагираше на смената на Сухејл Фазлиу од министер за локална самоуправа и најави можно преиспитување на нејзината позиција во рамки на владејачкото мнозинство. Мемеди не одговори вчера на телефонските повици за да каже како ќе гласа за предлозите за именувања и разрешувања. Всушност, неизвесен е и гласот на Горан Милески, кој вчера не одговори дали ќе си поднесе оставка од пратеник на почетокот на седницата, по што е неизвесно дали ќе има време да се верификува мандатот на новата пратеничка од СДСМ што доаѓа на негово место или, пак, ќе чека функцијата во законодавниот дом да му престане по автоматизам со изборот за нов министер.
Подготвувајќи ја реконструкцијата, кога паралелно размислуваше и за други опции, Заев во неколку наврати посочи дека претстојните промени во извршната власт ќе бидат и своевиден тест за парламентарното мнозинство. Стартна позиција на владата на СДСМ и на ДУИ во јуни 2017 година беа 62 пратенички гласа или еден повеќе од неопходниот минимум за обезбедување мнозинство во парламентот. Затоа, пак, со понатамошните промени во владејачката коалиција, како што беше излегувањето на Алијансата за Албанците, а потоа и проширувањето минатата година ова време, кога се случи и последната реконструкција, се стигна до бројка од 68 пратеници од мнозинството.
На денешната седница, кога се очекува како прва точка да бидат ставени разрешувањата на шестмина членови на кабинетот, а потоа и именувањата на нови шестмина се очекува жестока расправа, со оглед на ставовите што ги изнесе опозицијата изминатите денови критикувајќи ги кадровските политики на премиерот, а во иднина и министер за финансии. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, на прес-конференција во партијата изјави дека власта предводена од Заев била класичен криминален картел.
„Веќе е јасно дека Македонија има на чело криминален картел предводен од Заев, но истовремено има и крајно неспособна влада која нема капацитет да направи нешто за граѓаните, да донесе реформи и да не приближи до европските интеграции. Со оваа власт нема перспектива и напредок“, рече Лашкоска повикувајќи се на изјави на поранешниот советник во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ и на заменик-министерот за образование Петар Атанасов, кој завчера поднесе оставка.
Од опозициската независна пратеничка група ни посочија дека допрва ќе се координираат како ќе настапат во расправата и гласањето. Со оглед на тоа што станува збор за промена на помалку од една третина од министрите, нема ограничувања до кога може да трае седницата, ама проценките се дека тоа не би требало да биде повеќе од два дена. Притоа не се доведува во прашање поддршката од мнозинството пратеници, според неофицијални информации, поради тоа што особено во ДУИ се задоволни од тоа како помина нивната партија во овој бран кадровски промени.
Се очекува широка поддршка и од пратениците од коалицијата на СДСМ, иако, како што се зборува во партиски кругови, во главната владејачка партија има тивко незадоволство, па и изненадување од потезите на лидерот и премиер Заев. Партиски извори коментираат дека функционерите на СДСМ уште кон средината на април биле оставени во неизвесност за тоа каде ќе заигра метлата и со тоа принудени да внимаваат на секој потег што ќе го преземат. Смената, практично, само на Драган Тевдовски, исто така се смета за своевидно изненадување, поради тоа што во изминатите два месеца неговото име не котирало највисоко на листата за можни разрешувања, со оглед на тоа што многу почесто се спомнуваа во тој контекст министрите за транспорт и врски и за здравство Горан Сугарески и Венко Филипче, кои, сепак, ја „преживеаја“ реконструкцијата. На „Бихаќска“, според информациите, и натаму владее неизвесност и атмосфера на негодување меѓу различни лоби-групи, во очекување на вториот и третиот бран промени – кај заменик-министрите, како и на директорски позиции во државни и јавни институции и компании.
