Кога немаш резултати, бараш конфликти: Филипче за двете години на Мицкоски
Кога власта нема резултати таму каде што граѓаните најмногу ги очекуваат – во економијата и квалитетот на животот – прибегнува кон старата тактика на поделби и конфликти.
Вака претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги окарактеризира двете години на владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски
„Она што го прави секоја популистичка влада, како оваа на чело со Христијан Мицкоски, а тоа е дека се тера кампања на конфликти, на поделби, на креирање надворешни непријатели, идентификување на внатрешни предавници“, порача Филипче на прес-конференција.
Претседателот на СДСМ оцени дека власта намерно ја користи темата за идентитетот за да го прикрие сопствениот неуспех во економијата и европските интеграции.
„Се претставува европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени. Се користи истата приказна со која настапија на изборите во 2024 година – дека тие се големите патриоти кои ќе го одбранат идентитетот и дека Европа е таа што го загрозува. Тоа е голема лага. Апелирам граѓаните да не подлегнат повторно, како пред две години, на неговиот трик. Да не подлегнат на овие националистички, популистички говори, затоа што единствено нешто кон што оваа лажна реторика води е изолација и сиромаштија“, рече Филипче.
Тој додаде: „Оваа власт ниту има визија, ниту капацитет, ниту знаење како да ги менаџира работите, согласно тоа нема никаков резултат. Ветеното пред граѓаните пред две години нема исполнето ниту 20 отсто. А граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат, поради тоа што паричниците веќе им се празни, исто како и фрижидерите“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека единственото што расте во државата се долговите, додека животниот стандард опаѓа, а младите масовно ја напуштаат земјата.
Претседателот на СДСМ се осврна на Извештајот на ЕП за напредокот на Македонија и рече дека тој ги потврдил предупредувањата на неговата партија за состојбите во државата, посочувајќи дека нема реформи, нема борба против корупцијата и нема напредок на европскиот пат.
„Извештајот на Европскиот парламент е јасен, остар и недвосмислен, а тоа е дека едноставно немаме напредок на европскиот пат. Премиерот јавно зборува дека нема да имаме, ниту може да очекуваме од него и од оваа влада некаков напредок на европскиот пат. Европратениците прво, изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност“, обвини Филипче.
Претседателот на СДСМ се осврна и на забелешките во однос на Кривичниот законик и антикорупциските политики, потенцирајќи дека е потребен нов Кривичен закон, кој е веќе подготвен и на кој се работеше и на крајот од мандатот на владата на СДСМ, изготвен по примерот на германското законодавство.
„Извештајот го потврдува тоа што го говориме со месеци наназад. Дека има медиуми коишто шират антиевропска кампања и антиевропски наративи. Изразуваат загриженост поради стратегиското преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата“, рече Филипче.
Тој го впери прстот кон премиерот за заглавениот европски пат.
„Нема да одиме напред кон Европа. Единствен виновник за тоа што ние не напредуваме на европскиот пат е Христијан Мицкоски и оваа влада“, рече Филипче.