Клима уредите спасуваат животи и ќе продолжат да спасуваат, но по која цена


Во Америка ги има насекаде, во Европа се контроверзни, а во Азија се посакувани. Како што топлотните бранови стануваат сѐ почести во светот, клима-уредите се во центарот на вниманието. За добро или лошо, овие уреди „жедни за енергија“ се важна адаптација на светот кој сѐ повеќе се загрева. Според експертите, на милиони луѓе тие им станаа неопходни за опстанок.

Иако помагаат да се спасат животи, климатизерите имаат своја цена – нивните потреби за енергија се огромни.

Клима-уредите се одговорни за емисијата на приближно една милијарда метрички тони јаглерод диоксид годишно од вкупно 37 милијарди емитирани ширум светот, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Овој маѓепсан круг може да се прекине, велат експертите, со зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, развивање на клима-уреди кои бараат помалку енергија и развивање на други техники за ладење.

„Има некои вистински пуристи кои мислат дека можеме да ги елиминираме, но мислам дека тоа не е изводливо“, изјави за АФП Роберт Даброу, епидемиолог од Јеил, специјализиран за здравствените ефекти од климатските промени.

Пристапот до клима уред веќе спасува десетици илјади животи годишно, а тој број расте, според неодамнешниот извештај на ИЕА, чиј коавтор е Даброу. Истражувањата покажуваат дека ризикот од смрт поврзана со топлина е намален за три четвртини кај оние кои живеат во климатизирани домаќинства.

Во САД, околу 90 отсто од домаќинствата имаат клима-уред
Во Соединетите Американски Држави, каде што околу 90 отсто од домаќинствата имаат клима-уред, научниците ја нагласуваат улогата на клима-уредот во заштитата на населението и потенцијално разорниот ефект од прекините на струја за време на топлотните бранови.

Сепак, од 3,5 милијарди луѓе кои живеат во топла клима ширум светот, само околу петнаесет проценти имаат клима уред. Бројот на климатизери во светот, веќе околу две милијарди, вртоглаво ќе порасне со порастот на температурите.

Најголем раст ќе имаат Индија, Кина и Индонезија, првата, втората и четвртата најнаселена земја во светот. Процентот на домаќинства во Индија опремени со климатизери може да се зголеми од 10 на 40 отсто до 2050 година, според една неодамнешна студија.

Ова, сепак, ќе донесе зголемување на потрошувачката на електрична енергија еднакво на постојното годишно производство на земја како Норвешка.

Неколку големи проблеми
Проблемите кои ги носи зголемената употреба на клима не застануваат тука. Клима-уредите користат флуоројаглеродни гасови како средства за ладење, кои имаат топлинска моќ илјадници пати поголема од CO2 кога се испуштаат во атмосферата.

Во исто време, со ослободување на топол воздух на улиците, климатизацијата придонесува за создавање урбани топлински острови. Студијата од 2014 година покажа дека топлината што се емитува од системите за климатизација во центрите на градовите ја зголемува просечната температура на воздухот за повеќе од 1 степен Целзиусов.

И конечно, поради неговата цена, пристапот до клима уред може да биде финансиски проблем. Бројот на климатизери во светот, околу две милијарди денес, вртоглаво ќе порасне со порастот на температурите и приходите.

Одржливо ладење
Енрика Де Сиана, професорка по економија на животната средина на Универзитетот во Венеција, вели дека климатизерите се неопходни, но важно е да се комбинираат со „комплементарни“ пристапи. Прво, со продолжување на зголемувањето на производството на обновлива енергија и намалување на фосилните горива, така што енергијата што ја користат климатизерите ќе доведе до помалку емисии.

Второ, со развивање и инсталирање на прифатливи клима уреди кои трошат помалку енергија, на што некои компании веќе работат. Поголемата ефикасност би ги намалила и ризиците од прекини на електрична енергија поради прекумерната побарувачка. Во топлите денови, клима уредот може да зазема повеќе од половина од максималната потрошувачка.

Но, пред сѐ, експертите ја нагласуваат истовремената потреба од мерки за просторно планирање, вклучувајќи повеќе зелени и водени површини, тротоари и покриви кои ги рефлектираат сончевите зраци и подобра изолација на зградите.

„Треба да постигнеме одржливо внатрешно ладење“, рече Дуброу. Предложените решенија се „многу остварливи“, додава тој. „Тоа е прашање на политичка волја за спроведување“.