Кој е шампион во плаќање на работниците? „Тесла“ ги намали платите, но доминираат две технолошки фирми

Со растечка економија и напрегнатиот пазар на труд, медијалната плата се зголеми кај повеќето компании од S&P 500 минатата година, според анализата на Волстрит џорнал (WSJ), пренесува Телеграф.
Во оваа смисла, најмногу се истакнаа „Алфабет“ (компанија мајка на „Гугл“) и „Фејсбук“ („Мета“), кои обезбедија медијална заработка од речиси 300.000 долари.
Тие исто така беа меѓу речиси 150 компании кои соопштија дека нивниот „среден вработен“ заработува повеќе од 100.000 долари годишно.
Најслабо платени работници биле во снабдувачот на автоделови „Аптив“, чиј работник со полно работно време во фабрика во Мексико заработил помалку од 7.500 долари во 2021 година.
„Аптив“ е една од 44-те компании кои пријавиле дека им плаќале на работниците помалку од 30.000 долари.
Севкупно, просечната плата лани пораснала во 278 од 453 фирми.
Можеби е изненадување, но „Тесла“ ја намали својата средна плата – во споредба со 2020 година – за 12 проценти. Медијалната заработка во „Тесла“ беше 40.723 долари во 2021 година и 58.881 долари во „Беркшир Хатавеј“, што е пад од 14 отсто во однос на 2020 година.
„Активижн Близард“ (Activision Blizzard) ја подигна својата плата во однос на претходната година (за 18 отсто), а сега таа изнесува 117.207 долари. „Нвидиа“ (Nvidia) ја зголеми медијалната заработка за само 1 отсто, на 217.542 долари, а „Ексон Мобил“ за три отсто – на 189.082 долари.
„Јунајтед ерлајнс холдингс“ го подигна нивото на заработка за цели 23 отсто, што веројатно не е чудно бидејќи во воздухопловниот сектор има голем недостиг на работна сила, а неопходно е да се привлечат работници. Во 2021 година, средната плата во оваа компанија беше 78.245 американски долари.
„Мастеркард“, на пример, ја намали средната плата за три отсто, на 128.154 долари, додека фармацевтската компанија „Модерна“ ја намали за 16 отсто. Секако, заработката во „Модерна“ останува меѓу највисоките кога зборуваме за компаниите од S&P 500, во износ од 133.074 долари.
Познати компании кои исто така ја зголемија својата медијална заработка минатата година се Ebay, Waste Management, IPG Photonics Corp, Etsy, Equifax, Edwards Lifesciences.
Компанијата Edwards Lifesciences ја зголеми средната заработка за неверојатни 41 отсто, на 73.036 долари, а треба да се напомене дека работи во областа на здравствената опрема и услуги. Таа гранка дефинитивно доживеа бум од избувнувањето на пандемијата Ковид-19. Покрај тоа, Air Products & Chemicals, која се занимава со материјали, го подигна нивото на заработка за 34 отсто.
Врз основа на анализата презентирана од Волстрит џорнал, може да се заклучи дека платите најмногу пораснале минатата година во три категории: Медицинска опрема и услуги од областа на здравството; Материјали и набавки; Технологија.