Кој што нуди на изборите: Од големи плати до големи илузии


Вардарска силиконска долина“, оштета за грабежот во транзицијата, брза железница од девет милијарди евра, одземање на половина од имотот на најбогатите ако не го докажат потеклото, Македонија до 1.000-то место на Шангајската листа на најдобри универзитети во светот и слични чуда се дел од предизборната партиска понуда. Колку се подалеку од власта партиите, толку се почудесни ветувањата, при што и СДСМ со тоа што го нуди го претрка и ВМРО-ДПМНЕ, победувајќи го практично на неговиот  „терен“, со делењето јавни пари низ разни субвенции, проекти и зголемувања на плати

 

Слободанка Јовановска

Најкуриозитетно е дека во предизборниот популизам СДСМ го надмина ВМРО-ДПМНЕ ветувајќи поголема просечна (над 33.000 наспроти околу 32.000) и поголема минимална плата (околу 20.000 наспроти 18.000) наредните четири години, како и поголемо зголемување на пензиите. Ако се тргне настрана изградбата на Клиничкиот центар кој е бившо неостварено ветување, во понудата на СДСМ има повеќе други што се лепливи за гласачите.

Така, СДСМ најавува две милијарди денари во активни мерки за вработување, една милијарда евра странски и 2,2 милијарди евра јавни инвестиции. Се обврзува исто така да ја намали невработеноста по 3 отсто годишно, да продолжи со програмата за субвенционирање на плати, а данокот во ИТ индустријата да го сведе на нула наредните четири години. СДСМ сака од Македонија да направи регионален стартап и истражувачки центар, а младите  до 29 години да не плаќаат данок ако се вработат. Ветува 260 километри автопати и 300 километри експресни патишта, 200 милиони евра субвенции за земјоделците, обнова на болниците, целосно електронско здравство и, што е најкуриозитено со оглед на актуелната состојба – брза помош за десет минути по повик за интервенција.

СДСМ ветува и бесплатни градинки за деца на социјално загрозени, тројно повеќе еколошки инспекции и исто толку поголеми казни за загадувачите, а ќе обезбеди дури 100 милиони евра за филтри за индустриските капацитети. Сите институции во државата наредните четири години треба да се префрлат на чисти горива, а таков треба да биде и целиот возен парк на јавната управа. СДСМ најавува и часови по хигиена во училиштата, селекција на отпадот (најневеројатно ветување во моментов) и уште поневеројатно – намалување на бројот на јавната администрација за 20 отсто.

Ќе се чисти и судскиот систем, така што ќе се разрешуваат сите судии на кои ќе им застаруваат случаите, ќе им се проверува имотната состојба и ќе се направи ревизија на 5 отсто од пресудите во изминатите пет години. Сите што ќе пријават корупција и таа ќе се потврди ќе бидат наградени, а јавните функционери ќе мораат со закон да ги објавуваат службените трошоци, додека на пратениците ќе им се укинат трошоците за патувањата до работа. СДСМ најавуваат и отворање на 80 отсто од преговарачките поглавја за членство во ЕУ и две милијарди евра од европските фондови до 2024 година.

ВМРО-ДПМНЕ, освен зголемувањето плати и пензии, ветува 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, бесплатен приклучок до гасоводната мрежа, плати во основното и средното образование до 36.000 и до 100.000 денари на универзитетите, нула данок на доход за младите вработени, невработеност под 10 отсто, раст на БДП од 4 отсто (како и СДСМ), покривање на половина од трошоците за нови фасади, рамен данок од 8 отсто, спортски денар од буџетот, помош за вработување на младите, дури 640 милиони евра субвенции за земјоделците, автопат Битола- Скопје и друга патна мрежа, како и други нешта што веројатно и ќе ги остварат додека Македонија има моќ да се задолжува со кредити.

Она што е куриозитет за ВМРО-ДПМНЕ е ветувањето за нула толеранција кон корупцијата и криминалот, ветувањето дека сите ќе имаат исти права пред законите, т.е. ќе нема селективна правда и ветувањето дека ќе ги обноват институциите, но и идеалите и вредностите во општеството (ако е како во претходниот мандат, гласачите треба да подразмислат), како и дека ќе овозможат барем еден универзитет да скокне 800 места на Шангајската листа, така што ќе се најде меѓу првите илјада најдобри во светот.

