Колапс на акциите на Сбербанка на светските берзи, во Лондон се продаваат за едно пени


Акциите на Сбербанк денеска паднаа на берзата во Лондон за 95 отсто и се тргуваа и по минимална цена од само едно пени, откако овој руски заемодавач објави дека се повлекува од европскиот пазар.
Најголемиот руски заемодавач соопшти дека нејзините европски подружници забележале „ненормален одлив на готовина“ по воведувањето на западните санкции против Русија поради нападот врз Украина и изрази загриженост за безбедноста на нејзините вработени и имотот, објави CNBC.
Соединетите држави, Европската унија и Обединетото Кралство ги засилија санкциите против руските институции во последните денови, забранувајќи им на големите руски банки пристап до меѓународниот финансиски систем SWIFT и ограничувајќи ја способноста на руската централна банка да користи повеќе од 600 милијарди долари од своите девизни резерви.
Во доцните утрински часови на тргување во Лондон, акциите на Сбербанк паднаа за 94,24 отсто на 0,01 долар, јавуваат американските медиуми и додаваат дека банката од почетокот на годината изгубила 99,9 отсто од вредноста.

 

Сличен пад денеска забележаа и други големи руски компании чии акции се тргуваат на Лондонската берза, вклучувајќи ги Лукоил, Новатек и Роснефт.

Московската берза е затворена трет ден по ред, бидејќи надлежните органи се обидуваат да го спречат девалвирањето на имотот на домашните компании.

Продажба на Сбербанка во регионот

Денеска на ниво на нашиот регионот беше објавено дека неколку банки купиле филијали на Сбербанк во регионот.

Најголемата банка во Словенија НЛБ најави дека ќе ја преземе словенечката подружница на руската Сбербанка, додека во Федерацијата БиХ АСА банка најави дека ќе ја преземе локалната компанија ќерка.

Исто така, Хрватска поштанска банка објави дека ја презема Сбербанк во Хрватска.
Вчера беше објавено дека АИК банка добила согласност од НБС и други надлежни регулаторни тела, со што се исполнети сите услови за стекнување сопственост над Сбербанк Србија, пишува Блиц.