Ќе се реконструираат скалите и платото пред МСУ
Скалите и платото пред Музејот на современата уметност во Скопје ќе се реновираат со приватна донација на Огла Костовска, претседателка на надзорниот одбор на Еуролинк осигурување, информираа од музејот.
Музејот на современата уметност е изграден од солидарност по земјотресот, а веќе неколку години ја има поддршката од Костовска и при реализирањето на редовните годишни активности и досега се реализирани неколку дополнителни проекти како што е отворањето на Музејската библиотека при Истражувачкиот центар при МСУ, издавање каталог на уметникот Петар Хаџи Бошков и реконструкција на бифето во музејот.
„Со оваа лична донација наменета за Музејот на современата уметност, Олга го одбележа својот 45ти роденден и повторно ја подаде раката на оваа важна и репрезентативна институција во државата. Наместо подароци, овојпат Олга и нејзините пријатели дадоа свој допринос за реконструкција на приодните скали и платото на музејот во вкупна вредност од 600.000 денари со што ќе се овозможи полесен пристап и нов, освежен изглед на платото, кои ќе го направат музејот поатрактивен за уште поголем број посетители и љубители на современата уметност“, информираат од МСУ.
Костовска е позната во јавноста како успешна жена во македонскиот бизнис, мецена на културата, уметноста и образованието и голем донатор.