Коцевски откри зошто актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата за Кочани

Актуелниот министер за економија Бесар Дурмииши не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој прецизира дека досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително, како што кажа, се води истрага и против седум полициски службеници.
Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.
Министерот Тошковски посочи дека во насока на расветлување на правно-кривичниот настан Министерството за внатрешни работи презеде низа активности со кои покажа дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази.
-Ќе продолжиме и понатаму да преземаме активности за секој што ќе бидат собрани докази, рече Тошковски.
Синоќа, државното обвинителството се огласи со соопштение околу проширувањето на истрагата со нови 19 лица. Ваква одлука донесе Основното јавно обвинителство Кочани. Сите се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик, соопшти вечерва Државното обвинителство. МВР информираше дека во координација со кочанското обвинителство, против 19-те лица е поднесена кривична пријава.
ЈОРСМ соопшти дека станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16 март 2025 „заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“.
„Меѓу новите осомничени се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат. Постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето ‘Клуб Пулс’ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па сѐ до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16 март 2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице меѓу кои шест деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“, информира ЈОРСМ.
До крајот на денов, Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените.
„Со ова, до овој момент, кочанското обвинителство во врска со пожарот поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката за него ќе биде запрена“, се наведува во синоќешното соопштение на државното Јавно обвинителство.