Ќе се најде ли „разумно“ решение со Бугарија – во Скопје оптимизам, Софија вели има проблеми


Бугарските барања се спротивни на европските вредности и излегуваат од рамката на Договорот за добрососедство. Но, Северна Македонија ќе продолжи да бара разумно решение за надминување на разликите. Притоа, преговори за јазикот и идентитетот нема да има.

Вака накусо може да се сублимираат вчерашните реакции и ставови во врска со бугарското вето и случувањата на релација Скопје – Софија.

Македонската страна сѐ уште смета дека постојат шанси да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство, доколку продуктивно се искористи претстојниот период.

Според министерката Екатерина Захариева, поддршката од Бугарија никогаш не била безусловна.

-Властите во Скопје одамна знаат дека има проблеми што не ги решиле во билатералните односи со нас, рече вчера Захариева во телевизиско гостување.

Таа негираше дека Бугарија била под притисок на Германија да попушти во однос на преговарачката рамка. Уште еднаш кажа и дека Бугарија ги почитува своите соседи и има интерес за европска интеграција на земјите од Западен Балкан.

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи и поранешен европратеник Ивајло Калфин, во интервју за бугарскиот портал „Фокус“ оцени дека Софија не требаше да го употреби „тешкото оружје“ – блокирање на Скопје. Сега, порача Калфин, Бугарија  треба многу брзо да ги изгради односите со Северна Македонија, но врз „апсолутно нова основа“. Според него, Бугарија треба јасно да формулира што сака и веднаш да почне политички разговори за излез од оваа ситуација.

– Блокирањето на преговорите, колку и да го нарекуваме одложување, запирање и слично, во практика е многу тешко оружје што Бугарија го користи. Не само во дипломатијата, добро е да се покаже дека се има тешко оружје, но да не се употреби. Поентата е дека ние веќе го искористивме, и ова е на голема радост на сите оние кои не сакаат да го видат Скопје како членка на Европската Унија, кои не сакаат да гледаат добри билатерални односи, воопшто тие добија храна за нивната антибугарска кампања за следните години, подвлече Калфин.

За Советот на амбасадори бугарското вето е „непримерен чин“. Не може да се развиваат добрососедски односи меѓу земјите со негирање на минатото на народите, нивните јазични и културни вредности од позиција на примена на вето како екслузивно право на земја членка на Унијата кон земјите кандидати или аспиранти, смета Советот.

– Со овој непримерен чин, Република Бугарија не се претстави пред светот како европски ориентирана земја која ги почитува и применува европските вредности и стандарди на самоопределување, човекови права, демократија, јазичните и културните вредности и различности. Доколку се пропушти можноста за соодветно решение до и на самиот Самит на ЕУ, ќе биде испуштена приликата за корекција на принципот на општ консенсуз при донесување на одлуките со посовремен и поефикасен начин, оцени Советот на амбасадори и ги повика земјите-членки на ЕУ, посебно Бугарија, да вложат вистински напори и да придонесат на Европскиот совет да се донесе вистинската одлука, односно во декември Северна Македонија и ЕУ да ја одржат првата Меѓувладина конференција и да почнат преговорите за членството во Унијата.

Новиот француски амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, пак, во интервју за МИА рече дека за билатерално недоразбирање помеѓу земја-членка и земја кандидат, многу е важно да се разговара, но тоа да биде со мерка, а прашањата поврзани со идентитетот и јазикот се секогаш сложени и чувствителни.

– Во времиња како ова, човечки е да посакаме да удриме на маса, да кажеме „што е многу, многу е”. Човечки е и не е тешко. Тешко е и потребна е храброст за да се одржи добриот дијалог, задржувајќи го чувството на умереност во име на повисоките цели. Треба да се издржи бидејќи станува збор за националните интереси и бидејќи претстои европска иднина, нагласи амбасадорот.

Во интервју за австриската ORF TV, претседателот Стево Пендаровски истакна дека бугарските барања се спротивни на европските вредности и воопшто не се содржани во Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година. Никаде во Договорот, потенцира Пендаровски, нема дел кој вели дека треба да дебатираме за етничкото потекло и јазикот.

Според него, не може држава од позиција на земја-членка на Унијата да наметнува услови и да кажува како треба да се чита историјата и да се исполнува нешто што воопшто не е дел од Договорот.

-Не може да зборуваме за неисполнување одредби од Договорот ако зборувате и го оспорувате моето право на етничка и национална самоидентификација бидејќи такво нешто не е содржано во договорот, рече Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев е дециден – целта е да градиме пријателство и да изнаоѓаме решенија. Се што се разговара со Бугарија е во рамките на Договорот за добрососедство.

