Кој е, а кој не е Мадуро: „Битка“ со соопштенија меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ
Спектакуларната акција на американската војска да го зароби и да го пренесе во Њујорк венецуеланскиот претседател Николас Мадуро, во Македонија се трансформира во битка меѓу двете главни партии кој бил а кој не бил за диктаторот.
СДСМ вели дека Македонија имала свој Мадуро, а тоа бил Христијан Мицкоски.
„Дали по сите наши активности во борбата против криминалот и корупцијата воопшто треба да нагласуваме нешто за Мадуро? Секако дека поддржуваме борба против криминал и корупција.
Но, Македонија има свој Мадуро. Се вика Христијан Мицкоски и во моментов ја извршува највисоката функција во државата – претседател на Владата.
Ние како партија немаме можност да се занимаваме со работи што се илјадници километри далеку од нас, на друг континент, но затоа се занимаваме со проблемот во нашата држава – криминалната организација предводена од ‘тендер коалицијата’ ВМРО/ЗНАМ.
Сѐ додека не се покрене процесот за примена на Законот за Западен Балкан, ние ќе работиме 24/7 на расклинкување на оваа криминална мрежа.
Сѐ тоа ќе биде подготвено во обвинителството за активирање во моментот кога тоа ќе биде ослободено од притисокот на власта и од канџите на Христијан Мицкоски.
ВМРО заборави дека ние на САД гледаме како на стратешки партнер уште од времето кога се боревме против неговиот ментор Груевски. СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, нели? За кого беше ВМРО тогаш?“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ спротивна нарација.
„Секогаш кога треба да се осуди криминал, СДС избира молк.
СДС, под влијание на своите ментори и ПР-стратези од северот, се вброи меѓу ретките партии кои индиректно го поддржуваат Мадуро и неговиот режим.
Додека демократскиот свет реагира, раководството на СДС молчи. Очигледно, Венко Филипче има поважни приоритети како зимски одмор и скијање во Гармиш-Партенкирхен, во друштво на Зоран Заев.
Дали СДС се откажа од стратешкиот партнер САД?
Зошто СДС нема ниту став, ниту осуда за апсењето на еден од најпознатите симболи на режим, диктатура и нарко-картели?
Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на меѓународните настани се јасни и доследни, а Македонија како членка на НАТО и партнер на САД ја поддржува стратешката соработка со своите сојузници, но истовремено принципиелно се залага за почитување на меѓународното право и дипломатски решенија. Во тоа нема никаква контрадикторност, туку одговорна и зрела надворешна политика за разлика од времето на СДС“, велат од владејачката партија.