Далеку сме од колективен имунитет


Фото: Б. Грданоски

Досега кај нас една доза вакцина примиле 27,5 отсто од граѓаните. Тоа многу малку за да се стигне до колективен имунитет. Ритамот на вакцинирање е добар, но то не е доволен за неколку месеци бројот на вакцинирани да стигне близу 80 отсто

 

Со вакцинирани околу 470 илјади граѓани Македонија сѐ уште е во долниот дел на табелата меѓу земјите во Европа на лица кои примиле барем една доза вакцина, иако динамиката на имунизацијата последниве денови дава надеж дека состојбата би можела да се промени. Во понеделникот на пример, беа вакцинирани 17.343 граѓани, што се чини дека е рекордна бројка, а ден подоцна , во вторникот, според податоците на Министерството за здравство вакцина примиле 12.053 граѓани.

Сепак, дали е ова доволно да се стекне колективен имунитет? За такво нешто треба да се вакцинираат над 80 отсто од граѓаните.
 
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека поради тоа постојано се упатуваат апели и се спроведуваат кампањи со цел да се покрене свеста на населението за потребата од вакцина.
 
„Треба да се постигне колективен имунитет од 80 отсто, а ние сме далеку од тоа и затоа се нашите апели и кампањи, и преку Министерството, Владата, Канцеларијата на ЕУ, преку УНИЦЕФ со цел граѓаните да се вакцинираат. Вакцината е достапна во сите пунктови, никој од граѓаните кој ќе се пријави за вакцинација нема да биде вратен сѐ со цел да имаме нормален живот“, изјави во вторникот Филипче.
Досега кај нас една доза вакцина примиле 27,5 отсто од граѓаните. Заклучно со вторникот биле вакцинирани вкупно 467.822 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 760.961 дози вакцини, а ревакцинирани се 293.139 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
 
Со последните бројки, како што информираат од Министерството, 60 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
 
Најголем процент вакцинирани граѓани има во Кавадарци 43,5 отсто, потоа следи Охрид со 42,9 отсто и Гевгелија со 41 отсто. Најмал процент вакцинирани граѓани има во Дебар 17,3 отсто, во Тетово 17,1 отсто, а во Кичево 15,8 отсто.
 
Состојбата на вакцинирани граѓани во останатите градови е следна: Ресен 39,8 отсто, Битола 38,9 отсто, Неготино 38 отсто, Штип 37,2 отсто, Пехчево 36 отсто, Велес 31 отсто, Демир Хисар 30,9 отсто, Берово 30,9 отсто, Скопје 30,8 отсто, Валандово 30,6 отсто, Прилеп 30,3 отсто, Пробиштип 29,7 отсто, Крушево 28,3 отсто, Кочани 25,3 отсто, Свети Николе 25,2 отсто, Делчево 24,9 отсто, Виница 24,5 отсто, Крива Паланка 23,9 отсто, Радовиш 23,2 отсто, Струга 23,1 отсто, Куманово 21,2 отсто, Струмица 19,4 отсто, Кратово 18,9 отсто, Македонски Брод 18,2 отсто и Гостивар 17,8 отсто.
 
Со овие бројки Македонија е во рамки на она што ссе случува во регионот, но сепак заостанува зад повеќето земји во Европа, каде што вакцинацијата почна неколку месеци порано отколку во нашата земја.
 
Сепак, и во оние земји каде што процесот на вакцинација е одминат, се најавуваат и почнуваат да се спроведуваат дополнителни рестриктивни мерки, што се должи најмногу на ширењето на Делта сојот на корона вирусот.
 
Така, деновиве многу реакции предизвика изјавата на словенечки епидемиолог дека граѓаните на оваа земја треба да се вратат назад најдоцна до 15 август, што отвори многу дилеми – дали станува збор за некаква најава за нов бран, или пак за нешто друго.
 
Вчера хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ одговарајќи на новинарско прашање дали мисли дека навистина ќе има катаклизмичен крај на туристичката сезона, како што најавија некои епидемиолози, посочи дека задачата на епидемиолозите е да предупредат на најтемните можни сценарија, иако лично не верува дека ќе се случи такво нешто.
 
