Клеветата и криминалот не се решаваат со „извини“


Бизнисменот Зоран Азманов и ексгенералниот секретар на владејачката СДСМ и пратеник, Александар Кирацовски, кого неодамна го зафати внатрепартиската „метла“, се „закачија“ околу аферата „Рекет“, која и натаму го тресе општеството, но бргу се „откачија“ излегувајќи од јавниот дуел засега без гребнатинки. Извинувањето железни врати отвора – така е тоа во општество со хронична слабост на институциите.

Имено, Кирацовски, кој негираше дека е Кики од аферата „Рекет“, го прифати извинувањето на Азманов (еден од бизнисмените што пријавија дека биле жртва на рекет) кој изјави претходно дека пратеникот нарачувал текстови против него во еден медиум. Азманов рече дека бил погрешно информиран и дека од трето лице дознал за наводното влијание на Кирацовски во медиумот. Кирацовски претходно се закани со тужба, а во последниот свој коментар на Фејсбук вели дека ова е „светол пример на доблесно извинување“.

„По моето укажување и најавената тужба за лажното информирање на јавноста и мое клеветење, господинот Азманов јавно се извини и побара повлекување на лажната вест. Жалам што мораше на овој начин, преку најави на тужби за клевети да се докажува вистината, но тоа е единствениот начин во нашето, со лажни вести заразено, општество. Сепак, ова е светол пример на доблесно извинување. И, уште еднаш, трендот на лажни вести мора да запре. На хаосот од инсинуации кои ја искривуваат вистината мора да им се стави крај. Демократија ‘да’, анархија од лаги и измислици ‘не’“, напиша Кирацовски.

Факт е дека со огромна количина лажни вести секојдневно се труе јавноста. Тоа, за жал, не доведе во ситуација да е речиси небитно што е точно, а што не е. Лажните вести се сè подоминантни во јавниот простор и не се гледа адекватен начин тој галопирачки тренд да се запре. А, впечаток е дека ниту еден сегмент од општеството вистински не се бори против тоа зло. Милион шпекулации без вистинска аргументација излегоа во јавноста за „Рекет“.

На случајот, кој има разорна сила по некои политичко-криминални структури, се налепи сè и сешто, секаков плевел кој се обидува да покаже дека ѕвезда водилка секогаш бил „чистиот образ“. Извинувањето на Азманов, конечно, не докажува дека Кирацовски е невин во случајот „Рекет“ ниту, пак, пријавувањето на Азманов дека бил една од жртвите на рекетот, а и на емисијата со краток проблесок „Инсајдер“, каде што беа изнесени серија обвинувања против него, нема да ги пресече контроверзните опашки што како бизнисмен ги влече наназад со години. Тоа треба да го кажат институциите задолжени за правдата и вистината.

Само неколку часа откако паднаа во своевиден бизнис-политички севдах, Азманов и Кирацовски, премиерот Зоран Заев на прес-конференција обзнани дека Владата работи на изработка на акциски план за справување со лажните вести и со дезинформациите. Одговарајќи на новинарско прашање, Заев меѓу другото, рече дека секој што работел спротивно на законот треба да одговара, но да се има предвид и пресумпцијата на невиност и притоа да не се дозволи масакр на поединци без соодветни докази. Експертската јавност го поздравува потегот на Владата.

„Ова е нешто што веќе неколку години го бараме од владините институции да започне да се спроведува. Секако дека клучен ќе биде начинот на кој овој акциски план ќе се реализира. Доколку владините претставници и надлежни за неговото спроведување навистина ги отворат вратите за сите во овој процес, можеме да очекуваме видливи резултати. Значи, потребна е широка платформа, градење партнерства со сите кои се на кој било начин инволвирани во борбата против лажните вести, никако селекција на партнерите според нечии критериуми“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Фото: Б. Грданоски

Феноменот на лажните вести подолг период ја поткопува демократијата на локално, како и на светско ниво. Сепак, случувањата за време на претходните претседателски избори во САД и референдумското изјаснување за „Брегзит“ го запалија алармот и на светско ниво.

„Целта на лажните вести, меѓу другото, е да ја разнишаат довербата на граѓаните во институциите, сеејќи полукредибилни и непроверени информации кои често, освен контра демократијата, водат и директно кон создавање страв, паника и вознемиреност кај јавноста. Затоа е важно да препознаеме дека лажните вести се среќаваат во секоја сфера, а не само во т.н. висока политика. Пример, во здравството, образованието, безбедноста на граѓаните итн.“, објаснува Кордалов.

Но како институциите можат да се справат со ваквите појави?

„Најприоритетно е со максимална отвореност, двонасочна комуникација и транспарентност. Сервисирање и доставување на сите информации до медиумите, како и инстантно одговарање на прашањата што тие ги поставуваат. Второ, лесна достапност на информациите на владините веб-страници и социјални медиуми. Трето, клучни се брзите реакции. Затоа е потребна реформа на владините и ПР-службите во јавните институции. Од пишувачи на изјави и прес-конференции, во проактивни тимови надлежни за двонасочна комуникација со медиумите, како и со граѓаните преку социјалните мрежи. Наместо да чекаат некоја полукредибилна информација да ескалира, тимовите за односи со јавност во 21 век е потребно да бидат распоредени во смени и постојано достапни за информации. Само на овој начин ќе се даде вистински придонес во борбата со лажните вести бидејќи некогаш доцнењето со официјална информација или демант на шпекулација од само 24 минути, може да биде еднакво штетно за демократските процеси како ПР-одделите да задоцниле цели 24 часа“, посочува Кордалов.

Политиката и политичките партии, според него, многу често го злоупотребуваат терминот лажни вести. Ваквиот однос помеѓу политичарите и партиите на релација власт – опозиција дополнително прави негативно влијание и промоција на лажните и некредибилни информации како нешто „нормално“ во секојдневната политичка и општествена комуникација.

„Партиите мора да развиваат вистински политички дијалог дебатирајќи и актуелизирајќи теми во јавноста за кои имаат спротивни гледишта, но на јазик достоен за комуникација помеѓу власт и опозиција на идна земја членка на НАТО и ЕУ. Борбата со дезинформациите и лажните вести не е прашање кое може да се разреши за еден месец, туку е долготраен процес кој бара инклузивност и изградба на национален систем на добро управување. Препорачувам вклучување на сите политички чинители во овој процес. Пракса која одговорни политичари мора веднаш да започнат да ја спроведуваат и во нашата земја, но и да биде поставена како репер за функционирањето на секоја власт во иднина. Стратегиските прашања, како што се борбата со лажните вести, сиромаштијата, загаденоста на воздухот или, пак, реформите во образованието и здравството не препознаваат партиска боја, тие се врвен граѓански интерес“, вели Кордалов.

Наум Котевски