Коленичење и популизам – историската комисија е поткопана од дома
Драги Ѓоргиев изјави дека премиерот се вмешал со популистички просудби за историјата, а Мицкоски му одговори дека „коленичел“ пред министерски кабинети
Понатамошната работа на македонскиот дел од историската комисија со Бугарија на своевиден начин е поткопана уште пред да се избеарт новите членови кои ги најави премиерот Христијан Мицкоски, кои ќе треба повеќе да ги „штитат националните интереси“.
Досегашниот претседател на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев, во денешното интервју за „БИРН“ изјави дека премиерот со своите изјави ја компромитирал работатата на идната историска комисија, а Мицкоски возврати грубо велејќи дека историчарот „коленичел пред министерски и премиерски кабинети“.
Во интервјуто за „БИРН“ Ѓоргиев ја нарече „неаргументирана и неодговорна“ изјавата на Мицкоски дека комисијата не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ.
Тој објаснува:
„Неаргументирана бидејќи во неа не постои никаков аргумент кога и на кој начин комисијата ‘не била заштитник на националните интереси на македонскиот народ’.
Неодговорна, па дури и опасна, бидејќи со неа крајно неодговорно се дехуманизираат припадници на академската средина. Притоа таа се базира на лични видувања, кои, всушност, стануваат државни и праќа порака дека секој што не ги брани националните интереси согласно тие видувања, ќе биде етикетиран и ќе сноси последици. Конечно, таа е полна со популизам, затоа што премиерот се претставува себеси како познавач и заштитник на народните интереси, кој точно знае кои се тие и на кој начин треба да се бранат“.
На прашањето – „Каква порака испраќа менувањето на членовите на македонскиот тим со менувањето на власта“, Ѓоргиев одговара?
„Комисијата е тело формирано од владата и таа има право да одлучува за нејзиниот состав. Но, начинот на кој е најавен тој чин, за жал, претставува чин на брутално мешање на политиката во работата на Комисијата. Тој чин праќа јасна порака дека работата на Комисијата веќе не е во доменот на науката, туку во доменот на политиката и на чисто партиските интереси.
Освен тоа, по изјавата на премиерот, работата на новите членови во таа комисија веќе е компромитирана и партизирана. Тие ќе работат под силниот товар на ‘заштитници на националните интереси’, чие сфаќање е дефинирано од страна на една партија, во име на народот. Таквата слика за нив како ‘заштитници’ е веќе создадена и нејзиното нарушување ќе значи изневерување на очекувањата“.
Премиерот Мицкоски имаше одговор на овие тврдења, велејќи дека Ѓоргиев веќе се „компромитирал во минатото“.
„Господинот Ѓоргиев сум го коментирал многупати во минатото и жалам што тој самиот себе се компромитираше, немаше потреба никој да го компромитира изминативе години коленичејќи пред министерски и премиерски кабинети наместо да си ја гледа работата. Но, тоа е негов избор“, рече Мицкоски.
Составот на новата комисија (нејзиниот македонски дел) ќе биде избран на една од наредните седници на владата. (Н.В.)