Кој ќе донесе повеќе инвестиции: Заев ги најави ИКЕА, „Блекстоун“ и „Еколог“, Мицкоски не ги открива трите големи компании


ИКЕА, „Блекстоун“ и „Еколог“, се три големи инвестиции кои ги најави синоќа лидерот на СДСМ Зоран Заев на ТВ соочувањето на Националниот сервис со Христијан Мицкоски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и синоќа рече дека во првите 100 дена од новата влада ќе објават три големи мултинационални компании кои ќе инвестираат во Македонија,но не ги откри нивните имиња, ниту од која индустрија се.

Домашната компанија „Еколог“, според Заев ќе инвестира околу 300 милиони евра врз основа на Законот за стратешки инвеститор, за што повикот уште трае.

„’Еколог‘, македонската компанија етаблирана меѓународно со 300 милиони евра инвестиција согласно законот за стратешки инвестиции е една од компаниите, рече Заев.

Тој додаде дека компанијаата „Блекстоун“ ќе инвестира во таканаречен драјпорт меѓу Велес и Демир Капија, со индустриска зона каде ќе се менаџираат сите стоки од пристаништето од Солун, поради поевтин складиштен простор.

Станува збор за пристаниште „на суво“ (понекогаш се нарекува внатрешно пристаниште) односно внатрешен интермодален терминал директно поврзан со пат или железница со пристаниште, кој работи како центар за претовар на морскиот товар до внатрешните дестинации.

Сепак, најголем адут во делот на странсските инвестиции секако е швадскиот бренд ИКЕА за кој Заев рече дека ќе инвестира во наредните четири години, а за „Фреш фуд“, партнерот на КФЦ, Заев рече дека „во 10 града прави инвестиции во домашно македонско пиле, огромна инвестиција, поголема од 100 милиони евра“.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека трите големи мултинационални инвестиции ги ветува во првите 100 дена откако ќе ја преземе власта и додаде дека имињата на компаниите ќе ги соопшти на првиот ден како премиер.

„Јас точно ќе кажам во првите 100 дена три компании ќе донесат одлука да инвестираат во Македонија. Имињата ќе бидат кажани на првиот ден во експозето кое ќе го дадам како премиер. Тоа ќе бидат сериозни мултинационални компании кои ќе инвестираат сериозен капитал“, рече Мицкоски, додавајќи дека кога зборува за најмалку 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, кои се дел од изборната програма, зборува за нешто што во изминатите три години се назадувало.

„Статистиката за вложувањето на домашните инвеститори во основните средства од година во година е намалена, затоа што или се намалува обемот на бизнис или им се намалува желбата да инвестираат во Македонија“, истакна Мицкоски.

Инаку, Заев денес за Утрински брифинг на Слободна ТВ, рече дека двете најголеми компании за инвестиции се „Блекстоун“ и „Блекрок“.

„Заинтересираноста за Северна Македонија  како главна трансферзала се зајакнува и се зголемува. Американците имаат се поголем интерес за течен природен гас, преку пристаништето во Солун и другите, за пенетрација кон Европа“, рече Заев. Тој додаде дека преку поврзување со интерконекторот со Грција нашата земја ќе дојде до можност гас да обезбедува и од други извори, како и дека ќе има пристап до течен гас. Заев рече дека и Кина ги користи грчките пристаништа за пенетрација во Европа многу повеќе отколку пристанишата во Италија или во други земји.

„Ние треба да искористиме, да направиме подобра инфраструктура“, рече тој, додавајќи дека со кинеската страна била отворена темата за нова брза пруга која ја поврзува Грција и Србија и минува низ Македонија.

„Мене ми е јасно, ние имаме пруга која ги задоволува нашите потреби и не можеме да земеме кредит за таква пруга. Би земале за Коридорот 8, таму каде што имаме стратешки интерес“, рече Заев.

Осврнувајќи се на „пристаништетото на суво“, што би требало да се гради меѓу Велес и Гевгелија, тој рече дека веќе се понудени 500 хектари земјиште кое се урбанизира. Заев рече дека постои комуникација со „Блекстоун“ и појасни дека покрај површината на земјиштетот било потребно локацијата да е достапна и да има лесен пристап до автопат, до пруга заради тоа што ќе се транспортираат стоки.

„Јас ги најавувам како заинтересирани инвестиции. Математиката е јасна, наместо да плаќаат по 100 евра за тон чување, тука ќе платат 20 евра“, рече Заев.