Кобила се ождреби на улица во Скопје – сите снимаат, никој не помага
Несекојдневна глетка утрово ги изненади жителите на скопската населба Карпош. Кобила се ождреби на улица. Граѓанинот Игор Паневски објави фотографии на социјалните мрежи.
Засега не се знае кој е сопственикот на кобилата.
Активистката Билјана Николовска наведува дека застанала и го префрлила ждребето на тревата покрај патот, бидејќи, како што вели, никој не се обидел да помогне.
„Идиотине подзастануваат и со мобилните снимаат… никој да застане, да ми помогне!!!! Едвај го извлеков од сред пат“, напиша таа во објава на Фејсбук.
Околу еден час подоцна таа повторно се вратила на местото за да провери како е ждребето, но животното сè уште не било станато и лежело свиткано со затворени очи.
Таа се јавила во Ветеринарната амбуланта во Автокоманда, од каде што била упатена во ЈП „Лајка“. Како што наведува, таму никој не се јавувал, додека телефонскиот број што го имала за „Анима Мунди“ не бил активен.
На крајот успеала да стапи во контакт со вработен во Зоолошката градина, кој ѝ рекол дека ќе биде испратена екипа за да ја провери состојбата на ждребето.
Подоцна активистката објави дека ждребето е живо и изрази благодарност до сите што помогнале да се реагира.
„Ждребето е живо и ќе биде сè во ред“, напиша таа.