Кој е Талат Џафери и како стигна до втората највисока позиција во државата?


Прв Албанец министер за одбрана, а сега и кандидат за прв Албанец премиер. Које Талат Џафери, политичарот што испиша историја за ДУИ и за, поради што денес во Собранието има известувачи и од соседна Албанија?

Џафери важи како одличен познавач на собранискиот Деловник, човек кој не премолчува на опозицијата и влегува во жестоки дуели, човек кој го следат контроверзи во работниот век, остар, но и отворен кон медиумите. И покрај  се  јавноста се уште за него говори како за човек од УЧК, нешто што му носи поени кај Албанците, но му е минус кај Македонците и поле за партиски препукувања. 

Талат Џафери е роден во селото Форино, Гостиварско, на 15 април 1962 година. Основно образование завршува во селото Чегране, а средното го продолжува во Белград, во Воената гимназија.

Студира на Воената академија на копнена војска на ЈНА – насока пешадија, во Белград и во Сараево. Постдипломски студии – Специјализација за командни и штабни должности завршува на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје.

Од 1985 до 1992 година е офицер на ЈНА, а по осамостојувањето на Македонија станува офицер во АРМ. Таа позиција ја има и на почетокот на војната во 2001 година, кога командува со единиците во тетовската касарна.

На 28 април, на денот кога е извршен масакрот кај Вејце, бил дежурен командант во касарната во Тетово. Неколку дена потоа дезертира и преминува во ОНА, каде што го добива прекарот командант Форина, по своето родно село.

Во биографијата објавена на собранискиот сајт, овој дел од кариерата на Џафери не се споменува. Има дупка во хронологијата, па од офицер на АРМ до 2001 година, се преминува на периодот кога командант Форина станува пратеник во 2002 година од редовите на ДУИ.

Во 2004 година, тој станува заменик-министер за одбрана, а во 2013, во владата на Никола Груевски е избран за министер за одбрана. Изборот на Џафери за министер за одбрана предизвика големи поделби и жестоки реакции.Поранешните бранители поднесоа иницијатива за собирање 150 илјади потписи, на кои граѓаните на референдум ќе можат да се изјаснат дали се согласуваат со изборот на министерот.Околу назначувањето на Џафери беа организирани и етнички протести во Скопје, кои ескалираа во судири со полицијата. На првиот протест, етнички Македонци протестираа против назначувањето на Џафери, за следниот ден Албанците да излезат на контрапротест.Во дводневните насилства беа повредени околу 30 лица, а беа уништени повеќе автомобили и запалени автобуси. 

Во време на својот мандат, без придружба од униформирани армиски офицери, министерот за одбрана се поклони пред споменикот на УЧК во Слупчане по повод 12-годишнината од Рамковниот договор. Меѓу присутните министри од ДУИ и владини соработници официјално немаше ниту еден македонски претставник. Министерот Џафери не сакаше да одговори дали доаѓаат приватно или како делегација на влада.

ВМРО-ДПМНЕ и нивните поддржувачи немаа против поранешен командант на ОНА да стане министер за одбрана и да ја предводи македонската Армија. Но, имаа против кога Џафери се избираше за претседател на Собранието во 2017 година. Додека пред Собранието, со денови се одржуваа протести, Џафери во тензична атмосфера беше избран за прв човек на законодавниот дом. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со извици „предавници“ и пеење на македонската химна се обидоа да го спречат изборот.

На изборот му претходеше тензична состојба откако речиси сите пратеници останаа во салата, и покрај тоа што претседавачот Трајко Вељановски го прекина продолжението на конститутивната седница. До прекинот дојде откако пратениците прво ја пееја државната химна, а потоа и еден од пратениците Албанци ја испеа албанската химна. Тогаш се случи еден од најцрните денови во македонската демократија кога демонстрантите упаднаа во собраниската зграда, а дел од пратениците, заедно со идниот премиер Зоран Заев беа заробени во прес-центарот.

Јавноста ги памети и повеќето политички егзибиции на сегашниот прв човек на Собранието што ги правеше како пратеник. Во 2012 година, тој имаше своевидно шоу на Комисијата за труд и социјална политика, со кое го блокираше носењето на Законот за бранителите.Молчење на говорница, читање поезија, како и читање стенограми беа методите што Џафери ги користеше за да ја блокира работата на Комисијата.

Додека сега се грижи за спроведување на Деловникот, тогаш тврдеше дека неговото однесување не е спротивно на него и дека има право на овој начин да го блокира предлог-законот за бранителите.Речиси две недели, тогашниот координатор на ДУИ водеше маратонски седници во зборување, за потоа да најави дека неговиот збор ќе го користи комбинирано со молчење и зборување. Ставот на ДУИ беше дека ќе ја блокираат комисијата до бескрај, со што нема да дозволат законот да стигне на собраниска седница.

Во 2012 година, пак, Џафери заедно со Крсто Мукоскиод ВМРО-ДПМНЕ го предложи Законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, односно прислушуваните разговори што ги поседуваше СДСМ.Џафери беше главен застапник на овој предлог-закон, кој предвидуваше затворски казни за објавување на разговорите, а требаше да важи и за медиумите. Тогаш влезе во клинч и со новинарската фела, која жестоко се спротивстави на овој предлог-закон како закон што ќе цензурира. На крајот, Џафери и Мукоски го повлекоа својот предлог.

Во 2018 година малку недостасуваше да дојде до тепачка со тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Груевски.Груевски го испрска со вода претседателот на Собранието, па му ја зеде картичката за гласање по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од Груевски. Тогаш дојде до турканица меѓу двајцата, а собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.Тоа се случи веднаш откако Џафери ја стави на дневен ред точката за Законот за употреба на јазиците.

Во јавност излезе и аудиоснимка на која се слуша како Џафери пцуе по вработените во собраниската служба.

– Сите од служба, конкретно од седници, веднаш кај мене, сите позади што седат сите до еден, вие што сте на плата и уште си е..те мајка овде. Што бараш бе ти овде, ајде бегај таму, бегај, излези! – со повишен тон им се обраќа Џафери на вработените.

Џафери на брифинг со медиумите рече дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на објавената аудиоснимка.Според него, пцовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имаат кон работата.

Антикорупциска и јавноста реагираа на завршувањето на Академијата за судии и обвинители на неговиот син Барлет. На забелешките на пратеникот Игор Јанушев, Џафери жестоко изјави:

„Игор Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери ни ти, ни многу од вас тука не можете да му дојдете до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран“.

Последната контроверза е одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за неговиот избор денеска, нешто што се гледа како дел од политичките игри на опозицијата кое нема да влијае на неговата работа како технички премиер. Џафери практично му ја зеде славата и функцијата на Артан Груби  кој се гледаше себеси на оваа функција, но се покажа дека неговиот избор не би бил прифатлив за јавноста.