Кои министерства доцнат со обврските од Реформската агенда?

Неколку македонски министерства доцнат со исполнување на реформски чекори од Реформската агенда на Владата 2024-2027, која се однесува на Планот за раст на Европската Комисија, чиј краен рок е јуни. На последниот ден од јуни, вчера, тие сѐ уште ги немаа заокружено рефорските задачи за кои се предвидени средства во висина од 43 милиони евра.
Во пресрет на Самитот за Планот за раст во Скопје, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, вели дека не се под закана европските средства, откако претходно беа повлечени средства од предфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Северна Македонија има грејс период од 12 месеци за сите чекори коишто нема да се завршат навреме.
„Во јуни 2026 година средствата ќе бидат под ризик и тогаш ќе можеме да ги изгубиме“, порача Муртезани вчера на прес-конференција во Скопје.
Станува збор за обврските коишто ги немаат завршено министерствата за економија, правда и енергетика.
Муртезани вели дека не сите чекори коишто треба да се преземат се однесуваат на реформи. На пример, Министерството за енергетика има план за реновирање на згради на институции за енергетска ефикасност, но поради различно толкување на законската основа се чека разрешница во текот на денот. Исто така, Министерството за економија треба да преземе неколку чекори кои не се поврзани со закони. И за напредокот на овие обврски, Муртезани очекува повеќе информации на последниот ден од рокот.
Собранието деновиве донесе четири закони за дигитална трансформација од реформската агенда. Со носењето на овие закони, во согласност со Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, Македонија добива пристап до повеќе од 19 милиони евра, од кои 5,7 милиони евра се наменети како директна буџетска подршка.
Опозициската СДСМ изминатиот период упатија серија критики до власта дека реформските процеси,особено за правосудството, се во катастрофален застој.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д‑р Венко Филипче, на вчерашната прес‑конференција укажа дека премиерот Мицкоски го има напуштено европскиот пат, а законските измени предвидени во реформската агенда не се реализираа до крајниот рок – 30 јуни.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос престојува во дводневна посета на земјата. Таа се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, а ќе учествува и на лидерската средба ЕУ-Западен Балкан за Планот за раст, која ќе се одржи во Скопје. На лидерската средба најавено е присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од ЕУ, регионални организации и меѓународни институции.