Нивната носителка во Првата изборна единица, Гордана Силјановска-Давкова,  промовираше и некои ветувања кои беа дел од нејзината претседателска кампања, меѓу кои промена на Уставот за да му се даде граѓански карактер, или попросто, бришење на албанскиот народ од Преамбулата а со тоа и упад во Рамковниот договор. Таа најави и преиспитување на непотребните функции како заменици министри, членови на управни надзорни одбори, давање ваучери за културни настани и – крај за партизираната администрација.

Шампион во големи ветувања е Единствена Македонија, која освен што ќе ги укинува сите меѓународни договори кои ќе се најдат на нејзината линија на одбрана на националните интереси (Преспанскиот, пред сѐ) и ќе нѐ изнесе од НАТО и ЕУ, ќе направи и ревизија на украдените, според неа, 15 милијарди евра за време на последните 30 години. На оваа тема големи ветувања имаат и другите мали партии.

Така, Македонски концепт истата идеја ја сведе на пореални рамки, ветувакќи дека ќе врати милијарда и пол евра на оштетените граѓани од транзицијата, или по 300 милиони годишно од буџетот што ќе го заштеди спречувајќи одлив на граѓанските пари преку сивата економија. Македонски концепт најавува исто така проверка на имотната состојба, т.е. финансиска лустрација по која тие што не можат да докажат од кај им се имотите ќе треба да платат 50 отсто од вредноста или тоа да им биде запленето. Оваа партија се залага и за намалување на бројот на пратениците до 100, за укинување на замениците, членовите на одборите, министрите без ресор, националните координатори…

Вакви „октомвриски револуции“ најавува и Левица, која се изгуби во два концепта – да ги штити работниците или да води висока политика? Па така Левица на Димитар Апасиев нуди преструктуирање на сопственоста од малкуте богати кон многуте сиромашни што во историјата се нарекуваше национализација. Таа најавува и прогресивен данок, ограничување на лихварството во банкарството, укинување на привилегиите на функционерите, воведување данок на луксуз место на имот и тој да се плаќа на целото богатство, позитивна социјална дискриминација при вработување, укинување на минималната основица за придонеси од платите, ревизија на приватизацијата, но и на Преспанскиот, Охридскиот договор, на двојазичноста…

Фото: Б. Грданоски

Вистински бисер е сепак програмата на Интегра, која би направила Сент Мориц од Македонија ако би била остварлива. Покрај брзиот воз што ќе оди со 200 километри на час на релации меѓу Скопје, Охрид, Струмица, Велес, Куманово и Берово,  што ќе чини  9 милијарди евра (од каде, не се знае), најавува и решавање на задолженоста со претворање на долговите на државата во удели на банките. Интегра ветува и нова рафинерија за нафта(?) за да биде Македонија енергетски независна и слободни зони речиси на секоја тема – од информатичко технолошки со што ќе се создаде „Вардарска силиконска долина“, до здравствени, па и слободни зони за постарите лица, на висина од над 600 метри. Ваквите центри за стари лица, стои во програмата, ќе изобилуваат со одлична транспортна инфраструктура од експресни патишта и брза железница, системски маркети, киносали, спортска инфраструктура, трим патеки за прошетка и се́ што е потребно за да им се овозможи пристојна и достоинствена старост, што пак ќе биде основа и за пензионерски туризам со туристи од странство. „Житото да роди, општеството да се прероди“, е девизата на Интегра во амбициозно напишаната програма за земјоделството. И оваа партија ветува враќање на изнесените милијарди од земјата, но бројчаникот никој веќе не го споменува.

Од албанските партии она што можеше да се разбере, освен премиерот Албанец на ДУИ, е дека Мендух Тачи ветува дека тој лично ќе биде заменик-премиер Албанец. ДУИ веќе најави дека му треба оваа функција за да ги зголеми вработувањата на Албанците во администрацијата, иако за тоа има рамка и сега. ДПА останува на ниво на висока политика, ветувајќи дека ќе се бори за консензуална демократија, правична и пропорционална застапеност на Албанците во буџетот (!), т.е. буџет поделен по етничка линија и, како крајна цел – дводомен парламент, секако на етничка основа.