„Вечен“ судир во СДСМ меѓу идеологијата и бизнисот
Во рамки на СДСМ ова е третпат од 2004 година досега да се води расправа за можен идеолошки судир, односно за судир меѓу идеолошката ориентација на партијата во однос на носители на функции кои се претставници на крупниот капитал, како спротивност на социјалдемократијата и левичарската идеја. Сите досегашни тројца премиери од редовите на СДСМ се соочија со судири по таа основа.
Првпат тоа се случи во 2004 година, по повлекувањето на Бранко Црвенковски од премиерското место за да се кандидира за шеф на државата. Тогаш и за луѓе од самото раководство на СДСМ претставуваше проблем што премиерската функција ја презема Хари Костов – прво како човек надвор од партијата, а потоа и како претставник на бизнис-заедницата, иако претходно не беше детектирано како проблем тоа што директорот на една од најголемите банки во земјава е министер за внатрешни работи. Реакции по таа основа имаше и кога Костов, по околу шест месеци, поднесе оставка од премиер (главно поради несогласувања со кадри на ДУИ), а негов наследник стана Владо Бучковски. Тој, пак, го постави за вицепремиер бизнисменот Минчо Јорданов, кој исто така имаше концепциски несогласувања со тогашниот министер за финансии Никола Поповски.
Предводници на коалицијата на СДСМ деновиве излегоа со различни размислувања во однос на кадровските промени во владата и отстапките што ги направија водечките партии на „Илинденска“.
Вицепремиерката Радмила Шекеринска, која е заменик-претседателка на СДСМ, за одлуката на премиерот Зоран Заев да биде и министер за финансии, изјави дека често се случува премиери да извршуваат и министерска функција кога сакаат да стават посебен акцент на одредени прашања. Такви примери, како што објасни, имало во Грција и моментно во Нов Зеланд (каде што премиерката Џасинда Ардерн е и министерка за уметност и култура, за национална безбедност и разузнавање и за намалување на детската сиромаштија – н. з.)
„Тоа е пораката што ја испрати премиерот. Дека во ситуација кога ги покажавме резултатите на интеграциски план, главниот фокус треба да биде ставен на економијата“, изјави вчера Шекеринска.
Претседателот на НСДП, Тито Петковски, во гостување на 1ТВ рече дека ја смета за необична оставката на Тевдовски, ако се има предвид дека тој е авторот на економската програма на СДСМ, која е чисто левичарска и јасна уште од предизборието.
„Тевдовски настапи јасно уште во предизборието. Како министер уште пожестоко инсистираше дека тежината на реформите треба да се определи правилно, дека од богатите треба да се одземе и да се даде на посиромашните. Тоа е чисто левичарски пристап и се прашувам дали има некоја идеолошка разлика кога се знае дека економијата ја води претставник на бизнис секторот, на крупниот капитал. Тој судир беше тивок, латентен во самата Влада“, истакна Петковски.
Во однос на ротацијата на Садула Дураки од животна средина во новото министерство за политички систем, Шекеринска негира дека е направена под притисок на ДУИ. Таа рече дека по критиките од јавноста дека тој не е добар министер за екологија, како влада сметале дека треба во овој ресор да внесат нова енергија, нов човек и посилна политика.
Петковски, од друга страна, го оцени како некоректен односот на ДУИ кон премиерот Заев посочувајќи дека Дураки јавно кажал дека не се занимава со граѓаните и дека од јавноста е прогласен за неуспешен министер, а сега се очекува од него да биде добар во друг ресор. „За мене е скандалозно тој да се брани со аргументи дека е колективна меморија на ДУИ, дека ја задолжил партијата“, изјави Петковски.
Дураки вчера поднесе оставка од министер за животна средина и просторно планирање, така што прашање е дали парламентот ќе гласа за негово разрешување или само ќе ја констатира оставката пред да биде избран на новата функција. Во образложението на оставката, Дураки посочува дека како министер за екологија се соочил со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина „и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап“.
Александра М. Митевска