Коле Ангеловски со нова книга: Живеев филмски живот во Драмски
-За овие педесет години во Драмскиот театар живеав еден живот кој ретко кој може да го доживее и на ретко кој може да му се случи“, изјави македонскиот театарски и филмски актер, театарски и филмски режисер, сценарист и писател Коле Ангеловски на промоцијата на својата книга “Педесет години во Драмски… и клоцата во…“, викендов во Скопје, во присуство на своите пријатели актери од сите генерации, режисери, сценски работници… со кои и буквално го живееше театарскиот живот.
– За мене оваа книга е педесет години љубов, педесет години на живот во Драмскиот театар, педесет години на гардеробите, ходниците…и 50 години дружење. Драмскиот театар во тие години не претставуваше само -актери и режисери, Драмски беа луѓето што живееа тука, буквално живееа“, изјави актерот и режисер Ангеловски, кој со полно емоции се потсети “едно е сигурно, во стариот Драмски постоеше многу повеќе ентузијазам, верба и, пред се, љубов кон театарот“.
Книгата, чиј приредувач, уредник и рецензент е Свето Стаменов, е своевиден автобиографски запис за педесетте години што легендата на македонскиот театар ги помина во Драмскиот театар во Скопје.
Пред присутните Коле си ја отвори душата, се потсети на анегдотите од претставите, на неправдите кои му се случуваа, на луѓето со кои работел…, а за кои сакал да не се заборават и затоа ги ставил во книгата. Тука се и педесетина фотографии од најзначајните претстави што ги режираше на сцената на Драмскиот театар како “Солунски патрдии“, “Викенд на мртовци“, “Собирен центар“, “Маратонците го трчаат последниот круг“… и уште многу други, култни претстави за кои билетите беа распродадени со недели однапред.
“Коле завршува актерство , а се занимава со режија. Меѓу редовите на книгата постојано е присутно двојството актер режисер. Веројатно актерот Коле го прави кастингот, а режисерот Ангеловски замислата и реализацијата на претставата“, истакна и Тодор Кузманов, театарски критичар.