Ќе се повтори ли 1994 во 2024?

Светот и Македонија се променети, а ВМРО-ДПМНЕ сака да води политики со премисите кога ги бојкотираа изборите во 1994, вели Ивон Величковски


 

ВМРО-ДПМНЕ може да не гласа за Талат Џафери за премиер. Но пратениците таму треба да размислат дали политиката во ПЈРМ (1994) и во натовска Северна Македонија (2024) може да се води на ист начин и на исти премиси, прашува поранешниот претседател на Либералната партија Ивон Величковски, а сега предводник на движењето Нова република.

Објавувајќи анализа на својот Фејсбук профил за одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за техничката влада и за своите претставници во неа, Величковски вели дека бојкотот на парламентарните и претседателски избори 1994 од страна на ВМРО-ДПМНЕ и тогашната Демократска партија нанесе големи штети за иднината на Македонија. Особено значајно беше тоа што Македонија беше исклучена од Агендата 2000 на ЕУ.

„Повод беше оспорената победа на Глигоров, а за причина беше наведена злоупотребата на државните ресурси за изборни цели од партиите на власт.

На тие избори ВМРО-ДПМНЕ отиде како опозициска партија, бидејќи 1990/91 одби да прави влада со партии на Албанците, а од 1993 ‘го бранеше идентитетот’ отфрлајќи го референтното име со кое Македонија стана членка на ОН и низ Времената спогодба ги уреди односите со Грција и излезе од ембарго.

Оспорувајќи ги и потоа бојкотирајќи ги, ВМРО-ДПМНЕ се исклучи од значајните процеси во земјата, од приватизацијата до фаќањето чекор со Агендата 2000.

За по Кичевскиот конгрес 1996 да ја прифати и ПЈРМ и Времената спогодба и скроената приватизација со сите следствени општествени, политички и економски последици по државата, а особено:

1.Одвојувањето на Македонија од Словенија со што беше изоставена од првиот бран проширување на НАТО и ЕУ,

2.Останувањето на Македонија во зоната на ‘српскиот свет’ (на Милошевиќ) што ни ја произведе 2001.

Северна Македонија дури по 20 години излезе од трауматичниот застој.

Денес ВМРО-ДПМНЕ во основа одбива да гласа за премиер на (техничка) влада – Албанец. А во предвечерјето на двојните парламентарни и претседателски избори (организирани на ист датум по нивно барање) – пак ‘го брани идентитетот’ отфрлајќи го (Протоколот по) ‘Софискиот договор’ со кој Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ.

Одбивањето да се идентификуваат и учествуваат во таква влада гласајќи ја сосе премиер, затоа, не може да се толкува поинаку од обично оставање простор повторно етно-партиски да оспорат изборен исход од значење за нацијата – политичко мнозинство што ќе ги отвори европските преговори низ изгласување на потребните уставни дополнувања“, анализира Величковски.