Партиите се уште преговараат за Изборниот законик, тврди Сали

Нема кратење или олеснување на процесот на евроинтегрирање туку само размислување за негово забрзување


Министерот за европски прашања Беким Сали изјави денес дека политичките партии се уште работат на Изборниот законик, односно дека не кренале раце иако беа блокирани преговорите и помина крајниот рок за него од Реформската агенда.  По промената во Министерството за правда има напори за усвојување на тој закон, тврдеше Сали, кој денеска одговараше на новинарски прашања на теми европска интеграција и реформи за нашата земја. 

– Вие знаете дека тој закон беше едногласно прифатен од повеќе политички фактори, да кажам политички партии кои се дел од Собранието, меѓутоа во последен момент се повлекоа две, не ги поддржаа тие измени. По промената во Министерството за правда веќе има напори за усвојување на тој закон, меѓутоа тоа е во фаза на преговори сè уште – изјави Сали. 

Прашан дали се работи нешто и на Кривичниот законик, за кој крајниот рок е декември оваа година и кој се бара во сите извештаи на ЕУ, вицепремиерот Сали одговори потврдно и посочи дека новиот министер за правда е посветен и на тоа. 

​- Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик, така што сметам дека тоа се закони кои што бараат поширок консензус и поддршка од повеќе нивоа. Министерот работи и се надевам дека ќе успее да се реализира крајната цел – подвлече Сали.

Изјавата тој ја даде пред почетокот на меѓурегионалната средба на главни преговарачи и претставници надлежни за евроинтеграција од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и од Европската комисија и меѓународните партнери. Ова е којзнае кој по ред формат преку кој Македонија соработува околу евроинтеграцијата, бидејќи другите влегуваат а ние и покрај 20 години стаж сме на почетокот. На средбата беше кажано дека Македонија и останатите држави аспиранти за членство во ЕУ мора да го забрзаат реформскиот процес преку координирана работа меѓу владите, парламентите и политичките чинители и дека исходот на референдумот во Исланд, кој гласаче против влегување во ЕУ, не треба да ги обесхрабрува бидејќи секоја земја си има различни приоритети. На состанокот, што со помош на германската амбасада се одржа во Скопје, учествуваа главни преговарачки и други преставници од земјите кандидати од Западен Балкан, плус Украина, Молдавија –   Грузија, како и преставници на Европската комисија и меѓународни партнери.

Сали истакна дека сите држави очекуваат процесот на проширување да биде транспарентен, заснован на заслуги и на реални интегративни резултати, кои придонесуваат за подобро функционирање на институциите, финансиска стабилност и поголема безбедност.

-Ние сме многу посветени на реформската агенда која е составен дел од интегративниот процес. Ги исполнуваме чекорите навреме и како држава сме подготвени за нови обврски. Имаме предложено околу 25 точки што сме подготвени да ги реализираме – истакна Сали, додавајќи дека се очекува Европската комисија да ги потврди предложените мерки или да достави дополнителни барања.

Тој нагласи дека реформите не можат да се спроведат без активна улога на парламентите и без координација меѓу позицијата и опозицијата.

 -Комуникацијата меѓу Владата, Собранието, позицијата и опозицијата мора да биде унифицирана. Само со таков пристап можеме да се надеваме на побрза реализација на крајната цел, полноправно членство во Европската Унија – истакна Сали.

Во однос на регионалната соработка, тој потврди дека на средбата присуствуваат и делегации од Украина, искажа благодарност до Германската амбасада и ГИЗ за поддршката и нагласи дека иницијативата има за цел да го забрза процесот на интеграција на деветте држави аспиранти.

-Нема кратење или олеснување на процесот, туку размислување за негово забрзување. Прашањето е дали можеме заеднички да го забрзаме процесот кој трае со години и да го реализираме за две – додаде тој околу најавите за реформите околу проширувањето што ќе бидат презентирани од еврокомесарката Марта Кос на 30 септември. 

Во врска со најавената турнеја на претседателката на Европската комисија, Сали потврди дека Урсула фон дер Лајен се очекува на почетокот на октомври да ја посети земјава во рамки на нејзината турнеја низ сите држави од Западен Балкан, но не кажа какви се неговите очекувања од неа.