Кластери


РУДИ ЛАЗАРЕВСКИ

 

Евидентно е дека отворањето на животот е за спас за економијата од колапс, во однос на реалното (не)намалување на ризикот од пандемијата. Нема протокол во светот кој може да гарантира контрола на ризиците од карантинските олеснувања.          Без ралика што веќе нема ништо да биде исто, животот мора да продолжи во какви-такви услови.

Ние

И покрај масовното кршење на карантинските услови на сите нивоа, владата до сега добро го менаџира нивото на епидемијата во земјата. Со посебна заслуга на здраствените работници и министерот за здраство.

За разлика од оваа слика, државата покажа и еден претежок албум на  грди слики во секојдневието. Покажа непостоење солидарност и чувство за заедничкото добро и доброто пред сѐ на државата. Слики на ситнодушевни меѓупартиски сплеткарења. Матни слики на разбирањето на општествената одговорност од страна на банкарскиот и корпоративниот сектор. Секоја чест на видливи исклучоци.

Во грдиот албум ја гледате матнината и горчината на сликата за „општествена одговорност“ каде го гледате нивото на солидарност и донаторство неколку пати помало од новите „лабелед“ чанти и пури на наследниците на фамилијарниот бизнис. Многу грда слика која може да ве направи и депресивен.

Се покажа и сликата ремек-дело на претворање на вонредната состојба во вонредна демократија. Типична слика на самоуправниот инфициран ум на граѓанинот и политичарот.

Албумот е преполн со грди слики на почеток на лов во матно, сива и црна економија, нова корона корупција, „општествено одговорно“ брзо богатење.

Замислете толку многу грди слики за држава со номинално два милиони граѓани.

Квасец

Покрај нејаснотијата со ликвидноста на државата до крајот на годината, државата се наоѓа и во политичка вакуум состојба. Всушност, нејаснотијата со ликвидноста е многу јасна. Во неколку текста напишав дека до крајот на годината на државата ќе ѝ бидат потребни минимум една милијарда нови евра за да ги исплати обврските што се преземени со буџетот.

Но, целта на овој текст не е корона состојбата во економијата на државата, туку претстојните избори. Ако не постојат ситно-душни политички игри, а сѐ со цел на задржување на статус-кво состојба на државата како екслузивна буџетска држава во сопственост на политичарите, изборите треба што поскоро да се одржат. Што побргу, тоа подобро.

По оваа милионска зараза веќе ништо нема да биде исто, а политичарите, исто така, треба да бидат свесни дека ништо нема веќе да биде исто.

Ќе треба сериозно количество нов квасец во изборните програми. Затоа што и гласачите веќе не се исти. Нивните квиз прашања овојпат ќе бидат свртени кон својот џеб, поточно кон економијата и финансиите. Да не бидат изненадени партиите со сосема различни квиз прашања, па врз основа на одговорите да одлучат како ќе гласаат.

Ставете многу квасец за првпат по 30 години, затоа што можете да добиете ваков кластер на квиз прашања пред да донесат одлука гласачите.

Политички кластер

– Дали имате намера да почнете постапка во 4 годишниот мандат, Собранието да има  не повеќе од 80 пратеника, наместо 120?

– Дали ќе ја сведете апанажата на пратениците на три месеци, наместо една година?

– Дали ќе ги сведете привилегиите на буџетските функционери и пратениците на радикално минимално ниво, од претседател на државата до најниското ниво во локалната самоуправа?

– Дали имунитетот на пратениците автоматски ќе се губи во случај на истражна судска постапка? Зашто е потребен имунитет? Имунитет од кого?

– Дали буџетското финансирање на партиите ќе го испратите во историја?

– Дали трошокот на буџетскиот сектор ќе го намалите за половина од една милијарда трошок годишно во вашиот мандат?

– За колку ќе ја намалите бројката на буџетскиот сектор? Буџетскиот сектор не е само администрацијата, туку секој оној кој прима и еден денар од буџетот.

– Дали ќе создадете услови за радикални промени во судскиот систем? Дали не можете од 5-6 илјади млади адвокати во државата, еден да ги промовирате во судии? На пример, Италија во драматичноста на ситуацијата специјализантите ги промовира во доктори со докторски дипломи.

– Дали бројот на факултетите за општествени науки ќе го сведете на минимално ниво?

– Дали имате намера да направите попис?

Економско-финансиски кластер

– Дали ќе воведете прогресивни ДДВ стапки?

– Дали сѐ што не е во функција на бизнисот ќе го оданочувате со прогресивна стапка, на пример 35% плус персонален данок (на пример, автомобили, станови, куќи, бурек на сметко-потврда, ставки од менаџерските договори…)?

– Дали ќе го оданочите поседот  на повеќе од еден договор на дело по корпоративните даночни стапки?

– Дали ќе ја оданочите дивидендата на пример по стапки од 0-60%?

– Дали ќе ги зајакнете и реструктуирате контролните-инспекциските органи во државата?

– Кои ви се конкретните чекори за радикално намалување на готовинската и сивата економија?

– Дали ќе почнете со оданочување на банкарскиот систем? Особено во делот на останатите приходи (надоместоци,провизии..), кои директно влијаат со својата големина и практично ја зголемуваат кеш и сивата  економија?

– Дали ќе продолжите со оваа земјоделска политика на субвенционирање која е присутна веќе 30 години?

– Според неодамна починатиот академик Филиповски, државата има само 10 проценти обрабротливо земјиште, од кое дали половина се обработува. Дали имате намера да продолжите со политиката на доделување земјиште? Пола хектар на комшијата, еден хектар на роднината, три хектари на бизнис партнерите?

– Дали размислувате за формирање на јавно-приватни партнерства во земјоделието, кои ќе се обидат да супституираат 90 отсто од увозот на житните производи или 70 отсто од месните производи? Или и понатаму ќе делите по хектар-два земјиште и потоа ќе делите субвенции по принципот четврт бурек – две осмини?

– Дали ќе ја промените политиката на разно-разни фондови за иновации кои наместо старт- ап проекти за електрични фиќовци, ќе инвестираат во проекти на супституирањето на увозот од кој државата делува како нарко-зависник веќе 30 години?

– Во интерес на толку посакуваната еко-држава, дали ќе го укинете увозот на половни возила, без разлика на еуро-стандардот?

– Во интерес на толку посакуваната еко-држава, дали ќе ги приближите цените на бензините и дизелот, до нивно изедначување?

– Во интерес на толку посакуваната еко-држава, дали ќе го промените законот за локална самоуправа со што ќе воведете еко-такса на сите нови градби над четири ката? Петиот кат  со еко-такса плус од вкупниот износ на комуналните трошоци по м2. Стотиот кат со, на пример, 10.000 евра еко такса по м2?

– Дали и понатаму ќе го ословувате ПИОМ – првиот пензиски столб, за државен?

– Дали и понатаму коалициски партиски делегати преку директорот и управнот одбор ќе раководат со приватните сметки на 326.000 пензионери кои уплаќале свои чисти пари во првиот столб?  Имате ли намера за сериозна реформа на тој фонд? За почеток, наместо коалициски партиски делегати, дали ќе ангажирате добро платен професионален млад и агилен независен менаџмент?

– Дали имате намера истото да го направите и во сите јавни претпријатија?

Ова се само дваесетина прашањата кои треба да се очекуваат. Оваа држава со номинално два милиони граѓани, веројатно има исто толку отворени прашања кои чекаат одговори во овие два кластера.

(Руди Лазаревски е економски аналитичар)