Книжарницата ТРИ во ГТЦ слави 20 години од своето отворање – подароци за секоја купена книга

„Да се прочита макар една добра книга е како да си украл нечие туѓо време и со него да си го продолжил своето“


Овој петок книжарницата ТРИ во Градскиот трговски центар слави 20 години од своето отворање. Од ТРИ ве покануваат заедно да ги размените своите читателски искуства во овој простор кој веќе 20 години е симбол на убавиот збор.

Веќе две децении ТРИ е културен светилник во срцето на Скопје. По повод јубилејот, утрешниот ден во книжарницата во ГТЦ ќе биде одбележан со подароци за секој читател што ќе си купи книга. Од ТРИ ги покануваат сите љубители на литературата да се вклучат во прославата и да го одбележат овој значаен ден заедно со оние кои ја даваат смислата на книжарницата етаблирајќи ја како споменар на читателски мигови, сведок на интелектуални растења и чувар на безвременски приказни.

Оваа покана ја завршуваме со дел од говорот на великанот на македонската поезија и проза Петре М. Андреевски, кој на 5 октомври 2005 година ја пресече црвената лента заедно со основачката на Издавачкиот центар ТРИ, Винка Саздова. „Да се прочита макар една добра книга е како да си украл нечие туѓо време и со него да си го продолжил своето“, вели тој. „А има ли поголема награда од тоа да го одмориш својот живот користејќи го туѓиот кому веќе не му е потребен, зашто тој го потрошил многу години или многу векови пред вас. Ете, со овие зборови го завршувам своето чинодејствие и од овој час сметајте дека оваа книжарница е осветена и секогаш отворена за вас“.