Клоп: Салах е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња
Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп, во суперлативи зборуваше за го нарече египетскиот репрезентативец Мохамед Салах, кој на лето ќе го напушти премиерлигашот од „Енфилд Роуд‘.
Клоп и Салах соработуваа седум години во Ливерпул, период во кој клубот ја освои Премиер лигата и Лигата на шампиони.
„Кога го тренирате, ги правите исти работи како и со секој друг играч. Му кажувате да не ја губи топката, повеќе да се враќа во одбраната. Нормални работи. Неверојатно е кога ќе ја погледнете пошироката слика. Неговата статистика е неспоредлива. Дали ќе зборуваме за ова за десет години и дали некој друг ќе ги достигне истите бројки? Ќе биде многу тешко за некој да го надмине. Салах е еден од најголемите фудбалери на сите времиња“, рече Јирген Клоп, цитиран од Би-Би-Си.
Салах му се приклучи на Ливерпул од Рома во летото 2017 година и оттогаш се етаблираше како еден од најдобрите напаѓачи во историјата на клубот.
Со 255 голови на 435 натпревари, Египќанецот е трет на листата најдобри стрелци на Ливерпул на сите времиња, зад Ијан Раш (346) и Роџер Хант (285).
Салах со Ливерпул освои осум трофеи – две титули во Премиер лигата, Лигата на шампиони, Светското клупско првенство на ФИФА, Суперкупот на УЕФА, ФА Купот, Лига Купот и ФА Комјунити Шилд.