Заканите за премиерот итно се процесуираат; за другите може да се чека, не се толку важни

Премиерот има вип-третман, а другите политичари и новинарите се на спореден колосек. Самопрогласената елита треба да се штити


Премиерот Христијан Мицкоски во Градскиот воз кон Зелениково

 

Остри реакции предизвика процесиуирањето на човекот од кумановско Черкезе кој му се заканувал на премиерот Христијан Мицкоски затоа што обвинителството молчи или одолговлекува кога се во прашање други политичари или новинари.

„Кога неговата светост, самопрогласен шеф на новата елита, ќе добие закана на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи реагира со брзина на светлината: сторителот од кумановско Черкези е веднаш идентификуван, Јавното обвинителство експресно процесуира, а целата државна апаратура се става во функција на негова заштита. Но, кога претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, и други истакнати јавни личности и граѓани со месеци и години пријавуваат истоветни, па и уште пострашни директни закани по нивниот живот, за МВР и за судството тоа е потполно неважно. За нив нема ниту истрага, ниту притвор, ниту институционална разрешница“, реагира денеска ЛДП.

Претходно и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, остро реагираше велејќи дека пред неколку години добивал закани по живот и за семејство од лица кои ги опишува како муџахедини, но дека неговите кривични пријави биле отфрлени од обвинителка од ОЈО Скопје. „Ама еве сега Мицика го ОПЦУЛ сочно некој пијаница, и одма сега притвори, затвори, чуда, врагови… Цело МВР и ОЈО на нозе!“, наведува Апасиев.

Либерално-демократската партија во соопштението вели дека властите треба да престанат конечно да ѝ продаваат евтин ПР и теорија на јавноста дека правосудството било под нечија скроена „закрила“ или дека било заглавено од минатото. „Со ваквиот експресен вип-третман за премиерот, самите институции ни го даваат најчистиот доказ дека судството и полицијата функционираат перфектно — но само кога треба да ја штитат владината гарнитура како бели мечки и како посебно заштитен вид. Ова не е владеење на правото, ова е брутална и болна шлаканица врз обичниот човек, кој за своите маки и закани не може да дочека ниту обичен записник, а камоли правда“.

Од ЛДП додаваат дека изјавата на премиерот дека „да не бил на позиција, знаел како се решаваат вакви проблеми“ била бизарна и „соголува опасен менталитет на улична пресметка, зад кој веднаш потоа се крие целиот државен апарат. Со ова се испраќа загрижувачка порака: за самонаречената елита важат законите, казнивоста, брзата правда и идолопоклонството, додека за обичните граѓани остануваат само отворените закани и несигурноста“.

Либерално-демократската партија порачува дека ова институционално лицемерие ја премина секоја граница. „Од вакви двојни аршини и арбитражна правда на сите им е преку глава — Македонија мора да биде правна држава еднаква за сите“.

Премиерот Мицкоски зборуваше за заканите упатени кон него преку социјалните мрежи, за кои обвинителството утрово поведе постапка против 39-годишен жител на кумановското село Черкези.

„Вчера дознав за тие закани кои се напишани на социјалните медиуми од ова лице, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад, а упатил и пцовки кон мене и моето семејство“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека како претседател на Владата очекува институциите да постапат во рамки на своите надлежности.

„Јас сум сепак институција. Кога не би било ова, знам како се решаваат тие работи, но претпоставувам дека институциите си ги презеле своите надлежности и преку Министерството за внатрешни работи го обезбедиле лицето“, рече Мицкоски.

Неодамна имаше закани по живот за истакнати новинари, меѓу кои и за Ерол Ризаов од „Независен“. Следеше остра реакција на новинарските здруженија, пријава да се откријат и санкционираат извршителите, но МВР уште не успеало да го „реши овој ребус“. Не реагираше нешто посебно ниту обвинителството. Но затоа, сите институции се кренаа на нозе кога слични закани се упатени до премиоерот на ист начин – преку социјалните медиуми. Бидејќи тој е од елитата.