Заев не го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска, смета дека реториката на опозициската партија не е воопшто од корист и може само да испровоцира мотивација за кавги со источниот сосед.

– Реториката на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, на нејзиниот лидер и раководство не му помага на она што го работиме како земја, за да се постигне нашата стратешка цел – евроинтеграција на земјата. Ако сакаме да се скараме со Бугарија не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам да го направам, рече Заев по седницата на Советот за безбедност.

За германскиот весник „Шпигел“ премиерот изразува разочарување од бугарскиот став, го оценува како „апсурден и смешен“ и потсетува дека земјава направи многу изминатите три години во насока на нашиот напредок на патот кон европската интеграција.

-Можеби остатокот од Европа нема да го разбере овој спор, но  тој содржи „лоша и горчлива“ порака за иднината на Европа, бидејќи задира во фундаменталните европски вредности, како мултиетничноста и мултијазичноста. ЕУ треба да биде свесна дека напредокот на нашата интеграција е силна мотивација за нашата земја и за нашето општество. Доколку оваа мотивација исчезне, не само што ќе го успори процесот на спроведување реформи, но, исто така ќе се соочиме со раст на нов, радикален национализам, кој како што често покажува историјата на Балканот, може да се претвори во насилство, нагласи Заев за „Шпигел“.

Весникот анализира дека Бугарија со ветото за Северна Македонија предизвика уште една криза во ЕУ и прави преседан во политиката на проширување.  -Земјата гротескно го користи својот поглед на историјата како политичко оружје против соседната земја. Северна Македонија ги исполни сите технички услови за почеток на преговорите за влез во ЕУ, а поединечни земји-членки го злоупотебуваат своето право на вето во интерес на домашните националистички кампањи. Со таквите постапки сериозно го нарушуваат кредибилитетот на ЕУ во регионот на Западен Балкан, пишува „Шпигел“.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров го повтори ставот на македонската Влада, дека нема да престанат напорите за изнаоѓање решение со Бугарија, како и дека остануваме посветени на изнаоѓање излез, но само, како што рече, во рамките на тоа што е можно.

– Целосно сме посветени на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така. Не е мудро историјата да стане предмет на разговор меѓу политичарите, тоа треба да им се остави на историчарите. Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да го промениме денес и утре, рече Димитров во обраќањето на онлајн конференцијата „Земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ – Предизвици и можности за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“.

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи потврди дека Северна Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување какви било разлики со Бугарија. Остануваме  посветени на реформскиот процес и на сите останати сегменти кои се дел од нашите евроинтегративни приоритети, напомена Османи.

-Сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство, истакна шефот на дипломатијата на видео средба со членовите на неформалната пратеничка група „Пријатели на Северна Македонија” во Европскиот парламент.

Неподелен е ставот во ЕУ дека ветото им штети на сите и дека треба да се надмине до крајот на годинава, оцени министерката Радмила Шекеринска во телевизиско интервју. Ветото, смета Шекеринска, само ги засилува оние што работеле на лоши односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

-Во оваа тешка ситуација Владата го нема луксузот да се жали, туку мора да го решава проблемот. Најлесно e сега да дигнеме раце, да влеземе во нова кавга и да замрзнеме уште еден спор. Наша задача е сега да си го работиме нашето дома и тоа со позасилено темпо. Наша задача ќе биде и да покажеме дека знаеме што сакаме. Ние немаме комплекс. Тоа што сме Македонци и што говориме македонски јазик, тоа никој не може да ни го одземе и тоа покажавме дека знаеме да го зачуваме. Проблемот треба да го решиме до декември, а не да го оставаме на некоја следна влада, следна генерација или следна година, потенцира министерката, додавајќи дека проблемот е решлив ако има политичка волја во Скопје и Софија.

По повод ветото и негирањето на македонскиот идентитет и јазик од страна на бугарските власти, вчера со реакција излезе и Македонскиот ПЕН-центар.

– Со негацијата на македонската нација со веќе изграден сопствен идентитет и творештво на афирмиран јазик во светското семејство на јазици, властите на Р. Бугарија индиректно вршат дисквалификација на правото на сопствен идентитет, јазик, книжевност и култура на поединецот, но и на народот што нив внимателно ги градел, негувал и унапредувал низ времето. Затоа Македонскиот ПЕН-центар целосно го поддржува и го афирмира начелото дека „почитта кон сите јазици и култури е фундамент за создавање и одржување дијалог и мир во светот“ (начело 2) и неговите заложби и активности се целосно насочени во тој правец, наведе Македонскиот ПЕН-центар.