Клоп нов селектор на Германија
Нов селектор на Германија официјално е Јирген Клоп, објави претпладнево Германската фудбалска федерација (ДФБ).
Клоп денеска потпиша четиригодишен договор во седиштето на ДФБ во Франкфурт и ќе ја предводи германската репрезентација во квалификациите за ЕУРО 2028 и Светското првенство во 2030 година.
„Националната репрезентација може да нè обедини нас Германците како речиси ништо друго. Тоа е она што ја прави оваа задача толку посебна за мене“, изјави Клоп.
Педесетидеветгодишниот Клоп седнува на селкекторското столче на местото на Јулијан Нагелсман, кој ја напушти репрезентацијата откако Германија беше елиминирана на Светското првенство во осминафиналето од Парагвај.
Клоп ја продолжува тренерската кариера две години откако замина од Ливерпул и во меѓувреме беше директор за глобален фудбал на Ред Бул.
На германската клупа Клоп ќе дебитира против Холандија во Амстердам во Лигата на нациите на 24 септември. Три дена подоцна, Германија ја пречекува Грција во Аугсбург.