Ќе се сретнат или ќе се разминат Мицкоски и Мицотакис во Вашингтон?


Грчките медиуми денеска ја објавуваат агендата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Самитот на НАТО во Вашингтон отворајќи дилема дали воопшто ќе дојде до средба меѓу него и премиерот Христијан Мицкоски, па и дали воопшто ќе се ракуваат двајцата. Освен работниот дел од Самитот кога Мицкоски и Мицотакис ќе седат во иста просторија и ќе решаваат за исти прашања, двајцата се поканети и на вечера организирана од претседателот на САД, Џо Бајден, во Белата куќа.

Според најавата, Мицотакис во Вашингтон  ќе има средби со членови на Конгресот, а поканет е од тинк-тенкот Совет за надворешни односи, каде што во вторник ќе разговара со поранешниот американски амбасадор во Атина, Даниел Спекард. Грчкиот премиер во среда, во рамките на Јавниот форум на НАТО, ќе разговара и со поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД, Надија Сендлоу, а по Самитот ќе замине во Њујорк, каде што во петок ќе има средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во врска со мандатот на Грција во Советот за безбедност.Во агендата на премиерот Мицкоски, освен учеството на Самитот, планиран е говор на реномираниот „Johns Hopkins University- School of Advanced International Studies“, по што ќе следуваат средби со претставници од бизнис-заедницата во САД.

„Премиерот ќе има и средби со високи претставници на ИРИ, конгресмени и сенатори, односно Брендон Бојл и сенаторката Џин Шахин – копретседавачи на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Во вечерните часови, пак, тој ќе учествува на свечениот настан по повод 75-годишнината на НАТО, што ќе се одржи во „Andrew W. Mellon Auditorium“. Македонската делегација исто така ќе учествува  на отворањето на НАТО-форумот и ќе присуствува на состаноците на Северноатлантскиот совет, каде што Мицкоски ќе има прилика за средби со други лидери и изјави за медиуми. Мицкоски ќе присуствува и на вечерата во Белата куќа организирана за лидерите, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе присуствуваат на специјални вечери организирани од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин, соопштија од македонската влада.

Билатерална средба меѓу двајцата премиери засега не е најавена.

„ Самитот на НАТО ќе биде и можност за прв соживот на Мицотакис со новиот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Додуша, односите Атина-Скопје периодов се на барометриско ниско ниво, со оглед на ревизионистичките изјави на претседателката Сиљановска и на Мицкоски, но и маневрите за надминување на ознаката ерга омнес (кон сите). Сомнително е дали Мицотакис и Мицкоски воопшто ќе си разменат ракување, но тоа не е главниот проблем на грчката страна. Она што се очекува е јасна порака од Алијансата до власта во Скопје да ги остави настрана игрите, иако сомнително е дека тоа ќе се сфати сериозно. Во секој случај, Атина им ја објасни својата позиција на клучните сојузници и постои консензус за ситуацијата“, пишува денеска Прототема.

„Плановите на Кирјакос Мицотакис се чини дека се да го изложи новото раководство на Северна Македонија пред сојузниците и да бара почитување на Договорот од Преспа.Атина јасно стави до знаење дека европскиот пат кон Северна Македонија е затворен сè додека се оспорува Договорот од Преспа“, пишува грчкиот портал „Bankingnews“ по неговата најава дека за проблемот со Скопје ќе ги извести сојузниците во Алијансата.

Грчки „Капитал“ пишува дека делегацијата од Атина „има намера да го покрене ова прашање на Самитот, предупредувајќи ги сојузниците дека ставот на соседната земја е пречка за нејзиниот пристап во Европската Унија“ и потсетува на изјавите во врска со непочитувањето на Договорот од Преспа кое почна, според грчката страна, со инаугурацијата на претседателката Сиљановска Давкова.

„Северна Македонија ѝ се придружи на Алијансата под нејзиното уставно име и е претставена во НАТО под тоа име“, рече официјален претставник на НАТО пред неколку месеци.

„Има три услови за да напредува европската перспектива“, изјави пред неколку дена министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, во својот говор за „Економист“, појаснувајќи го ставот на Атина. „Прво, европското законодавство. Второ, меѓународното право и меѓународните договори и трето, демократијата и владеењето на правото. За овие прашања, не може да има попусти“, цитира Капитал.

 НАТО Самитот се одржува во услови на две тешки војни така што  главни теми за кои ќе се расправа ќе бидат зајакнувањето на одбранбените капацитети на Алијансата, одвојувањата за воени цели и помошта за Украина, додека за билатералните прашања лидерите немаат ни време ни амбиции. Од САД јасно порачаа дека на билатералните спорови на членките на НАТО не им е таму местото.

– Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион – изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон, Олтон Бјуланд. 

Инаку, освен средбата со Мицотакис и драмата околу употребата или не на уставното име Северна Македонија, тема кај нас е и заминувањето на повеќечлената делегација предводена од Мицкоски во Вашингтон за да ги јакне, како што најавија, односите со САД, да се престави како стабилен партнер, да најави нова инвестиција и да се сретне со дијаспората. Од СДСМ не пропуштија да забележат дека Мицкоски има шанса да седи на масата со светските лидери бидејќи тие тоа му го овозможија со тешките одлуки што ги направија за да Македонија стане членка на Алијансата, што пак тој во континуитет се обидуваше да го спречи, па и кога влеговме тврдеше – дека не се случило тоа.

Освен што го отфрлаше Преспанскиот договор Мицкоски го бојкотираше и референдумот така што не остави ни шанса тие што се против да го кажат тоа само за да не се постигне цензусот, а сега продолжи со непочитувањето на договорот за новото име на Македонија. Еве неколку сведоштва од тоа време поради кои Мицкоски деновиве отиде на самит за да разговара за безбедноста на Европа и за војната во Украина, а најавува странски инвестиции како да ќе оди на бизнис турнеја низ САД.