Кој е следен? Системот!: Протестен марш на илјадници луѓе во центарот на Скопје

Движењето „Кој е следен“ бара да прекине партизирањето кое е наметнато од системот и „да прекинеме да ја романтизираме улогата на жртва, која ја негува системот“


Од протестот на движењето „Кој е следен“ во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Повеќе илјади граѓани, главно млади луѓе, вечерва и покрај дождот, се собраа во центарот на Скопје во рамките на протестот на движењето „Кој е следен?“ Протестот започна со триминутен молк за загинатите во Кочани и со положување цвеќе на плоштадот „Македонија“. Потоа присутните се упатија кон Собранието.

Протест пред Влада (Фото: Б. Грданоски)

Оттаму маршот се упати кон „Холидеј ин“ преку мостот, а потоа по булеварот „Гоце Делчев“ до Владата каде е планиран шестнаесетминутен молк.

Пред Владата граѓаните извикуваа: „Правда“, „Уа профитери“, „Ние сме системот“, „Не се плашиме“, „Цела влада-оставка“, „Убијци, убијци“… После тоа имаше шестнаесетминутен молк.

Фото: Б. Грданоски

На собирот од движењето поставија и конкретни барања. Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс“ од неговото отворање до несреќата. Да се објави документацијата од Државниот пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државнниот радежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локална самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јави приходи.

Фото: „Трн“

Исто така побараа, соодветна одговорност за сите поврзани во случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо турс“ и „Беса транс“. Движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.

„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“, соопштува „Кој е следен?“.

Како што најавија организаторите во повикот за протестниот марш, на овој собир забранети се партиски обележја, затоа што е граѓански собир, а препораките се да се избегнуваат провокации и да не се носи се што може да послужи како оружје, притоа да се одржува чистота и да не се уништуваат јавен и приватен имот.

„Протестираме затоа што сакаме да останеме да живееме тука и да ни е безбедно дома. Сметаме дека треба да се разгранични конечно активното политизирање и партизирање кое ни се наметнува од системот и да прекинеме да ја романтизираме улогата на жртва, која исто така ни ја негува системот. Главно протестираме за да нема веќе жртви и да ни биде безбедно и сигурно дома“, рече Милена Јаневска од „Кој е следен“.

Таа додаде дека имаат барања во однос на одговорност, безбеденост и транспарентност.

„Очекуваме одговорност од сите што се поврзани со трагедијата во Кочани, но не само од нив, туку од сите претходни трагедии односно треба да одговараат и транспарентно да се изнесат пред јавноста сите оние што биле поврзани со трагедиите досега“, додаде Јаневска.

Движењето се формираше по смртта на Фросина Кулакова на 29 јануари годинава, кога беше прегазена поминувајќи пешачки премин кај пекарата „Силбо“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.