„Не случајно беше споменат датумот, 15 август. Тоа е две недели пред да започне учебната година, бидејќи сите сакаат да спречат часовите повторно да се одржуваат онлајн. Затоа сите се внимателни и имаат одредени мерки на претпазливост. Затоа велам, наше е да бидеме кредибилни, да се вакцинираме што е можно повеќе “.
 
 
 
Инаку, многу земји во регионот ги поттикнуваат граѓаните да се вакцинираат на најразлични начини.
 
Вчера на пример, во Грција беше објавено дека само еден ден по отворањето на платформата за „Freedom pass“ веќе се пријавиле 120.000 вакцинирани млади Грци на возраст од 18 до 25 години, кои ќе добијат ваучер од 150 евра за патувања, одмор или забава.
 
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Твитер соопшти дека се доставени 120.000 барања и паралелно, ги повика младите да се вакцинираат.
 
Во Србија, пак, каде што и покрај имунизацијата која што почна рано, бројот на корона позитивните расте и започнува нов бран, беа најавени нов пакет мерки и стимулации за забрзување на кампањата за вакцинација бидејќи се очекува силен четврти корона бран. Се разгледува голема наградна игра во која оние што се вакцинирани против корона вирус ќе се натпреваруваат за богати награди.
Во оваа земја заклучно со 20 јули имало 2.644.000 лица вакцинирани со двете дози, од седум милиони луѓе колку што се проценува дека живеат во Србија.
„Блиц“ објави дека владата сака да го стимулира вакцинирањето на млади на возраст од 18 до 30 години, поради што сака да воведе наградна игра, како на пример бесплатни билети за натпревари и концерти, ваучери за шопинг и патувања, како и дополнителна  испитна сесија за вакцинирани или ски карта за зимување.
 
Во многу земји покрај „морковот“ се применуваат и ограничуваа, па така влезот на некои настани е само за оние кои се вакцинирани, или пак ќе покажат негативен ПЦР тест или дека имаат стекнато имунитет со прележување на Ковид-19. Министерот Филипче такво нешто најави и кај нас, почнувајќи од есенва, најверојатно кога очекува во земјава да има веќе значаен дел од населението кое примило вакцина.
Филипче постојано нагласува дека вакцините се ефикасни и безбедни и оти единствениот начин да не бидеме затворени и да се вратиме на старите навики е што поголем број на вакцинирани граѓани и само така може да се придонесе до создавање на колективен имунитет и совладување на пандемијата.
 
Се прават и анализи колку се вакцинирани секторите. Во здравствениот сектор има прилично висок процент, над 85 отсто, од вработените во градинките над 50 отсто, или 54-55, и еднакво толку во основните и во средните училишта.
 
„Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Светот мора да функционира, да биде отворен, затоа е и всушност измислена вакцината, за да се врати животот во нормала“, вели министерот.
 
Инаку, и во Европската унија се зборува за вакцинален јаз, бидејќи постои огромна разлика во степенот на вакцинација. Така на пример, до пред десетина дена Белгија беше водечка држава во ЕУ според стапката на вакцинирање, со 77,7 отсто од возрасното население кое ја примило првата доза. Во одделни делови на земјата, како на пример во Фландрија, има и подобри резултати – таму населението е имунизирано речиси целосно.
 
На спротивниот крај е нашиот источен сосед – Бугарија, каде што стапка на вакцинација од само 16,8 отсто. Земјата се соочува со огромни проблеми со организирање на кампањата за вакцинација и со добивање на вакцини, па таа според податоците е и зад Македонија иако започна три месеци порано.
 

Не е многу подобро и во Романија, а и во други земји на ЕУ процесот на вакцинирање на оди со посакуваната динамика, иако, таму набавката на вакцини одеше многу побрзо и со поголема динамика. До пред десетина дена во ЕУ во просек беа вакцинирани 61,4 отсто од лицата над 18 години, според Европската агенција за болести ЕЦДЦ во Стокхолм. Цел на претседателката на Европската комисија и лекарка, Урсула фон дер Лајен, како што пренесе Дојче веле, е да се достигне границата од 70 отсто до крајот на месецот. Нејзиното мото, кое го повторуваше на последниот самит на ЕУ на крајот на јуни, гласи: „Вакцинирање, вакцинирање, вакцинирање!“  (М.Ј.)