Кој е „храброто дете“ Илче Димовски од ВМРО-ДПМНЕ што ќе го води надзорот на прислушувањето?
Илче Димовски ги водеше средношколците во Битола кои во 2003 протестираа против отворање на албанска паралелка. Три мандати беше советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Битола. Беше и секретар на општинскиот комитет на партијата
БИТОЛА – Илче Димовски е познат партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Димовски деновиве е во фокусот на вниманието на јавноста откако собраниската Комисија за избори и именувања го предложи за претседател на Советот за граѓански надзор на телекомуникациите, предложен од невладиниот сектор.
Димовски често го именуваа како „храброто дете“, познато меѓу битолчани, кое уште пред да биде полнолетно застана на чело на протестите во Битола организирани од битолските средношколци во 2003 година, кога министер за образование беше Азис Положани, испровоцирани од отворањето на новата албанска гимназиска паралелка во Битола. Димовски успеа околу себе да собере голем број истомисленици, средношколци и во подолг период да одржува голема масовност на протестите што беше притисок и врз тогашната власт да не се спроведе намерата.
Средношколците на чело со Димовски бараа нејзино дислоцирање надвор од градот, зашто во спротивно најавуваа дека ќе продолжат да ја бојкотираат наставата.
„Додека не стигне писмена одлука дека албанската паралелка нема да биде тука, ние ќе правиме протести и нема да ја даваме Битола“, беа едни од пораките во тоа време на средношколците на чело со Димовски.
Подоцна Димовски стана интересна млада личност за повеќе партиски субјекти во Битола. Локалните ограноци посакуваат млад кадар како Илче. Се зборуваше дека имал понуди и од ЛДП и од ВМРО-ДПМНЕ и од други партии да им се приклучи во редовите.
Димовски се определи за ВМРО-ДПМНЕ и во три мандати беше советник во Советот на општина Битола. Првиот мандат го одработи од 2005 до 2009, и продолжи со втор мандат до 2013, и третиот до 2017 до падот од власт на Никола Груевски. Секогаш на листите за советниците беше на добитна комбинација, без ризик дека нема да влез во Советот. Овој период локалната власт беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и тогашниот градоначалник Владимир Талески.
Димовски се покажа како активен во политичката битка со тогашните опозиционери и бранењето на политиките и ставовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот градоначалник Талески. За разлика од многу други советници на власт кои ги „отспиваа“ мандатите, тој лесно влегуваше во политичка размена на аргументи со неистомислениците.
Димовски времето на Груевски еден период беше на чело на УМС на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Беше и секретар на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, околу две години од 2009, кога претседател беше Јовко Крстевски, екс-директор на РЕК „Битола“.
Подоцна кога СДСМ дојде на власт движењето во јавниот и политичкиот живот на Димовски спласна.
Неговото последно излегување во онлајн медиум е од 2020 година за време на корона кризата кога Димовски кажува дека е вработен како секретар на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – ФИКТ при Битолскиот универзитет.
Сега за Димовски се зборува дека се подготвува за одбрана на докторска дисертација. (А.Б.)