Која е Валери Пекрес, жената што може да го победи Макрон?

Пекрес знае руски, англиски и јапонски, а себе се опишува како „две третини Меркел и една третина Тачер“
Кога ја опишува прелиминарната битка меѓу француските политичари од десниот центар пред пет години, Валери Пекрес, се сеќава на поговорката што ја употреби еден од логорот губитници: „Ако две кучиња се борат за коска, се појавува трето куче и ја освојува“.
Самата Пекрес штотуку го направи истиот трик на последните прелиминарни избори меѓу членовите на партијата Републиканци во земјата, победувајќи ги фаворитите вклучувајќи го и Мишел Барние, поранешниот преговарач на ЕУ за Брегзит, за да ја добие номинацијата како кандидат за претседателските избори следната година. 54-годишната политичарка од кариера, моментално избрана за лидер на регионот Ил-де-Франс кој го опфаќа Париз, сега има добри шанси да го спречи реизборот на Емануел Макрон во април и да стане првата жена претседател на Франција.
„За прв пат во својата историја, партијата на генералот Де Гол, на Жорж Помпиду, на Жак Ширак и Николас Саркози ќе има жена кандидат која ќе се кандидира на претседателските избори“, им рече Пекрес на расположените поддржувачи во Париз минатиот викенд. Таа се опишува себеси како „две третини [Ангела] Меркел и една третина [Маргарет] Тачер“ и вели дека е политичар што ги завршува работите.
„Моите противници ме нарекуваат Железната дама“, изјави таа за Фајненшел Тајмс оваа година.
„Мислам дека таа ќе биде навистина сериозен предизвикувач“, вели пријател кој ја познава уште од универзитетските денови. „Таа е немилосрдно вреден работник и беше застрашувачки министер“.
Саркози, во чија администрација таа беше министерка за високо образование и буџет, исто така ја пофали нејзината трудољубивост, велејќи дека единствено што посакува од неа е да биде „малку позабавна“. Но, последните анкети покажуваат дека Пекрес е мудар избор на десниот центар. Според анкетите таа ќе ги победи екстремно десничарските претенденти како Марин Ле Пен и Ерик Земур и ќе собере 20 отсто од гласовите во првиот круг, со што ќе се квалификува за вториот круг против Макрон со 23 отсто. Уште позначајно, анкетите сугерираат дека таа ќе продолжи и ќе го порази претседателот во вториот круг со 52 отсто наспроти 48. Тоа е првпат во која било објавена анкета да губи Емануел Макрон.
„Таа е потценувана многу често“, вели Винсент Мартињи, професор по политика на Универзитетот во Ница. „Таа е многу решителна, многу мотивирана, вреден работник, има министерско искуство и го води најважниот регион во Франција“.
Таа сепак нема да има лесна кампања. Мажена, со три деца, нејзините политички непријатели ја прикажуваат како римокатоличка буржоаска која живее во просперитетно западно предградие на Париз, во земја во која гласачите наводно ги ценат провинциските корени – иако таа се труди да го нагласи своето корзиканско и јужно потекло и да истакне дека во регионот што го води има некои од најтешките квартови во Франција. Пекрес знае руски и јапонски, покрај англиски, а исто така дипломирала на две од врвните француски институции, HEC Paris (Ecole des hautes études commerciales) и – како и Макрон – на ENA (Национална административна школа).
„Таа е квинтесенција на француската елита“, вели Мартињи. Но, таа ризикува да биде одвлечена на непријатна политичка територија од страна на нејзината партија, која толку нагло се пресели на десно што привремено ја напушти во 2019 година. Тоа беше резултат на силната антипатија на белите гласачи кон муслиманските имигранти и барањето за драконски мерки за непочитување на законот и редот поттикнати од Ле Пен и Земур. Нејзиниот предлог во оваа кампања, да се удвојат казните за тешки кривични дела извршени во предградијата каде полицијата често е во опасност, некои критичари го дочекаа со збунетост. Тие истакнаа дека таа долго време предава уставно право и била член на Државниот совет и треба да знае дека е неуставно да се дискриминира на ваков начин.
Пекрес, сепак,е умерена според сè поконзервативните стандарди на нејзината Републиканска партија, но нејзиниот тврд став за законот и редот и нејзината посветеност на економските реформи и фискалната ортодоксија котираат добро кај француската десница. Таа го обвини Макрон дека „заглавил’ трошејќи ги парите на даночните обврзници за време на пандемијата и вети дека ќе укине 200.000 административни работни места од надуената државна служба во земјата – нешто што Макрон вети, но не успеа да го направи во текот на неговите пет години на функцијата.
„Емануел Макрон има само една опсесија – да угодува. Јас, пак, имам само една опсесија – да дејствувам“, им рече таа на своите поддржувачи во римувана критика на она што го гледа како недостаток на посветеност на актуелниот претседател за тешките реформи што и се потребни на Франција.
На Макрон, кој дојде на власт изјавувајќи дека е „ниту десен, ниту лев“, не му беше проблем да ја победи Марин Ле Пен, лидер на крајнодесничарското Национално собрание, во телевизиска дебата пред последниот круг од претходните претседателски избори во 2017 година, па и овојпат ќе му беше удобно да се соочи со неа. Но, Пекрес е политички најблиску до Макрон од сите негови главни ривали за 2022 година, знае историја и економија исто како и тој и има солидно досие во владата. Тридецениски пријател на Пекрес вели: „Соочен со компетентна жена, не гледам дека на Макрон му е многу удобно“.